25.000 потпишале петиција на Ѓоковиќ да му се дозволи да игра, УС Опен и официјално го одби

По неколку неделни нагаѓања сега е веќе извесно дека 7-от тенисер на светот според ранг листата, нема да се појави на американскиот Гренд Слем.

И покрај тоа што околу 25.000 лица потпишаа онлајн петиција на познатата платформа change.org со цел на Новак Ѓоковиќ да му се дозволи настап на УС Опен, организаторите и здравствените власти стојат на истиот став.

Гренд Слемот во САД се игра од 29 август до 11 септември.

„УС Опен не воведе задолжителна вакцинација за своите учесници, но ќе ја почитува одлуката на Владата на САД која се однесува на влез во земјата за невакцинирани неамерикански државјани“, соопштија организаторите на американскиот Гренд Слем.

Новак Ѓоковиќ кој неодамна на Вимблдон на фуриозен начин го освои својот 21. Гренд Слем трофеј во кариерата повеќе пати повтори дека не сака да се вакцинира против коронавирусот.

Српскиот тенисер заостанува 1 Гренд Слем трофеј зад Рафаел Надал кој има 22, а Роџер Федерер има 20. Новак Ѓоковиќ во јануари имаше сериозни проблеми при престојот во Австралија каде тамошните власти го приведуваа и држеа во карантински притвор.

По големиот хаос што се случуваше во Мелбурн, Ѓоковиќ во интервју за БиБиСи изјави дека и по цена да ги пропушта турнирите, решен е да го задржи својот невакцинален статус. Тој ги пропушти и другите американски турнири како Индијан Велс и Мајами Опен поради тоа што не е вакциниран.

21 јули 2022 - 10:41