ЖРК Вардар му го зема скалпот и на Мец

По големиот триумф над европскиот првак Будуќност на гости, ракометарките на ЖРК Вардар го совладаа Мец и стигнаа до одлична серија од седум победи во низа во Лигата на шампионите.

Вардарки имаа достоен противник само едно полувреме, а францускиот шампион беше најавуван како незгоден противник на гости. Но така не беше во салата Јане Сандански која е тешка тврдина за освојување.
 
Првите 20 минути преовладуваа со неизвесен ракомет во кои се играше најчесто гол за гол, а резултатот беше во егал. Со голот на Пенезиќ Вардар конечно поведе со +2, а по седум минути Александра Лакрабере зголеми на +3.
 
Во првиот дел ЖРК Вардар не делуваше убедлив и претежно нападите ги завршуваше преку индивидуални акции и без разновидна игра и вкрстувања. Давид Дејвис го почна мечот со втор тим и потоа правеше хокеарски измени.
 
На пауза замина со предност од 13:11 и потоа за четири минути игра во вториот дел стигна серијата од 3:0 за 16:11. Сите три погодоци беа дело на Сања Дамјановиќ. Вардарки имаа контрола над играта и резултатот, а во 42 минута преку Алтхаус стигнаа до највисоки +6.

Кога во 53 минута на семафорот стоеше 22:17 избраничките на Дејвис мислеа дека мечот е завршен и почнаа да прават многу технички грешки, а Французинките направија серија од 4:0 и ја вратија неизвесноста.
 
Последната минута донесе голема драма и Вардарки за малку ќе направеа од готово вересија. Лакрабере промаши пенал за +2, а гостинките имаа напад за израмнување кој не го искористија. Јованка Радичевиќ ја собра топката и од средина на терен погоди за конечни 23:21.
 
Најпрецизна ракометарка беше Дамјановиќ со 5 погодоци, Лакрабере постигна 3, а Алтхаус 3. Лејно беше одлична со 11 интервенции.
 
На 12 февруари македонскиот шампион му гостува на Турингер.
4 февруари 2017 - 19:02