По заминувањето од Пелистер, Лазаров имал две понуди. Едната од бундеслигашот Валау Масенхајм, шампиони на Германија во 1992-ра и 1993-ра и финалисти во ЛШ.
Втората од Адемар, шампиони на Шпанија во сезоната 2000/2001. Тогаш го добил првиот мејл во животот со многу моќна понуда, бидејќи Адемар бил во пикот на златната ера.
Но срцето и разумот му рекле не. Татко му одлучувал за трансферот во Пелистер, но овој пат одлуката ја донел сам. Вели дека немал храброст да тргне накај Европа, далеку од дома.
Како мал го гледав Пепи како ја води самостојна Македонија, силниот Пелистер, полната сала во Битола, така јас гледав на Бадел Загреб, потоа полуфиналињата со Барса, преполната „Ледена дворана“, таа луда атмосфера и репрезентацијата на Хрватска која освојуваше медали.
Беше тоа ракометна клима која ми годеше. Странство, а блиску со менталитетот на дома. Мит кој требаше да се продолжи. Да се наследи Златко Сарачевиќ, тој голем ракометен мајстор, тие познати скок шутови, да се вивнеш со таа атмосфера и со навивачите. Сето она што го работев и во Пелистер во тие четири години по доаѓањето од Свети Никола. Само на највисоко ниво.
ГОБАЦ МЕ ПИКИРАШЕ
Стигнав во Загреб летото 2000, ама уште од порано знаев дека ќе бидам таму. Имав време да се подготвам на одењето од Битола. Година порано, Македонија играше против Југославија. Одиграв добро и го дозволив она што му требаше на Зоран Гобац, „Алфа и Омега“ на Загреб. Ме пикираше и ги прати своите емисари во Скопје. Се појавија тројца - четворица. И ден денес да ги прашаш, ќе ти кажат. Дали се сеќаваш кога те повикав да се најдеме во Скопје? Тоа е вистина, ама Гобац беше тој кој слушнал за мене, ме видел и одработил тоа што требало. Договорот пристигна и падна во скопскиот хотел Палас.
МИ ВЕЛЕА НЕ ОДИ
Многумина ми зборуваа да не одам во Загреб бидејќи бил во криза. Но јас во тоа видов шанса. Да беа во подобра ситуација, тешко би се одлучиле за 20 годишниот Македонец, талентиран, ама неискусен за тие европски висини кои секоја година значеа полуфинале или финале на ЛШ. Кризата, Сарачевиќ, Јовиќ и компанија ги натера на пат до Веспрем, а на Загреб не му преостануваше ништо друго, туку да им пружи шанса на помладите. Тие кои ме советуваа знаеа повеќе од мене, детето кое го доби договорот на хартија. Едно е хартија, а друго е она што завршуваше во џеб. Ни тоа не ми беше битно. Најважно беше да се чувствувам сигурно и комотно, да можам да играм со некои големи играчи пред таа публика во ЛШ. Тоа беше главниот предизвик. Сè останато беше помалку важно.
ПРОБЛЕМИ ОД НИКАДЕ
Го одработив својот четиригодишен договор со Пелистер. Ако го одбработиш договорот до крај, тоа значи дека си слободен играч, односно клубот нема право на надокнада во случај на преоѓање во друг клуб, зар не? Пелистер сакаше да ме задржи. Со промената на власта дојде нова управа, па се тргна амбициозно, навивачки, но со помалку искуство во спортскиот дел. Добив добра понуда за македонски прилики, ама знаев дека останувањето би значело и стагнирање. Ја прераснав таа средина и македонската лига.
Кога им соопштив дека заминувам, не сакаа да се помират со тоа. Одеднаш, од никаде, се испостави обештетување за мојата слобода? Ни помалку, ни повеќе, 150.000 германски марки. Настана сериозен проблем. Па тој да биде уште поголем, новата управа на Пелистер доби поддршка и од гарнитурата во федерацијата. Слобода еднаква на 150.000 марки.
Тоа лето мојата генерација (1980) играше на ЕП за младинци во Грција. Пред тоа ги совладавме идните шампиони Југославија дури три пати на подготовките во Скопје. После тоа првенство во Атина, требаше да тргнам во Загреб. Отидов со репрезентацијата, ама документите за моето заминување од Битола не беа спремни.
Делуваше заканувачки дека сè може да пропадне, ама знаев дека тука нема моја вина, ниту основ да се бараат тие пари. Бев нервозен во моментот кога требаше да го дадам својот максимум со својата генерација која ја водеше Илија Темелковски. Влеговме во конфликт на еден натпревар. Одреагирав лошо, бараше да се променам, не го послушав. Одлуката беше да бидам суспендиран. Го пропуштив натпреварот со Полска со образложение дека не сум се однесувал адекватно и не го слушав селекторот.
Немаше разбирање за моментот во кариерата на еден млад играч. Лудував заради нерешениот статус и бев разочаран во сè. Требаше максимално мотивиран да го одбработам тоа првенство и да тргнам по патот до еден од најголемите клубови во Европа, а преживував драма. Поразот од Полска го гледав од трибините. Потоа службено ги добивме Грците 10:0 и уште некои натпревари. Завршивме на шесто место. Бевме за многу малку разлика поразени од Шпанија и Унгарија. Беше тоа добра генерација.
Отидов во Загреб, започнав со подготовки, ги поминав пријателските турнири, дојде и септември кога требаше да тргне домашната сезона, ама регистрацијата уште ја немаше. Проблемот беше решен дури на 15 октомври пред првото коло во ЛШ. До тогаш ни една страна не сакаше да попушти. Тренирав, горев во себе и се надевав дека нема да ми пропадне сезоната. После неколку месеци полудев начисто. На крај сепак падна договор меѓу Гобац и Пелистер. Иако по правилата Загреб не мораше, сепак на крај договори обештетување на четири рати - вкупно 80.000 марки. Ја платија првата рата и така добив „зелено светло“, после скоро четири месеци „празен од“. Загреб беше во лоша финансиска ситуација, ама се согласи да плати. Не разбрав ни до ден денес, зошто, по која основа...
Бев многу лут. Наместо да се фокусирам на тоа како ќе заменам еден страшен играч како Златко Сарачевиќ, во клубот кој беше во топ 5 во европскиот ракомет, јас ги броев деновите, чекав телефонски повици и разрешување на проблемот. И кога се реши сепак до крајот на сезоната ми остана како да ми виси сабја над глава, што ако Загреб задоцни со исплата на ратата за обештетувањето? Се закануваше суспензија, па цела сезона ја поминав во грч дали ќе играм или ќе седам на трибини?
РЕВОЛТ
Сезоната е завршеа со историските мечеви на финалето на плеј-оф со Метковиќ. Немаше никаде такви натпревари, такви тензии и набој. Ги гледаше цела Европа. Стекнав меѓународна репутација, ама моите дома уште не ме сфаќаа сериозно. Револтот за она што го доживеав, не престануваше. Во договор со клубот, а после таа лудачка финална серија која ја добивме, одлучив да не се појавам во баражот за ЕП 2002 против Израел.
РФМ таа моја одлука ја прифатија без преголемо жалење, со констатација дека „се може и без Лазаров“. Прелесно прејдоа преку проблемот кој ми го направија со кој иднината ми беше загрозена. Ми префрлуваа дека глумам звезда, ама не беше така. Претходно и Пепи Манасков се разочара. Можеше уште да игра, ама беше разочаран со состојбата во ракометот после СП 1999. Дојде до смена на генерациите, ама сè уште имавме одреден рејтинг за што зборува и името на противникот. Првиот меч во Израел го изгубивме со 10 гола разлика. Израелците покажаа дека имаат квалитет со познатиот голман кој носеше фудбалски ракавици.
Таа гарнитура на РФМ не беше искусна во спортските прашања. Можеби исто би поминале и јас да играв на тој натпревар, ама не беше сè направено за репрезентацијата да има максимален квалитет. После поразот настана гужва. Седнавме на маса и на крајот го одиграв реваншот. Доведме со +8, ама повеќе не можевме. Останавме без големото натпреварување. Така почна сè и траеше до СП 2009.
Заради вакви работи, со години имавме проблем. За да не настане празнина како тогаш, продолжив да играм за репрезентацијата во овие години. Не е дека баш уживам да се трошам на тој начин и после 40 години, ама свесен сум дека морам да се жртвувам за да можеме да воспоставиме некој трансфер на квалитет и резултати помеѓу генерации. не смееме да дозволиме вакум.
Тој пораз од Израел имаше далекусежни последици. Изгубивме рејтинг. Заслужувавме многу повеќе, но сега во баражите ние бевме тие кои би требало да се изненадат. Моравме да се создадеме како репрезентација одново. Во баражот стигнаа Исланд, Унгарија, Србија и Црна Гора. Немавме големи шанси, сè додека нам не ни се случи 2008 година кога ги исфрливме идните олимписки вицешампиони Исланѓаните. Тогаш сè се поклопи. И фрустрација и притисок и голема желба. Излегоа сите овие години во тие 120 минути.
И со оваа дистанца од две децении мислам дека бев во право. Тоа беше психолошки претешка година за мене. Не добив помош од својата федерација и бившиот клуб. Напротив ми одмагаа. Зошто губевме време и каде можевме да бидеме како ракометна нација да не работевме аматерски? Направена е лоша проценка. Го оневозможуваа оној кој требаше да ја носи репрезентацијата во наредните 10 - 15 години. Немаш такви 10 - 15 играчи по Европа, затоа чувај ги кога ќе се појават. Луѓето од федерацијата веројатно сакале најдобро, имаше адекватни услови и сè, меѓутоа паднаа на спортските прашања.
Загреб многу ми помогна во таа ситуација. Зоран Гобац и Лино. Лино како татко се однесуваше со мене. Инвестираа во мене, а дојдоа во ситуација каде можеа да ме изгубат. Иако во финансиски проблеми, Загреб одлучи да не се откаже од мене. Ги чинев многу повеќе отколку што планирале кога ме земаа. Затоа не им беше мило кога две години подоцна заминав за Веспрем. И секако обештетување беше спомнато, иако пак бев слободен играч по истекот на договорот. Клубот веќе не можеше да ги следи случувањата на пазарот.
„Се сеќаваш ли кога плативме обештетување, а не моравме? На нос ми беше набивано, ама со право. Таа некоја приказна ме следеше долж цела кариера, а почна, од каде и не се надевав дека може. Тоа се тие приказни кои најчесто најдобро ја објаснуваат суштината кога ќе се прашаме, „дали можевме повеќе и зошто не сме можеше?
Маалскиот живот на Лазаров кој се тепал на фудбал, играл баскет и скришно пушел цигари
Првата битка во ЛШ на 15 години, дружбите со коњакот и големите кризи во Битола