Од автобиографијата на Кире Лазаров „Секогаш на победа“ (6 дел)

Комунистичкиот тренажен систем во Веспрем, комотниот живот со балканци и првиот заработен стан

Лазаров во Унгарија со соочил со исцрпувачки тренинзи по кој јадел како за 3-4 оброци и секоја пролет се соочувал со мускулна повреда. Од друга страна, почнал добро да заработува, со Штербик, Голужа и компанија не излегувале од ресторани, а го купил и првиот стан во Скопје. Веспрем е клубот каде најдолго се задржал во кариерата (2002-2007), а кога станал најдобар стрелец во ЛШ, бил скришно на разговор кај газдата на Сиудад Реал, ама веднаш и откриен.

ЗОВКО

На тренингот беше многу напорно, ударнички, комунистички што би рекле некои. Клубот него го притискаше, тој тоа го пренесуваше на играчите. Мораше да се обработи секој тренинг дури и кога беше време за одмор. Важно беше да се види дека е обработен. Грешка. Мускулните повреди не беа реткост.

Многу се работеше. Таков тип на тренер е. Клубот форсираше индивидуален учинок и бараше стрелци. Бев многу дрзок и безобразен што се однесува до тоа. Сите играчи знаеја дека ќе бидат ценети и платени ако рубриката со голови им биде полна. Од денешна перспектива, огромна грешка. 

Играчите се осетливи. Нашата кариера е создадена од многу емоции. Тренерот мора да биде добар психолог за сè тоа го сложи во колектив. Тоа не беше случај со Веспрем.

За време на натпреварите, Здравко беше многу нервозен. Темпераментен. Таков човек е, работи на адреналин. Знаеше да одреагира и не само јас кога бев во прашање. Бев спремен, како и секогаш во текот на кариерата, да ризикувам, шутирам кога е битно, некогаш и од полушанса. Знаев да покажам недисциплина што произведуваше бурна реакција кај него. Не му реплицирав. Ја респектирав институцијата тренер.

Меѓутоа потребно е да се има поинаков пристап. Тренерите кои подобро ме познаваа, извлекуваа повеќе од мене. Сите добивавме повеќе низ подобра соработка. Не велам дека некогаш и не бил во право. Бев млад. После тренингот и натпреварот беше како ништо да не се случило.

Неговата сопруга често беше медијатор во праќање пораки. Здравко беше тврд, недостапен стар ков на тренер. Не ги разбираше играчите, а некогаш треба да се сфатат и да им се даде нешто. Тоа беше посилно од него. Таков однос имаше со сите. Ќе експлодираше, а потоа ќе се смиреше. Во свое време беше многу квалитетен, еден од тренерите кој беше на цена. Многу направи со Загреб. Во Веспрем исто така направи многу освојувајќи многу титули. За тоа колку го респектираат говори фактот дека и 15 години подоцна, тој работи во унгарскиот ракомет.

СИЗИФОВА РАБОТА

Во Пелистер и Веспрем се тренираше по стар систем, два пати дневно до граница на можно и невозможно. Некој тогаш да ми кажеше дека постои нешто поинаку и подобро, можеби денес ќе бев подобар играч. Но такво уверение преовладуваше, дека само газење се признава. Беше тоа тренажно камено време. Многу подоцна увидов дека сум тренирал на погрешен начин.

Толку многу трениравме со Зовко во Веспрем, што секој март или април добивав мускулна повреда. Со поминувањето на времето, востановив дека истите доаѓаат од умор и претренираност. Просто невозможно е постојано во вториот дел на сезоната да ми пука листот, квадрицепсот или задна ложа. И да знаев дека постои некој друг систем на тренинг, тешко би му го променил мислењето на тренерот. А да забушавав, би ме истерале од клубот.

Бев осуден на физичко и психичко малтретирање кое поттикнуваше уверување дека наредната сабота ќе одиграме лош натпревар само затоа што тренингот траеше 2 часа и 10 минути, а не 10 минути подолго. Во тие 10 минути, по мислењето на сите, тоа беше суштината на се. Дали ќе победиш или изгубиш? Така сите мислевме и верувавме во тоа.

А потоа после тој напор заминуваш дома, се најадуваш одеднаш како за 3-4 оброка бидејќи си мртов гладен и изглегува дека фрлаш сè во вода она што си тренирал. Некои други правеа многу поинаку, а сепак пак напорно. Воведуваа нови методи, го иновираа тренажниот процес и така не пристигнаа. Денес тренажниот процес е нешто друго. Тренираш помалку, а во подобра форма си. Јадеш помалку, ама поквалитетно.

Многу време изгубив во тој тренажен систем. Така беше и со останатите. Некои порано доживееа промена во своите кариери. До некои 26 - 27 години играв на сила и на младост, а потоа почна фаза која подразбираше подруг пристап и повеќе користење на главата во сето тоа.

„Кире си изгубил 6-7 години. Требаше со помалку сила, а со повеќе памет“, често знаев самиот на себе да си кажам.

Од друга страна пак, да не го поминав тој класичен дрил, да освоев сè што можеше да се освои во некои порани години, можеби не би траел волку. Да дојдеше пехарот во ЛШ порано, можеби одамна ќе бев во пензија. Факторот на самозадоволство во спортот е опасна работа. Тешко се задоволувам. Секогаш има нешто пред себе што ме мотивира да одам уште понапред. „Сè во свое време“ е веројатно вистинскиот заклучок.

БАЛКАН ДРУШТВО

Веспрем беше и остана место за средба на играчи од поранешна Југославија. И тогаш, а и денес, играчи на заеднички јазик дишат и играат заедно. Имавме свој кафиќ. Јова (Божидар Јовиќ), Голужа (Славко Голужа) и Лепи (Арпад Штербик) стануваа буквално во 6 наутро за да го отворат кафиќот. Приказната беше стандардна, да се испие кафе и да се прелистаат весниците. Заработувавме големи пари за унгарскиот стандард. Можевме комотно да живееме. 

Не излегувавме од рестораните, бидејќи цените ни беа мошне достапни. Многу пати и претерувавме. Некогаш требаше и дома да се зготви, ама тоа беше реткост. Одевме на Балатон. Во Балатонфиред имавме ресторан каде сите се собиравме. Семејствата добро ни се сложуваа и се дружеа. Бевме заедно и во добро и во зло. Хрвати и Срби заедно. Подоцна дојдоа и Периќ, Вујин, Лапчевиќ, Шешум, Жарко Марковиќ.

ЗАСЕДА КАЈ ДОМИНГО

И второто мое полуфинале во дресот на Веспрем го изгубивме од Портланд Сан Антонио со Балиќ, Хвит, Лозано, Гаралда, Николиќ. Четврта сезона во низа во која шпанските клубови не исфрлуваа од Европа. Останавме пократки за гол. Дома славевме 29:27, а таму бевме поразени со 32:29. Во таа сезона 2005/2006 немавме така силна екипа, па ова беше одличен резултат. Беа тука Перез, Шола, Еклемовиќ, Мирхол итн. Останавме без Џомба и Штербик кои се приклучија на дрим тимот во Сиудад Реал.

Таа сезона ја завршив како најдобар стрелец на ЛШ. Беше обичај најдобриот стрелец да учествува на ждребот за наредната сезона каде и ја примаше наградата за своето достигнување. Сиудад Реал, како шампион организираше церемонија во Дон Кихот Арената. Чаба не сакаше сам да ме пушти на пат. Поучен од искуството со Штербик и Џомба кои ми отидоа во правец на Шпанија, се плашеше дека нема да бидат последни. 

Тргнавме заедно на пат. Штербик веќе порано ми рече дека клубот е заинтересиран за мене. Арпи и Чаба беа многу добри, ама односот се залади кога овој одлучи да замине во Шпанија. Сиудад таа сезона ја освои првата европска титула. Неверојатна екипа. Талант ме сакаше.

„Слушај, кога ќе заврши сè, одиме во канцеларија, Доминго сака да те види“, ми рече пред ждребот.

Отидов за да го испочитувам познатиот претседател на Сиудад Реал, Доминго Диаз, најголемата ракометна мецена тие години. Во таа некоја гужва после ждребот, Штербик ме повлече, финтаџиски го избегнавме Чаба и се упативме накај канцеларијата која беше во салата.

„Размисли, ние те сакаме овде“, беше заклучокот од разговорот. Многу поинтересно беше пред канцеларијата каде ме чекаше Чаба. За оние кои не знаат за кого пишувам, се работи за човек од 160-170 кг, кој често пати изгледа како мало дете кои ги држи рацете вкрстени на задница. Тој поглед кога ја отворив вратата од канцеларијата, нема никогаш да го заборавам. Беше ладен, а истовремено гореше.

„Што правиш ти во канцеларијата на Доминго Диаз?“

Се обидував да му објаснам дека не станува збор за никакви преговори, туку дека сакав да ја испочитувам поканата од страна на домаќинот. Ама тој не сакаше ниту да ме чуе, ниту да ме сфати. До Веспрем збор не прозбори со мене. Се плашеше дека ќе му се распадне екипата со моето заминување во Сиудад. Не можеа веќе да ги следат. Беше свесен за тоа. Веќе ги изгуби Мирза и Арпад.

Што се однесува до мене, чувствував дека ми е рано. На сето тоа, Сиудад имаше три играчи на моја позиција, а во Веспрем играв 60 минути. Играњето ми беше приоритет во кариерата. Сиудад имаше играчи за извоз, 20, 22, а беа во состав 14. Имав 26 години, ми беше битно да играм. На млад играч тоа му е најпотребно, па и кога е слаб, формата ќе дојде низ паѓање и станување.

Чаба беше лут, ама немаше причина за тоа. Како и за Барселона, јас не бев спремен за Сиудад Реал во тој момент. Неверојатно, ама и едниот и другиот клуб, судбински беа моја дестинација подоцна. Од судбината не се бега. Најважно е одлуките да бидат исправни во вистински момент.

ПАРИ

Првите сериозни пари ги заработив во Веспрем. Од 200 германски марки колку изнесуваше првата стипендија во Борец од Велес, преку 400 марки во Битола со обезбеден стан и храна, неколку години подоцна кариерата ме доведе во позиција да почнам одлично да заработувам. Што се големи пари? За некого тоа е 100, за некого 1.000, а некому не му се доволно ни 100.000 евра.

Парите никогаш не ме понесоа. Тоа беше само потврда дека сум квалитетен во она што го работам. Останав нормален. За тоа придонесе и моето окружување. Имав среќа па друштвото во Веспрем беше збир на искусни играчи кои немаа потреба да се потврдуваат преку беспотребно трошење на пари. Сите тие момци беа финансиски остварени, а овие што доаѓаат како Ратко Николиќ или Иван Лапчевиќ не претеруваа во тоа. 

Од соиграчите можев да научам како треба да се однесуваш кога ќе достигнеш одредено ниво. И ракометно и материјално. Бев во такво окружување, каде арогантноста беше неприродна. Имаше преголем простор да се потрошат пари без вистинска причина.

Тоа не значи дека не излегував онака како и сите млади луѓе. Се забавував во Будимпешта и Балатон со Кубанците Перез и Диаз, Ѓула Гал и други. Сето тоа беше во рок на службата. За целиот тој стрес и притисок, мораше да се најде вентил. Тоа беше начин малце да се опуштиме. Како и сè во животот, најбитно е окружувањето. Сакал, не сакал, тој те насочува и определува. Како што е битно во какво друштво си како дете во школо, така е важно и подоцна во животот.

Друштвото мене не ме водеше на погрешен пат. Сите мои инвеститори се сведуваа на тоа да можам убаво и квалитетно да го поминам времето надвор од ракометната сала. Имав одличен автомобил. Купив стан во Скопје. Родителите беа против.

„Што ќе правиш во Скопје? Го имаш Свети Никола, па овде купи стан“.

Родители како родители, веројатно се плашеше дека ќе се раздвоиме уште повеќе и дека животот во Скопје е нешто за што не сум подготвен. За мене меѓутоа, беше нормално како млад човек и спортист да имам живеалиште во престолнината. Купив став, иако тие не беа најсреќни. 
Никогаш не бев растрошен. Се забавував со друштвото, ама тоа се сведуваше еднаш - два пати месечно. Тоа го сфаќав како промена на воздухот, начин накратко да не размислуваш за ракометот, како си одиграл.

Никогаш не ми бил императив да трошам најмногу само затоа што имам најдобар договор. Ако нешто многу ми се бендисуваше, тоа го купував во секунда, ама ако нешто не беше по моја мерка, никој не можеше да ме наговори. Многу битен фактор секако беше и сопругата. Љубица ме следеше во текот на целата моја кариера и со неа го воспоставив тој неопходен баланс. Партнерот е исклучително важна фигура во животите на сите спортисти. Најдобро е тоа да биде некој кој ќе ти биде и жена за целиот живот.

Кога си сам, бараш некој да поминуваш време, славиш победи и тагуваш во поразите, а така и новчаникот се смалува. За еден спортист е многу битно да најде мир. Некој да е со него. Да постојат и други животни теми. Тоа е битно и не само кога ќе дојдат парите, туку и кога ќе дојде популарноста и славата. Неприродно е да ги викаш родителите цимери. На подолг период, тоа не е тоа.

БЛАГОЈЧЕ

Станав татко на 25 јануари 2006-та. Љубица беше во последните денови од својата бременост кога се погоди со моите натпревари во претквалификациите за СП 2007 во Германија. Благојче дојде на свет, а како е обичај, направив добра фешта во кафаната Боними покрај Соборната црква во Скопје. Ги молев тренерите на клубовите во кои играа репрезентативците да ги пуштат за да можеме заедно да прославиме. 

Неколку дена порано завршивме со репрезентативното собирање. Ден-два подоцна ме чекаше патот за Веспрем. Ги видов синот во болница, ама не дочекав да го однесам дома. Моите родители ја сочекаа Љубица и внукот и ги однесоа во Свети Николе.

После некои 15 дена, се видовме на српско унгарската граница на Хоргош. Дојдоа со комбе на татковиот пријател. Ја поминав границата за да ги превземам жената и детето, ги преместив работите од комби во автомобил. Така започна вистинскиот семеен живот во Веспрем.

ОДАМ И СЕ ВРАЌАМ

Поминав сè со Веспрем. Ми здосади тоа што не можевме до финале. Шпанците беа непремостлива пречка. Во последната сезона, Кил не исфрли во четвртфиналето. Екипата се мачеше. Се чувствував некако монотоно во градот. Се исто, луѓе, навивачи, тренирање, испаѓање од европа, разочарување, домашни титули, се некако се повторуваше. Исти работи се случуваа од година во година.

Професионализмот постоеше, ама сите играчи полека запаѓаа во тој некој шаблон на опуштање, излегување, зафрканции и премногу лежерност. Чувствував дека нема повеќе тука што да барам, дека не можам ниту подобро, ниту повеќе. За кратко после моето заминување се случи и трагедијата со Ромацесот Мариан Козма кого го убија пред кафиќот. Таа страшна вест ме затекна на подготовките во Загреб.

Почувствував дека нешто мора да сменам. Ми беше потребен нов импулс, нешто предизвикувачко каде ќе морам наново да се докажувам. Пет години е долг период. Никаде не останав подолго од тоа. Ако ти е убаво, ако си успешен и ценет, тогаш пет години е некој максимум. Инаку предолго е.

Ќе направев грешка да останев. Само би назадувал. Последните години дури не бевме ни шампиони. Изгубивме од Пик Сегед во финалето на плејофот кој не го одиграв заради повреда. Во последната сезона клубот не играше ниту во ЛШ. Го освоија Купот на победници на Куповите.

Одлуката за враќање во Загреб ја донесов порано. Претчувствував дека нешто не е во ред. Целата кариера играв во ЛШ, ама тогаш како да намирисав дека нема да играме. Партиите ми беа на високо ниво, ама се осеќав некако разочарано заради сталните елиминации од Шпанците. Осеќав дека ова не е врвот и дека некаде се работи поквалитетно. Се преиспитував што може да се направи подобро, како да се подготвам поквалитетно, ама не сфаќав дека суштината била во стратегијата. Шпанците беа помоќни. Воспоставија доминантен систем. Веспрем некои работи не ги пронајде ни до 2021 година.

ВРАЌАЊЕ ВО ЗАГРЕБ

Системот беше таков што Филип Сердарушиќ практично работеше за Чаба како менаџер на Веспрем. И да имало понуда за мене таа сезона, не би го препознал тоа, затоа што тој беше поврзан со клубот. Останав во пријателски односи со Загреб. Тие почнаа да се дигаат после години на стагнација, ми се јавија и ми рекоа дека сакаат да прават проект во кој ќе ги соберат најдобрите бивши играчи.

Не заборавив како е убаво да се игра ракомет и да се живее во хрватската престолнина. Проект? Не размислував за друга опција. Ќе направиме нешто повеќе и ќе биде многу подобро отколку што било. Тоа ми беше во глава. Џомба потпиша. Тоа беше знак дека нешто сериозно се придвижува подобро. Бори стигна од Барса.

„Чекај Кире, ова мора да е сериозно“, с зборував на глас. Пристигна и Тончи Валчиќ, тука беа и младите Бичаниќ и Дувњак, Владо Шола, Година подоцна дојде и Ивано Балиќ од Шпанија. Во Веспрем можев да останам, понудата за продолжување беше актуелна, ама се одлучив за многу послаб договор во Загреб. За колку? Во проценти тоа беше 25-30. Му реков на Чаба дека одам во Загреб. Парите не беа мотив. Сè останато беше мотив.

Лазаров од Веспрем добил за подарок BMW 320, ама го криел во Загреб пред да се официјализира трансферот

8 јули 2022 - 14:40