Од автобиографијата на Кире Лазаров „Секогаш на победа“ (5 дел)

Лазаров од Веспрем добил за подарок BMW 320, ама го криел во Загреб пред да се официјализира трансферот

Филозофијата на унгарскиот гигант со кој Кире го одиграл првото полуфинале во ЛШ и почнал да сонува за трофејот, била необична. Место тимски дух, повеќе се ценеле индивидуалноста, па кој имал многу голови, побрзо добивал плата. Во Веспрем ги имале сите привилегии, но не биле свесни за силата Сиудад Реал.

Додека Загреб во сезоната 2001/2002 сериозно се клател, без пласман во ЛШ и со сè поголеми долгови, Веспрем растел, а добри врски со нив имал менаџерот на Лазаров во тоа време, Филип Сердарушиќ. Пиеле скришно кафе во Загреб, бидејќи Сердарушиќ ги носел играчите од хрватската престолнина право во Веспрем и на тој начин не бил во добри односи клубот.

„Постоеше стравопочит кон Зоран Гобац. Кај многумина постои и ден денес, а Филип му претставуваше како непријател кој ја цица крвта на Загреб, одведувајќи му го најдоброто. Нема сентименталности во професионализмот. Тоа е една од побитните лекции која морав да ја совладам за да опстанам во светот на спортот. Чекав подобри денови, го одбив Метковиќ во летото 2001, ама во Загреб немаше вести дека ситуацијата ќе оди на подобро.

После само една добра сезона во таков клуб, за мене знаеше цела Европа. Како го избрав Загреб, така падна и одлуката за Веспрем. Пак со полно играчи од нашите простори и тренер со кој можев на комуницирам на познат јазик, недалеку од дома. Згора на сè Веспрем сакаше да освои ЛШ. Хрватскиот печат многу пишуваше за унгарскиот гигант во тие години, беше вистински хит во европски рамки. Не се двоумев. Договорот со Загрев истекуваше. Одлуката ја донесов на почетокот на 2002 година. Одам понатаму. Набрзо тоа стана јавна тајна, како тоа обично бидува во светот на спортот. Не признавав додека не стана официјална информација за јавност“.

ЧАБА

Таткото на Веспрем беше Чаба. Човек кој создал професионален клуб при крајот на 70-те. На таков лик ретко кој остануваше рамнодушен. Беше апсолутен владетел на ракометните простори со сите можни врски во Унгарија и надвор од неа. Клубот имаше многу пари, сите можни привилегии, ама секогаш прераспределбата се вршеше по некој негов систем. Ако добро си одиграл за викенд, платата одеше побрзо, ако не, мораше да одиш во неговата канцеларија каде имаше натегања. Понеделник беше резервиран за тоа. Нешто постојано мораше да се бара. Така тој функционираше. Секогаш имаше притисок.

Колку е некој добар, се мереше по број на голови. Со што поголема оддалеченост ако постигнеш гол, тој повеќе те ценеше. Голот беше и остана мерна единица во Веспрем. Немав проблем со тоа. Во нашата генерација тој ме обожаваше мене и Кубанецот Карлос Перез. Тој му беше син број 1 кој погодуваше и од центар, а јас бев веднаш зад него.

ГАРАЖИРАЊЕ

Чаба ја знаеше психологијата на младите играчи. Што им беше потребно, што сакаат, на што паѓаат. После добриот договор кој го добив, следуваше прашањето дали ми е потребен автомобил? Имаше дилови со германските авто пазари. Во некоја компензација тој ми понуди да добијам автомобил во моментот на потпишување на договор. Фотографиите пристигнаа на мејл и така го избрав. Бранко Ангеловски, менаџерот Филип и јас, седнавме и отидовме во Минхен да го превземеме.

Сè беше регуларно. „Zoll“ таблиците беа подготвени. Поминавме лесно. Потешкиот дел од работата беше да се сокрие автомобилот додека не заврши сезоната во Загреб. Не бев сигурен каква реакција ќе има клубот, па затоа изнајмивме гаража каде автомобилот беше сокриен месец и половина. Одев повремено чисто да проверам дали е сè во ред и што се случува со документацијата бидејќи се плашев да не истече регистрацијата додека не го превземам во Македонија.

„Си нашол нов клуб, одиш понатаму. Одлучи да живееш од ракометот“.

Така резонирав и зборував на самиот себеси. Тоа беше разумна одлука. Од друга страна пак, реалноста беше дека кријам автомобил кој сум го заработил. Иако во светот на спортот промена на клуб е нормална работа, ситуацијата сепак налагаше вакво однесување. Стравопочитта кон Гобац не дозволуваше поинаку да се направи. 

Кога трансферот се официјализираше кон крајот на сезоната, конечно BMW 320 можеше да излезе од гаража. Заедно со Бранко поминавме неколку граници до Скопје, попатно решавајќи некои административни и царински перипетии. Повеќе личевме на дилери отколку на професионални спортисти.

МЛАДОСТ ЛУДОСТ

Скопје, BMW 320 старо година - две, скоро на ново. Прв посилен автомобил за млад човек од 22 години. Можете да замислите како тоа изгледа? Се возикав, го покажував на друштвото, ги провозев и родителите. Кога си млад, тоа многу ти значи, ти дава на вредност и самодоверба. Пунтото од Битола го продадов, кога стигна новиот миленик.

И кога требаше повторно да се продолжи договорот со Веспрем после две години, Чаба повторно понуди автомобил. Изгледа на тој начин видел заштеда, ама водеше сметка и за ефектот кој ќе го произведе со таква комбинација. Овој пат тоа беше BMW 530. Подобар и појак. И веќе не морав да одам до Минхен и да го преведувам преку граници. Пратија човек да ми го донесе пред зградата во која живеев.

Следното продолжение на договорот и третиот модел на BMW не го дочекав во Веспрем. Големиот газда сакаше да останам и после пет години, ама јас јасно му ставив до знаење.

„Не можам повеќе Чаба. Морам да одам, заради себе, кариерата, семејството..“.

ФИЛОЗОФИЈАТА НА КЛУБОТ

И во победа и во пораз секогаш се гледаше кој одиграл добро, а кој лошо. Така е останато ми се чини и до денес. Сите се трудеа да одиграат квалитетно занемарувајќи го она што му е потребно на тимот. Немаше вистински тимски дух и колектив. Никој не доаѓаше и не зборуваше „луѓе не е битно колку голови дава, туку каква улога ќе има во нашата заедничка победа“.

Не беше така. Клупските раководители и публиката наметнаа модел на оценување кој не беше добар. Тоа ги следи во текот на овие две - три децении. Ни до ден денес не е освоен пехарот на ЛШ. Не е тоа единствената причина, ама е една од оние кои не даваат да се оди напред.

Менталитетот на навивачите остана ист. Тоа се пренесува од генерација на генерација. Никогаш не би можел да поверувам дека ни после 15 години од моето заминување, клубот нема да освои ниту еден трофеј. Тогаш бевме блиску до тоа. Пред мене играа во финале, а со мене стигнавме до две полуфиналиња. Сонував и верував дека првиот пехар ќе го подигнам баш во Веспрем. Тоа негативно искуство многу ми значеше во кариерата.

ВЕРНОСТ

Веспрем ги има едни од најверните навивачки групи на свет. Нивната верност кон клубот, но и поддршката која ја пружаат на играчите е фантастична. Се сеќавам кога пензионерите не чекаа пред сала за да ни упатат по некој збор поддршка пред натпревари. Не ја дочекав изградбата на Веспрем Арена, тоа се случи после моето заминување во Загреб. Игравме во старата школска сала која примаше 1.900 - 2.000 луѓе.

Клубот никогаш немал проблем со продажбата на билети, па така Чаба позади голот дигаше скеле и монтираше клупи за уште 1.000 луѓе. Наместо од 2.000, ние имавме поддршка од 3.000 навивачи. Причината не беа пари, бидејќи Веспрем не живееше од продажбата на билети, туку на луѓето да им се задоволи и во што поголем број да бидат присутни на натпреварите. Билетите одеа како алва...

НАСЛЕДНИКОТ НА САРАЧЕВИЌ

Во првата сезона 2002/2003 елиминирани сме во полуфинале од моќниот шпанскиот Портланд Сан Антонио. Таму изгубивме со осум разлика, а дома славевме со четири. После финалето со Магдебург во сезоната претходно, се живееше во илузија дека сигурно ќе ги победиме Шпанците. Цела таа пролет во 2003 се враќав во форма од повредата здобиена уште во јануари со репрезентацијата. Ја скршив левата рака. Во четвртфинале го елиминиравме Колдинг, а против Шпанците имавме во еден момент 6 гола предност. Ми се чини дека сепак бевме далеку.

Настана разочарување во клубот и во градот. Се очекуваше повеќе. Тоа беше мое прво полуфинале во ЛШ од девет колку што ги имав. Се чувствуваше притисок како наследник на Сарачевиќ. Тоа не беше мала работа. Сарач пред мене даваше по 10 гола, требаше да се биде на тоа ниво. И кога се простуваше беше врвен голгетер. Играта се базираше на него. Слични типови на играчи сме. Ми беше идол и дојдов во неблагодарна ситуација да морам да го надоместам неговото заминување.

Исто како некој денес да ме замени во Македонија? Што и да направи малку е. Првата сезона помина во коментарот на мојата игра кој секогаш се завршуваше со „ама Сарачевиќ“. 

САМОПОВРЕДУВАЊЕ

За да не покажам веднаш колку можам, виновен беше и тој прелом на шаката кој го доживеав со репрезентацијата. Во кариерата дури 80 - 90 % повреди ги доживеав играјќи за Македонија. Сега знам и зошто. Во тие помлади години едвај чекаш да побегнеш малку во својата земја, да се видиш со друштвото и соиграчите од репрезентацијата. Тоа опушта. Малку и се излегуваше од рамките на професионализмот, бидејќи сакаш да се прикажеш како некој кој е млад и успешен. Не се живееше 100% спортски, па така доаѓаше првата, втората, третата повреда. 

И на тоа научив. Кога созреав како човек, повеќе тоа не ми се случуваше. Ако во клубот си максимален професионалец, тогаш морало да се најде начин да земеш малку воздух и пак да останеш на таа линија и кога е во прашање одењето дома.

ВЕСПРЕМ НЕ Е РЕАЛНА ПРИКАЗНА

Станови, автомобили, два оброка дневно итн. Организационо, клубот беше на највисоко можно ниво. Во светот на ракометот, никој, па ни денес нема такви привилегии какви имало или има во Веспрем. Ништо тука се нема променето. Покрај редовните примања, имаше милион партнери на клубот. Ги имавме сите можни попусти на бела техника, телевизори, каде и да треба нешто со документи да се заврши, само се повикуваш на клубот. Играч на Веспрем да плати казна? Немало шанси. И сега е исто така.

Сите тие привилегии кои ги имаш, наместо да ти помагаат, тие те омекнуваат, те заспиваат со мислите за сопствената големина. Ти даваа за право да мислиш дека си недопирлив. А тоа не е добро. Помислуваш дека си таков и на терен, ама само си еден од многумина, ист како оној преку тебе, кој го нема сето тоа во животот.

Во Франција, клубот ти го дава само основното. Не ги интересира како ќе се снајдеш, каде ќе живееш и како ќе го трошиш времето надвор од теренот. Кога ќе дојдеш во Барселона, сам наоѓаш стан, го опремуваш, па при заминување ги распродаваш работите или ги подаруваш, бидејќи доста си вложил.

Звучи лудо да ти го кажува ова еден играч, ама условите во Веспрем се непотребно добри и стегаат. Секогаш имало доста разгалени и во мое време, а и сега. Некој ќе рече дека не сум нормален, ама подобро е се да ви дадат во пари, отколку во привилегии. Единствено споредување со унгарските клубови може да се направи со ерата на Сергеј Самсоненко во Вардар. Во ракометниот свет никаде нема такви привилегии.

ШПАНЦИТЕ КАКО СИЛА

Во сезоната 2003/2004 ја исфрливме Барса во осминафиналето. Осоколени, мислевме дека сè ќе прегазиме во финале, ама ждрепката не не галеше. Во четвртфинале налетавме на Сиудад Реал. Не верувавме дека може некој да биде посилен од Барса. Не бевме свесни за силата на Сиудад реал, Портланд и Адемар Леон. Секој од нив имаше состав кој можеше до завршницата. Не ги респектиравме многу, бидејќи не разбиравме дека во Шпанија се родил некој систем кој во иднината во потполност ќе завладее во ракометниот свет. Се надевавме дека ќе ги исфрлиме, ама не бевме ни близу до тоа. Две години по ред, Сиудад Реал не исфрлаше од Европа.

БАРСА? БЛАГОДАРАМ, АМА НЕ

Во текот на втората сезона добив понуда од Барселона. Не бев спремен за тоа. Ни во еден момент не осеќав дека треба да ја прифатам. Самата заинтересираност на една Барса за мене, ми значеше многу на планот на самодоверба. Беше тоа потврда дека вредам. Преговарав, горд на себе и потсвесно знаејќи дека не е моментот за тоа. Таму беше младиот Ласло Наѓ, антрополошки гледано еден од најмодерните играчи во светот на ракометот и дури и во наредните 10 - 15 години.

Ќе прифатев да знаев дека ќе ја делиме минутажата 50 - 50, ама не верував дека е тоа можно. Беше тоа сепак добра одлука. Да отидев, веројатно ќе станев еден од многуте минувачи низ Барса кои минуваат позади Ласло. Таква судбина имаа Игропуло, Гул, Пујик и други. Ласло би го посакале во секоја екипа. Добро ми беше во Веспрем. Живеев опуштено, тинејџерски. Малку Балатон, малку Будимпешта. Никогаш не зажалив што не отидов. Понудата остана на хартија како доказ дека сум на добар пат.

Кире на 20 години му одел на Лино на гости да анализираат натпревари

5 јули 2022 - 14:52