Вардарци одлично го почнаа мечот и по 7 минути играа имаа водство од 7:3. Ракометарите на двете екипи наметнаа брзо темпо со брзи голови и многу кратки напади и контри.
Одбраната беше во втор план на овој натпревар во кој имаше дожд од голови, а голманите имаа мал број на одбрани. Вардар го имаше мечот под контрола и одржуваше водство од највисоки +6 во првиот дел кој за прв пат ги достигнаа во 16 минута.
Но Швеѓаните профитираа од нашата слаба одбрана и на крајот од првото полувреме се доближија на -2. Во првите 30 минути дури 10 играчи на Вардар се запишаа на листата на стрелци, а најпрецизни беа Македа и Циндриќ со по 4 голови. На пауза беше 21:19.
Кристијанштад не се предаде и во второто полувреме и успеаше да се држи на два до три гола негатива. Најголемата неизвесност на мечот ја донесоа во 50 минута кога за прв пат стигнаа на -1 и го натераа Раул Гонзалес на тајм аут.
На 2 минути до крајот Манасков промаши пенал при водство од +2, а гостите уште еднаш успеаа да стигнат до -1 и да внесат немир меѓу навивачите во Јане Сандански. Во следниот напад погоди Циндриќ, но возвратија и гостите.
Гонзалес свика уште еден тајм аут на 30 секунди до крајот и во последниот напад Горбок стави печат на мечот за конечни 38:36. Лука Циндриќ беше најпрезицен со 8 голови, пред Горбок кој средбата ја заврши со 7.
За Вардар ова е седми триумф по 12 кола и со 14 бодови останува на петта позиција во групата. На 28-ми февруари му гостуваа на Пик Сегед.