По стресното лето во 2000-та, кога се плашел да не пропадне трансферот од Пелистер во Загреб, затоа што битолчани барале 150.000 марки за слободен играч, Кире Лазаров се соочувал со еден куп тешки предизвици.
Прв пат во странство на 20 години во клуб предводен од Лино Червар, од кој јавноста секогаш бара повеќе и повеќе. Играл пеколни натпревари и дома и во ЛШ против една Барселона за која вели дека се палеле дека ќе ја тепаат во нокаут фаза.
Се соочил со нов систем на работа и повраќал на терен од мака, како и со провокации од стариот лисец на кој се дрзнал да му одговори преку медиуми. Но сепак, од Лино Червар научил многу, добил самодоверба и изградиле близок однос.
ЛИНО
Во Загреб бев нов, ама во некоја смисла Лино беше понов од мене. Не го сфаќаа сериозно, иако се докажал работејќи во Италија. Знаеа дека станува збор за квалитетен тренер. Ама тоа е Загреб. Никој не е доволно добар. Мора да се докажуваш одново и одново. Го превзема клубот кој беше навикнат на полуфиналињата и финалињата на ЛШ, во зависност каде се затекла семоќната Барселона на патот. Тоа беше огромен предизвик за него како тренер. Неговата работа беше нешто ново за нас. Се сретнавме со интересен лик и тренер.
Имав на почетокот многу проблеми. Не знам дали тоа го правеше намерно за да ме испровоцира, ама имаше ситуации во кои крилото Ведран Зрниќ го ставаше пред мене на десен бек? Крилото да игра наместо мене бек? Не можев да се помирам со тоа. Верував дека тоа го прави намерно, се сомневав дека нема доверба во мене и дека му треба поискусен играч. Тоа баш ме убиваше. Умееше да ме провоцира со прашања.
„Киро што ќе правиме во Метковиќ? Одиме на победа, му одговарам, млад и луд. Ма дали ти знаеш каде одиме да играме, дали знаеш што има таму? Ќе изгубиме со 10 разлика“, ме тестираше стариот лисец.
А потоа дојде дербито на Целје и Загреб. Во тоа време тоа беше меч над сите мечеви и една од поголемите европски ракометни приказни. Целје имаше повеќе пари и подобар состав. Лино ми даде шанса во Целје и таму дадов 11 гола. Ми се отвори ситуацијата, ама на крајот останавме кратки за 2-3 гола.
И тогаш зелениот Кире ја даде познатата изјава на Спортски новости, чии новинар настапи со констатација.
„Конечно си влегол во форма...“, што и се очекувало од мене како странец.
„Тренерот влегол во форма кога одлучи да ме стави во игра“, му вратив самозадоволно.
Весниците излегоа, Лино беше лут. Јас млад, немав доволно искуство во давање на изјави и одмерување на секој збор кој е потребен на тоа ниво. Објаснив што чувствувам, ама тоа не го кажав најдобро. Лино секогаш бил мошне чувствителен што се однесува до тие работи. Требаше време да помине за да проголта и да продолжи понатаму. После тоа, моите изданија беа се подобри и поквалитетни. Станав еден од најважни играчи во клубот пред домашниот плеј-оф.
Виде нешто во мене, без оглед на годините. Игравме силни натпревари во ЛШ. И во Хрватска имаше екипи со кои на гости мораш добро да се помачиш. Тешко беше и привикнувањето на неговиот систем на работа. Со него сè, само не е лесно. Се тренираше многу и во Битола, го поминав Гужвиниот дрил и тој некој „комунистички стил“, ама ова беше нов метод на работа. Имаше тренинзи кога не можев да издржам, повраќав покрај теренот. Одевме постојано на подготовки. Штом нема натпревар, веднаш се одеше во Пореч, четири, пет пати во текот на сезоната по шест - седум дена. Влегував во професионален тренинг. Хрватите во тоа време беа напредни што се однесува до кондиција. Имавме одлични тренери и бевме пред сите, што се гледаше од репрезентацијата.
Научив доста од Лино. Ме анализирал и сфатил што можам, а што не. Знаеше дека можам да одговорам на предизвик. Имаше ситуации кога останувавме да зборуваме по 2-3 часа без оглед на резултатот. Ме канеше на кафе, ме враќаше психолошки, бидејќи такви искуства и натпревари немав до тогаш во кариерата. Ми се посвети, бидејќи многу му бев битен за екипата. Одев кај него да гледаме натпревари на проектор. Се обидуваше да ме придобие, а мене тоа ми годеше. Добивав на самодоверба. Почувствував дека некој ми верува. Кога е така, тогаш се опуштат и сфаќаш дека нема притисок. така се роди меѓусебната доверба. Таа доверба овозможува понекогаш и кога не оди, да го пробиеш мразот така што знаеш дека зад себе имаш човек кој ти дава сметка. И тогаш ако поседуваш квалитет, сè си доаѓа на свое.
Секогаш многу добро си ги познаваше своите играчи. Правеше одлични селекции. Кога селектираше, не ја гледаше листата на стрелци и кој колку гола дал. Тој гледаше хороскоп, каде си роден, потеклото, корените. Што ти работи семејството, дали си богат или сиромашен, каков животен пат си имал. правеше рекапитулација од сè и извлекуваше заклучок кој за што е подготвен и што може. Што се однесува за тоа, број 1 е на свет. Извлекуваше информации таму каде другите ништо не би ни виделе. Донесуваше заклучоци од небитни, а истовремено мошне битни работи. Има многу добри тренери, ама што се однесува за овој сегмент, му нема рамен за тоа во светот. Не случајно со Хрватска има освоено 10 медали. Нема тука никаква среќа како причина.
ПРИФАЌАЊЕ
Имав страв како екипата ќе реагира на мене, што ме чека во новиот град со нови луѓе кои добро не ги познавам. Ми требаше време да се навикнам и во Битола, а камоли Загреб каде не смеев да згрешам. Бев свесен дека не се добива ништо на убави очи, дојдов со притисок да се изборам и опстанам во големиот клуб со врвни играчи. Не очекував дека така добро ќе ме прифатат. Соблекувалната беше поделена на помлади и постари играчи. Мојата генерација беа Шпрем, Лацковиќ, Џомба, Зрниќ, Вори и Шкољариќ. Беа и повеќе од добри со мене. Ниту еднаш не ме оставија сам во било што.
Некои од нив ги познавав од СП за младинци во 1997-ма кога игравме заедно во групи. По доаѓањето немав автомобил, па тие ме возеа на тренинг, за излегувања, преку ден на ручек и кафе. Сабота секогаш беше резервирана за излегување. Во некои моменти ми беше дури и непријатно колку ми излегуваат во пресрет. Знаев дека никој ништо не им наредил. Не беше усилено, туку тоа беше дел од тимската култура на Загреб.
Шпрем е многу забавен човек, а особено Вори. Подоцна сите заедно се вративме во Загреб, тој од Барса, јас од Веспрем. Можевме сешто да се кажеме еден на друг, а да не се налутиме. Респект и шегување во исто време.
„Ајде Вори, те избркале од Барса, па овде си ми дошол да ми раскажуваш приказни“.
Бев добро прифатен и од постарите, Кљаиќ, Маглајлија, Удовичиќ, Ратко Томљановиќ. Кога ќе се запалеше Ивица Удовичиќ и тргнуваше да се тепа во одбрана наместо халф, многу бекови само ја префрлуваат топката на друга страна без да гледаат во голот. Битен човек за атмосфера и соблекувална.
Мирза е лудо позитивен тип. Не собираше, сакаше да се дружи и излегува. Иницијатор на добра енергија. Доби стан од Загреб, беше ѕвезда, луѓето го препознаваа во градот. Добар човек, еден од најпозитивните личности кои сум ги имал во кариерата. Игравме заедно потоа и во Веспрем, па во Загреб кога се врати од Сиудад. Тогаш веќе коленото не му беше како што треба и тоа не беше стариот фантастичен Мирза Џомба.
ДЕЧКО СПАКУВАЈ СЕ
Во тие две години во Загреб, променив 5-6 стана. Клубот не плаќаше кирија, па газдите не исфрлаа. Само ќе дојдат и ќе кажат „дечко пакувај се“. И што да правиш, ќе ги собереш работите и одиш понатаму. Во почетокот на втората полусезона, Бранко Ангеловски стигна во Загреб. На клубот му требаше играч, а мене друштво. И луѓето во клубот мислеа дека тоа ќе ми помогне, подобро да се чувствувам. Бранко одигра коректно, во другата сезона доста добро откако Лино замина. Отидоа доста играчи на крајот на сезоната 2000/2001.
Живеевме заедно, менувавме станови и газди, ама се вртевме околу „Кутије шибица“. Дали Трешњевка или Нови Загреб, ама тука околу Цибона. Загреб е сјаен град. Квалитетот на животот е на високо ниво. Уживав. Одев стално да ја гледам Цибона кога играше во Евролига. Кошарката ми остана во крв. Ја следев кога можев. Бранот на Македонци го зафати клубот, Ацо Јовиќ дојде кога јас тргнав накај Веспрем. Марковски, Метковиќ го замени со престолнината. Заедно ја освоивме титулата со Пелистер во 2000-та и тргнавме накај Хрватска, јас горе, тој долу. Беше силно добро крило, се знаеше, тип Червар. Подоцна тука беа Мајнов и Митко Стоилов. Доста Македонци се променија. Повлеков нога.
ЛЕДЕНА
Таа атмосфера во „Ледена“....во тоа бев заљубен. И ден денес сум. Тоа беше нешто посебно. Инспирација и мотивација. Да се игра таму, па ништо повеќе еден ракометар веќе да не посака. Таа прва 2000/2001 сезона беше полна со натпревари со Целје и Барселона. Беше баш добро, се уште стариот вајб на Загреб. Се спремавме за Барса во четвртфиналето, ама тие дојдоа, не скршија, парампарче не направија. Изгубивме 17:29. Масип, Шќепкин, Ундагарин, Лозано, Свенсон на голот и останатите. Сериозно се палевме дека ќе ги победиме, ама не сомлеа и ни објаснија кој е кој.
ПОЗНАТОТО ФИНАЛЕ СО МЕТКОВИЌ
И 20 години подоцна се раскажуваат легенди. Беше тешко во сите натпревари. Тој последниот во „Кутија шубица“ каде Метковчани стигнаа после израмнувањето на 2:2 серија, доби важност на финале на СП. При крај на нервите и силата дојдовме и едните и другите. Имавме предност на домашниот терен, ама психолошки беше мошне тешко. Бев млад, не учествував во игри и задкулисни дејствиа надвор од теренот. Се држев на страна и тоа беше исправно. И денес е неверојатно сè што се случи. Трибините беа преполни со „Бед Блу Бојс“, тешко се играше, гол за гол. Водевме, па паднавме. Метковиќ да водеше знаевме дека истото ќе го направевме она што на крајот и тие го направија - да се излезе од терен. Беше јасно дека шансите се мали, натпреварот да се заврши со две екипи на 40x20. Само прашање на време кога некој ќе тргне накај соблекувална.
Тогаш тоа беше Метковиќ. Водевме, го контролиравме резултатот, ама една одлука на судијата на 1 минута и 32 секунди пред крајот не испрати надвор од терен. Резултатот гласеше 22:21, не им беше свирен фаул, така да топката дојде до наш посед. Дискутабилна одлука, но излегувањето на Метковиќ од терен и прекинот, беше подготвено сценарио. Ги дочекаа во Метковиќ со знаме „морални победници“. На крајот тие играа во ЛШ следната сезона, а ние како шампиони бевме казнети.
НЕ САКАВ ВО МЕТКОВИЌ
Разликата помеѓу првата и втората сезона беше огромна. Потпишав две годишен договор со Загреб. Направија грешка бидејќи како слободен играч можев да одам во Веспрем. После првата година ЕХФ го казни клубот заради некои трансфери на Лавров, Куличенко, долгови, па бевме исфрлени од ЛШ. Тоа е и единствената сезона во која не играв во ЛШ се дури до 2019-та.
Лино замина од клубот и го поведе Вори со себе во Конверсано, а го наследи Нино Марковиќ. Блаженко Лацковиќ отиде во Метковиќ во летото 2001. Метковчаните имаа многу пари и страшен проект. Таму отиде и Нено Кљајиќ покрај Балиќ, Метличиќ, Голужа, Доминиковиќ и останатите. Ме викнаа и мене да тргнам со Лацковиќ, ама бев еден од ретките кој остана. Ми беше понудена голема сума. Тогашниот директор на Загреб Осигурување Ненад Воларевиќ ме викна на состанок. Сè се решаваше со многу пари, скоро па и не смееше да кажеш „не“, ама еден сум од ретките кој излезе од неговата канцеларија без потпис.
Одлучив да останам. Кога некаде ми е убаво, тогаш често ги избегнувам другите работи. Во Загреб се вратив после Веспрем за помалку пари од оние кои ги имав во Унгарија, ама добро се чувствував. Ја сакам хрватската престолнина, секогаш сум уживал во неа и тоа ми беше најбитно.
ПАРИТЕ НЕ ИГРАА
Бев многу задоволен, иако финансиите беа никакви, Кога ќе се сетам на таа сезона, имавме 10-15 најави на штрајкови. Ќе излеземе и кажуваме дека нема да тренираме и потоа тргнуваше убедување со образложение
„Одиграјте барем малку фудбал да се препотите. Утре ќе биде платата“.
И така од утре до задутре. Дел од долгот подоцна и го наплатив, ама на крајот обештетувањето за Пелистер дојде на пребивање. Ми беше битно играчки да напредувам. На Загреб не му беше мило што играчите почнаа да бегаат во Веспрем. Таму отидоа Јовиќ, Џомба, Сарачевиќ, а подоцна и Голужа и Сулиќ. Зовко како тренер ги повлече. Го избрав тој пат.. Загреб веќе немаше што да ми понуди. Унгарците почнаа да прават резултати и го одиграа првото финале во ЛШ со Магдебург во 2002-ра. Тргнав понатаму. Така е тоа понекогаш во спортот. Ама се вратив.