Македонскиот ракометен ас бил талентиран кошаркарски плејмејкер и како млад, играл за КК Овче Поле и тоа против Владо Илиевски. Клучно да се усмери кон ракометот биле другарите. Вели дека многу е битно во денешниот ракомет да користиш кошаркарски елементи. Тоа е уличен спорт кој мора да се знае. Ако немаш талент за баскет, тогаш тешко ќе го имаш и за ракометот.
Немал амбиции да излезе од регионов и да стигне до Лига на шампиони, ама сепак чекор по чекор, со многу тешкотии и огромна детска страст за спортување, го почнал долгото патување од родното Свети Николе.
Од првак на бетон кој цела недела играл со иста неперена спортска опрема и пиел сок на растворање, Кире Лазаров стана светско ракометно име зад кое ќе останат запишани 56 трофеи.
УЛИЧЕН ФАКУЛТЕТ
Каков бил малиот Кире? Од малечок немирен и доста амбициозен. Во секоја детска игра сакав да победувам. Си имав свое друштво во маало. Иако потекнував од спортско семејство и од малечок си бев поврзан со топката, со нив сепак го завршив уличниот факултет.
Свети Николе е мал град, но сепак беше доволно голем за да бидеме поделени во маала. Игравме фудбалски турнири поделени во три екипи од три маала. И тука имаше сешто. Немаше натпревар, а во третото полувреме да немаше тепачка. Кој изгуби секако почнува да се жали и почнува хаосот. Имаше озбилни тепачки. Воглавно сè се завршуваше со боксови, ама често летаа и камења. Секој си имаше свој домашен терен. Тоа не беа игралишта како денешниве деца што имаат, туку 10-15 метри земја со по два камена како статива и играта можеше да започне.
Играш дома, па после гостуваш во друго маало. Ќе се оддалечиш само 200-300 метри подалеку, па ти се чини си отишол во друга држава. Те дочекува поинаков терен, нивна топка и нивни правила. Не можеше да се случи да победиш и мирно да се вратиш дома. Победуваме, губиме, се тепаме, па следува мирење. Капитените имаа улога на миротворци. Тие одеа да преговараат за да игра повторно. Тоа беше нашиот мал свет. Го имитиравме животот. Се гледавме, игравме фудбал и се тепавме заради фудбалот. Си ги челичевме карактерите. Ако случајно со своето друштво налеташ во време на заладени односи, со некого од противничкот тим, тој добиваше ќотек. Исто така, ако тие тебе те сретнат, добро нема да поминеш. Тоа беше ритуалот на растење.
ЗАСТАВА
Не доаѓам од богато семејство. Не бевме ни сиромашни, фала му на Бога, но не беше лесно да се преживее. Семејството доста се мачеше за да мене и на Филип ни обезбеди вистински услови за развој. Сите живеевме многу поедноставно и поскромно.
Имавме црвена Застава со која одевме на море. Фраер си ако имаш таков автомобил. Летувавме неколку пати во Будва и Херцег Нови. Одевме и во Охрид и Дојран. Полн гепек, внатре сè и сешто, ние четворочлено семејство подготвено за кампување. Тато работеше во „Југосуровина“ и тие имаа секаде кампови, па добиваш 10 дена и тоа ти е. Спремај се за авантура. На Застава се учев и да возам. Положив кога станав полнолетен.
Мама работеше во стоковната куќа Меркур Импорт. Платите биле какви биле, скромни, ама ќе дојде консигнација па ќе земеш, ќе одвоиш, сочуваш. За нас децата кои лудувавме по спортска опрема беше вистинска среќа што мајка ми е шеф на спортско одделение во стоковната куќа какви постоеле ширум Македонија. Секогаш имавме Адидас патики и тренерки. Уживав во тоа. Цело основно и средно школо, најмалку три од пет дена поминував во спортска опрема. Ако долу беа фармерки, горе имаш шушкавец или тренерка. Тоа ми беше битно и постојано инсистирав на тоа.
ЈУГОСЛАВИЈА
Кога ќе се сетам на тој период, луѓето беа побезгрижни, се живееше подобро, парите вредеа многу повеќе. Она што е мојата првата асоцијација на заедничката држава е втората ракометна лига во која малото Овче Поле играло со Дубочица од Лесковец, Морнар од Бар, Кристал од Зајечар, Борец од Урошевац, Трепча од Косовска Митровица. Така учев за земјата во која сум се родил. Низ спортот.
БРОЈ 7
Растев со неверојатната кошаркарска генерација. Со Дражен Петровиќ, Дивац, Раѓа и Кукоч. Последната југословенска генерација. Југопластика. Го обожавав Тони. Тој стил, лева рака, шут од дистанца, приод, техника, нешто слично што подоцна го имаше Бодирога. Тони играше во тимот со Петар Наумовски. Како појава, фаца, мирен, никогаш не се радуваше претерано, никогаш не можеше да го видиш изнервиран. Сталожен, мирна рака, погодува тројца, дриблинг и полагање. Играше со глава, беше мајстор. Заради него и тренерот Илија Јанев, пријателот на татко ми кој и ден денес води ракометна школа во Свети Николе, го избрав бројот 7.
Бројот 7 го носеше и Роберт Просинечки. Ја имав и десетката на Драган Стојковиќ Пикси. Во продавницата кај мајка ми, се продаваа дресови и на Црвена Звезда на кои можеше да залепиш број со пена. 7 и 10 ми беа омилени. Го сакав и Дејо Савичевиќ. Какви креативци. Еднаш се раѓаат такви играчи.
На ракометот не се сеќавам многу од тоа време. Во глава ми е генерацијата на Загреб Хромос. Еден од идолите ми беше Пепи Манасков додека играше за Пелистер и за репрезентацијата. Уживав гледајќи го неговиот скок шут. Се сеќавам дека одевме во Велес или во Битола кога се основаше репрезентацијата на Македонија, 1993/1994. Сакав да го видам во живо. Неверојатен играч.
ПЛЕЈМЕЈКЕР
Можеби бев и поголем талент за кошарка. Почнав да тренирам кошарка пред ракометот и ми одеше доста добро. Кошаркарското игралиште ми беше најблиску, како и школската сала каде се тренираше. Играв дури и некои официјални натпревари за младинската екипа КК Овче Поле. Се сеќавам на натпреварот против Владо Илиевски кој почнуваше во Струмица. Бев талентиран плејмејкер. Полесно е да се почне со кошарка отколку со ракомет. За кошарка се потребни двајца и топка. Пробав и се заљубив.
Потоа дојде периодот кога ги тренирав двата спорта. На крајот, повеќе ми легнаа другарите од ракометот. Тоа ми беше клучно. Ракометарите беа постари, кошарка тренираше екипата од школо. Мене ме влечеше да бидам во друштво на постари, тие правеа некои други работи, беа посериозни, а и секогаш сакав да бидам понапред од својата генерација. Тоа беше предизвик, отворено игралиште, една соблекувална, добро се чувствував и побрзо созревав.
Кошарката многу ми помогна. Многу е битно во денешниот ракомет да користиш кошаркарски елементи. Да го освоиш просторот, ја водиш топката и користиш кошаркарски трикови. Ако ракометот се игра на мал простор, тогаш како им е на кошаркарите кои мораат да се снајдат во џунглата на раце и нозе, со поголема топка која треба да ја проиграш на уште помал простор? Ако тоа го успееш во кошарката, тогаш полесно ќе ти појде од рака во ракометот. И ден денеска, на крајот од кариерата имам некои кошаркарски движења.
Грешка е што многу ретко се користи во тренажниот процес. Тренерите воглавно даваат фудбал за загревање, кој го избегнувам на оваа возраст заради можни повреди. Кога ќе видам ракометар кој не знае кошарка, тогаш обично велам „Од овој нема ништо“. Тоа е уличен спорт, тоа мора да се знае. Ако немаш талент за баскет, тогаш тешко ќе го имаш и за ракометот. А има такви играчи. Се смееш кога ги гледаш при загревање како баратаат со кошаркарска топка.
ЛУД ПО СПОРТОТ
Моите амбиции не беа преголеми. Не мислев дека ќе стигнам до Лига на шампиони, Веспрем, Загреб, Атлетико, Барселона. Размислував само за тоа како ќе се занимавам со спорт и ќе играм за некој клуб од регионот. Да дојдеш до Црвена Звезда, со оглед на тоа дека бев Звездаш или до Вардар од Скопје. Немав во глава дека еден ден ќе играм во вистинското странство. Сè си одеше по некој свој тек. Едноставно го немав оној момент „сонувам да одам во Америка“. Не, немаше некоја голема фантазија, ама сепак бев луд по спортот. Гледав сè и впивав по сешто.
Пораснав во куќата во која мајка ми сè уште живее. Сите игралишта ми беа многу близу. Преку капијата на некои 50 метри гледав во кошаркарското игралиште. Малку понатаму од десната страна беше ракометното, а веднаш тука беше и фудбалскиот терен. Излегуваш од дворот и сè од спортот беше тука. Од тераса ги гледав сите три игралишта. Спортот ми беше секогаш пред очи. Сега некои нови деца имаат нови терени во градот, ама тогаш тие беа единствени.
ПРВАЦИТЕ НА БЕТОН
Ракометот во Свети Николе е спорт број 1. Имаше доста ракометни, фудбалски и кошаркарски таленти во градот без спортска сала. Кога јас почнував се играше на отворен терен. Нашиот клуб беше домаќин во Штип, Велес и Радовиш. Штип е на 25 км, а Радовиш на 30 км.
На почетокот на 90-те игравме во младинската лига на отворено игралиште. Тоа не нè спречи да бидеме пионерски и младински прваци на Македонија. Бевме талентирани. Првиот тим играше како домаќин во салите во комшилак, но сите тренинзи ги имаше на отворено и лето и зима.
Не беше лесно да се дојде до нови патики во тоа време, а на бетон ако тренираш, патиките ги кинеш за 15-20 дена. Клубот одлучуваше кој ќе добие патики. Воглавно тоа беа 15 играчи од првата екипа и уште 5-6 од младинската. Ако ги добиеш, се чувствуваше како да си извлекол премија на лото, а ги кинеш многу брзо. И кога ќе ги скинеш, тогаш од старите патики го земаш јазикот, ги поставуваш со него да не добиеш плускавци и играч понатаму. Се кинеа и чорапите, зошто дупка е дупка, се лиже ѓонот. Така им беше на сите. Не можеше секој да си овозможи купување нови патики, а пак клубот ги купуваше еднаш годишно.
Ладно, топло, игравме натпревари и по дожд. Почнува дожд, ама нема прекин. Топката ќе се намокри, па иако ставаш лепак на неа, мораш да имаш добра техника да ја додадеш на првиот до тебе, а камоли да шутнеш. На крилата и пивотмените им беше полесно зошто се поблиску до голот, ама бек да шутне со мокра топка? Тоа беше готово невозможно. Такви се есенските денови. Почнува дожд, излегуваш и тренираш.
Во зима кога веќе не се може надвор, одевме во училишната сала со димензии 25x15. Додека се избориш за термин кај директорот, па потоа ја прилагодиш салата така што ќе се направиш еден шестерец и гол да поставиш 6 на 6, помина половина тренинг. Од понеделник до петок трениравме само со една маичка, шорц, дрес и чорапи. Имавме економ. Не ги перевме работите после секој тренинг, туку ги остававме само да се исушат, па потоа утредента облекуваш исто и се така до викенд.
Се пиеше чај или оној сок од кесичка на растворање. Од лонец се зафаќаше со шолја, па ќе влезе малку палец, по некое влакно и којзнае уште што. Ќе се напиеш и тераш понатаму. Ќе се згрееш или разладиш. Ако дојде на ред по втор пат, си направил голема работа, си го прелажал економот. Меѓутоа уште тогаш јас почувствував дека сè може да се постигне и во такви услови. Првиот услов е да се сака. Така функциониравме. Така и станавме пионерски и младински државни шампиони.
„ЛОРДОВИТЕ“ ОД МААЛО
Како дете добивав и ќотек понекогаш. Бев дрзок, но и секогаш свесен кога ќе заслужам. Правев пиздарии. О, да, правевме разни глупости во нашиот крај. Друштвото ми беше вистинско уличарско, а знаете како се вели „Со кого си, таков си“. Прашање е дали имаш среќа, во вистински момент да се извлечеш и тргнеш по друг пат? Кога ќе го вратам филмот, за мене таа среќа беше преминувањето од Велес во Битола. Одевме секаде и правевме сешто. Се криевме, купувавме цигари и пушевме. А кога друштвото ти пуши, мораш и ти да земеш цигара. Така размислуваш кога си дете. Во тоа време беа марките Партнер и Лорд. Ако имавме повеќе пари купувавме Лорд, па ќе поделевме меѓу себе по две-три цигари. Пушевме без врска, не знаеме ни зошто, ни што правиме. Ако немавме многу пари, тогаш купувавме Партнер и онака безволно зборувавме: „Еее кога ќе купиме Лорд.
Како тоа нешто да ни значеше. Деца. Родителите не нè открија за цигарите баш долго. Обично ќе дојдев дома, ќе ги измиев забите и џвакав мастика. Сето тоа сум го поминал. Имавме ние многу голема фамилија. Ми доаѓаа братучедите од Делчево и еден од нив секоја втора недела. И така, со него бевме генерациски блиски и глумевме во ист филм. Се препознавме и така еднаш запаливме цигари скриени во шупата позади куќа. И тогаш не фати некој од фамилијата. Таков ќотек добив, што повеќе не ми падна на памет да помислам на цигари. Ме фатија заедно со братучед ми, а не со моето друштво. Толку се бев опуштил, практично пред родителите почнав да го правам тоа.