Од автобиографијата на Кире Лазаров „Секогаш на победа“ (7 дел)

Сиудад Реал, клубот во кој Кире се препородил и посакал да може некој да го клонира

Шпанскиот систем во Сиудад Реал, за Лазаров бил како откривање на нов континент. Мислел дека до 29 години знаел сè за ракометот, а уствари ништо не знаел, вели тој. Душебаев до толку водел сметка за стабилноста и мирот на играчите, што имал тактика и како да им ги направи жените среќни. Раул Гонзалес добил задача од Талант да ги снима грешките на Кире на тренинзи и потоа да го научат како да ги поправи. Се работело со помал напор кој давал поголема ефикасност, а не комунистички како во Веспрем. Во првата сезона им земале три пехари на Барса.

Кога видел што е Сиудад Реал, Кире сфатил дека цело време бегал од нешто што е за ниво повисоко, во однос на тоа што го имал. Со овој памет вели дека и пешки би тргнал за Шпанија.

„Заминувањето од Загреб значеше и излегување од една лоша атмосфера. Медиумите создаваа притисок. Ивано беше број 1, хрватска легенда и не ми паѓаше на памет да се борам за тој статус. Меѓутоа, тоа стално се поставуваше како теза дека ние двајца не можеме еден со друг. Тоа го сфаќав трагично. Немав поим дека во новата средина ќе се препородам. Кога некој ми можел да го клонира Сиудад Реал негде. Да се направи copy paste“.

СЕГА ЗНАМ ДЕКА НИШТО НЕ ЗНАМ

Првото утро на состанок во Сиера Невада, Арпад Штербик се најде во улога на преведувач. Ми се чинеше дека Талант мислеше дека сум препотентен. Тоа е вообичаено мислење на луѓето кои не ме имаат запознаено. Стекнав впечаток дека тоа го одбиваше и порано за да започне соработка со мене. Ме почитуваше, ама беше претпазлив. Во составот на трикратниот шампион на Европа имаше доста силни карактери. Со нив требаше да знаеш како.

Презентираше како ме гледа во екипата и што тие работат. Арпи тоа убаво ми го објасни. Ги пројдов подготовките со Загреб, волјата и желбата не беа спорни, ама после месеци исчекување бев психички истрошен.

Првиот тренинг ми стави до знаење дека ова ќе биде нешто сосема ново. Неверојатно. До својата 29 година, мислев дека сè знам за ракометот. Беа доволни два тренинга со Сиудад Реал да сфатам дека ништо не знам. Тоа беше тотално нов почеток. Талант и шпанскиот систем. Сите тие нови работи едвај чекав да ги научам. Поминав многу во кариерата, работев со Червар и Зовко, освојував трофеи со Загреб и Веспрем, клубови кои нешто значат во европскиот ракомет, а потоа конечно сфатив дека постои нешто поинаку.

После неколку дена добив одговор на прашањето кое си го поставував со години во моментите на разочарувања после европските порази. Зошто губевме од Барса, Сиудад и Портланд? Се сеќавам како само се куражевме пред натпреварите со нив. Го следевме распоредот на АСОБАЛ верувајќи дека ќе се уморат играјќи најквалитетна лига на светот, ама не знаевме дека тој систем е потполно поинаку поставен. Систем во кој како да се трудиш, а сè ти оди од рака и сè лета околу тебе, систем во кој победуваш и одиш понатаму. Кога ќе изгубиш, знаеш зошто си изгубил. Тоа беше нов континент за мене.

ПРОМЕНИ

Првите неколку недели живеевме во хотел. Една соба, две деца, многу работи секаде наоколу во собата. Во клубот ме чекаше нов систем, докажување, а во собата многу семејни обврски кои ми ја трошеа енергијата. До доаѓањето во Шпанија мислев дека сум добар и дека многу тренирам. Делував затегнато и истрчано во било кој дрес и со било кој да сум работел и во Загреб и во Веспрем. Основната дефиниција на пораз во тие средини беше секогаш иста.

„Не сте доволно спремни физички“.

Кога се губеше, остануваше уште посилно да се удри по физикалиите. Ме поштедија на првиот тренинг во Сиудад, ама беше доволно за да осетам како е сето тоа кратко, а експлозивно. Тоа за мене беше шок. Дојдов подготвен во својата глава, го поминав пеколот на Рогла и тогаш сфатив дека сум меѓу најслабите што се однесува за трчање и тегови?

Брзо укапирав дека ќе морам да ја стигнам екипата по тоа прашање. Жером Фернандез, Виран Морос, Алберто Ентрериос и останатите беа баш јаки фраери. Почнав да се одбивам од нив, а не бев мал. Неколку месеци пред тоа, го прославив 30-от роденден. Се одбивав во дуелите и се прашував.

„Па што е Кире? Каде си бил и што си правел последниве 10 години?“

Брзо увидов каде е проблемот. Ја спуштив главата, ги отворив ушите и се трудев да го впијам сето она што доаѓаше до мене. После симнувањето од шпанската планина, знаев што ми недостасува. Имав голема поддршка од Талант и Раул Гонзалес. И тие видоа, како и јас, дека заостанувам. Им бев од корист во шутот, во играта 2 на 2, во прегледот на играта и донесувањето на одлуки во одредени ситуации. Имаа трпение. 

Раул доби задача од Талант да ми прави видео клипови и да ги исправува грешките. Бев среќен како мало дете. Знаеа дека морам да доживеам промена. Со должна почит кон моите претходни клубови, желен за знаење, повторно морав во ракометната школа. Едвај чекав да ме повикаат на консултации како да имам 18 години. Така и се поставив. Бев ученик кои некои работи не ги знаеше. Благодарен сум им. Фала му на Бога што ми се пружи шанса да работам со нив. Не ми требаше многу за да сфатам зошто Сиудад три пати ја покори Европа, а пред тоа Барса и Памплона.

Таа работа не беше убивање. Тоа беше малку напор со многу ефикасност. Не верував дека нешто такво постои. Во краток временски период може да се направи сè, да им се презентира на играчите најважното и да се види што тие можат од тоа да изнесат. Нашата школа тоа ни до денес го нема сфатено. Го разбирам ставот дека сме најдобри на свет, ама кој и да влегол во шпанскиот систем ја симнал капата пред нив. Да се биде со нив, а не против. И стварно сум бил будала кога не сакав да заминам од Загреб. Без оглед на сите приказни за сонцето, кафето, опуштениот шпански начин на живеење, ракометно таму не се гледав. А требаше...

ПОЛЕКА ВО СИСТЕМОТ

Во системот полека ме воведуваа без повишени тонови. Не можев да осетам некаква негативност или нестрпливост. Кај нас тоа сè се завршуваше со коментари:

„Па што правиш, немаш поим, гледај како напаѓаш?“

Тоа лето игравме турнир во Добој. Иако свесен дека не сум во добра состојба, Талант на секој натпревар ми даваше повеќе минути од очекуваните. Виде дека ми е потребно време. Ме одреди за изведувач на седмерци за да ми се подигне самодовербата. И кога ќе промашев еден, па дури и два, ми даваше и по трет пат да шутнам само за да се опуштам. Ми стави до знаење дека сум му потребен. На тој начин ме придоби. Ми најде место на крај на одбрана за да трчам на измена. Така и учествувам во транзицијата со добар преглед на играта.

На почетокот на сезоната немаше некоја минутажа, ама со самиот влез во системот беше сè подобро и подобро. Физичкиот недостаток го смалував со работата со поголеми тежини во теретана. Дури и се криев од тренерите за да можам да надокнадам. Беше тешко да се носиш на тренинг со Динар, Абало, Агинагалде, Ентрериос и екипата.

Работа на тактичките финеси мораше да биде проследен со физички напредок. Во втората половина на 2010/2011 сезона, веќе сè беше на свое место. Минутажата во АСОБАЛ лигата беше поделена, ама фокусот беше тие 15-20 минути по полувреме. Позади себе го имав Гвардиола, а подоцна и Бараше. Во најбитните натпревари, како времето одминуваше играв по 40-45 минути.

БАРСА МОРА ДА ПАДНЕ

Првиот судар со Барса беше во борбата за Супер Купот во Севиља. Талант уште веднаш ни рече:

„Оваа година сите зборуваат дека сме во пад. Значи мораме сè да освоиме“.

Беше јасен. Направи спортски притисок. Сè поминуваше лесно во тренажниот процес, ама се знаеше дека мора да се победува. Ја добивме Барса. Ги добивме и во Купот на Кралевите, ама и во првенството. Им ги земавме сите три пехари, ама останавме без титула. Изгубивме во Сиудад со два гола, а Канељас ја погоди стативата во Блауграна што пресуди 10 секунди пред крај. Да ја погодеше, ќе победевме со два гола и ќе го освоевме АСОБАЛ.

Таа прва година од нив изгубивме во финалето на ЛШ во Келн. Останавме кратки за гол во првенството. Освоивме три Купа во Шпанија. Пораката беше прецизна:

„Барселона мора да се победува“, посебно во Блауграна.

Имавме страшна екипа која брзо ме прифати. Чема Родригез одличен на среден бек и најдобриот пивотпем на светот Агинагалде. Што и да си му фрлил, тој ќе фати. Челична одбрана со Динар, а ако и нешто би поминало, Штербик чекаше.

ТАЛАНТ „КРАЛ“

Талант е голем навивач на Реал Мадрид. Тука се обавезно клупските влечки и маици. Не пропушта прилика да покаже колку му значи клубот. Првото искуство на играње фудбал на тренингот на Сиудад Реал беше врзан за поделбата на екипата на оние кои навиваат за Барса и Реал. Тој секогаш игра за Реал.

„Кире мораш да кажеш за кого си. За Барса? Е тогаш слободно пакувај ги куферите и врати се од каде си дошол. Ова ти е голем минус“, зборуваше гласно за да слушнат сите во салата.

Иако беше шега, не ми беше сеедно. Соиграчите кои ова веќе го поминале пред мене, паѓаа од смеење околу мене.

„Па добро, го сакам шпанскиот фудбал..“, се обидував да се извлечам некако.

Со време се навикнав на прозивките. Сакаше Талант да ја победи Барса, повеќе од сè на светот. А јас го избегнував фудбалот на тренинг. Фудбалот е идеална шанса за повреда за нас ракометарите. Но сепак ракометарите го сакаат фудбалот. Најдобри фудбалери кои сум ги среќавал низ кариера беа Виктор Томас, Валеро Ривера и Злаја Хорват.

ДЕСНА РАКА НА ТАЛАНТ

Раул Гонзалес не се истакнуваше премногу покрај Талант. Тој е самозатаен. Голем познавач е на работите, ама не е целосно отворен. Знаеше многу да покаже на видеото, да исправа и да сугерира, ама не се мешаше премногу во талантовиот дел. Дали заради почитта или договор, сепак талантовата беше последна.

Не му дозволуваше многу да работи одвоен од него. Ратко ги водеше тренинзите самостојно, 2-3 пати во текот на сезоната, баш кога Талант бил спречен. Не бевме баш најсреќни со оглед на тоа дека е желен за работа, знаеше многу да бара. Со првиот тренер полесно поминувавме. Немаше сомнеж дека ќе биде врвен тренер. Тоа се гледаше и по индивидуалните и по колективните сугестии во текот на видео сесијата. Тој беше битна алка во системот на Душебаев кога со години сè освојуваше. Јас подобро него го запознав во текот на селекторскиот мандат во Македонија. Тогаш стекнавме многу поотворен однос.

„КУПЕНА“ ЖЕНА - ЗАДОВОЛЕН ИГРАЧ

Надвор од теренот, Талант беше еден од нас. Се дружеше со нас и нашите семејства. Знаеше да ги повика жените на сите играчи и заедно со својата сопруга да организира журка во нивната куќа.

„Вечерва е наша ноќ. Оставете ги мажите, нека ги чуваат децата, а ние одиме на зезање“, им зборуваше на жените на своите играчи. Тоа обично се практикуваше ноќ пред некој натпревар.

Нашите жени на чело со неговата Олга супер си поминуваа. Олга била репрезентативна на СССР. Требало да игра на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, ама се одлучила на проширување на семејството со раѓањето на синот Алекс кон крајот на таа година. Таа го познава ракометот и психологијата на играта. Многу е битна во целата структура на успехот. Тие функционираа како вистински тим.
 
Талант ја водеше забавата, подготвуваше храна, правеше коктели за 20 жени, играше и анимираше. На крајот тој и Олга со своите автомобили Panamera и Caen во раните утрински часови ги развозуваа по куќите ширум Сиудад Реал поднапиените сопруги на играчите. А играчите во тоа време одамна спиеа со цврст сон. После таквите забави, тој влегуваше во соблекувалната и состанокот пред натпреварот го започнуваше со зборовите:

„Дечки, се надевам дека слушнавте како супер си поминавме. Жените малку ви се напија, ама добро, тоа сега не е важно. Најважно е дека вие сте наспани и подготвени за натпреварот. Така?“

Има Талант смисла за хумор. Специфичен, ама добар. Сака убав живот. Секогаш со него си начисто. Еден и еден се два. Иако е роден во системот на СССР, тој во целост го има прифатено шпанскиот начин на живот. Од друга страна пак, останат е Русин во многу нешта. Зборуваше како било во војска и каков дрил таму имал. Тоа малтретирање го направило да е нескршлив.

Ефектот кој го постигнал, направи да не си смеел да кажеш нешто против тренерот ни во сопствената куќа. Кога некој играч би почнал да се жали на својата сопруга заради тренерот, обично би бил прекинат во половина реченица.

„Ма тренерот ти е најдобар на свет. Не го критикувај човекот. А зошто е најдобар? Затоа што со него се забавувавте до сабајле секој втор викенд? Затоа е најдобар. Дојди да видиш како е на тренинг секој ден, тоа ништо...“

Така отприлика течеше конверзацијата тие години во куќите на Сиудад Реал. Жените беа „купени“. Тој знаеше дека тие се многу битни за мирот и стабилноста на секој играч. Тоа е одлична фора и таа треба да се применува.

ЕДНА ФАМИЛИЈА

Дружењето беше неверојатно. Секое слободно претпладне, ама секој момент беше искористен. Сè беше одлично организирано. Како играч на Сиудад Реал немаш чувство дека имаш жена и деца. Тие веќе се имаа меѓусебно договорено и поминуваа време во градот или по куќите додека мажите им беа на тренинзи и на натпревари. Моите се враќаа точно на време кога се враќав од тренинг. Додека не бев со нив, тие сепак поминуваа време во смеа и дружење. Сите беа среќни и задоволни. Семејствата беа поврзани на еден феноменален начин. Многу играчи имаат проблеми со жените и нивното вклопување во средините во кои тие играат. Затоа Сиудад Реал е едно неверојатно искуство. Штета што клубот се распадна, бидејќи беше за пример како треба да се функционира. Сите бевме презадоволни. Затоа кога си на терен, се знаеше дека не смееш да изневериш. Нема шанса. 

Комунистичкиот тренажен систем во Веспрем, комотниот живот со балканци и првиот заработен стан

15 јули 2022 - 15:39