Прв црвен картон за Кристијано Роналдо за репрезентација после 226 натпревари!

Пред натпреварот со Република Ирска во Даблин од квалификациите за Светско, Кристијано Роналдо изјави дека ќе се труди да биде „добро момче“ за да ја држи поддршката од ирските навивачи зад себе. После мечот стана омразен од Ирците речиси еднакво како Тиери Анри.

Со два гола на младиот 23-годишен центарфор на АЗ Алкмар Трој Перот, Ирска ја совлада Португалија со 2-0 и ја оствари најголемата победа во последните дваесетина години.

Сега на табела Ирците се само бод зад Унгарија која има 8 бода, а Португалија е прва со 10 бода на коло пред крајот.

Кристијано Роналдо во 61' минута доби црвен картон откако со лакт намерно го удри противничкиот фудбалер Дара О'Ши. Главниот судија прво му покажа жолт картон но по прегледување ВАР снимка го исклучи.

Тоа беше прв црвен картон за Роналдо на 226 натпревари за Португалија со што е апсолутен светски рекордер по бројот на настапи за репрезентација. Во клупски фудбал тој бил исклучен од игра со црвен картон 13 пати.

Кристијано сега се соочува со суспензија која може да го оддалечи од натпревар или повеќе натпревари на Светското првенство 2026 следната година, но најреално е казната да ја одработи во недела кога Португалија ги затвора квалификациите против Ерменија.

39-годишниот најдобар светски стрелец на сите времиња пред натпреварот со Ирците имаше интересна изјава:

„Навистина ги сакам навивачите тука и поддршката која што ја даваат за репрезентацијата. За мене е големо задоволство да дојдам и да играм овде пак. Секако ќе биде тешко. Се надевам нема многу да ми викаат уа утре. Се колнам дека ќе се обидам да бидам добар дечко.

Но секако, си ја работам работата. Ќе се обидам да победам и ќе се обидам да дадам гол и да му помогнам на мојот тим. Сигурен сум дека ќе биде тежок натпревар“.

Сега после црвениот картон, Ирците уште повеќе го замразеа.

На излегување од терен синоќа, Кристијано Роналдо со прст покажувал кон селекторот на Ирска Хеимир Халгримсон дека наводно вршел притисок врз главниот судија за фудбалерот на Ал Наср да добие црвен картон.

„Тој (Роналдо) се пожали на мене дека сум вршел притисок врз судијата. Тоа беше негова акција на терен што го чинеше црвен картон. Немам јас ништо со тоа - се додека не дојдов во неговата глава“, рекол Халгримсон кој додал дека не зборувал со Роналдо после мечот и дека доволно зборувале кога бил исклучен.

Според дисциплинскиот код на ФИФА, во член 14 стои дека играчите и официјалните лица треба да бидат суспендирани најмалку три натпревари за напад кој подразбира удирање со лакт, удирање со тупаница, шутирање, гризење, штипење, плукање на противникот или друго официјално лице на натпреварот.

Ако Роналдо доби 3-меча суспензија што е малку веројатно со оглед на неговата репутација, тој ќе одработи 1 натпревар против Ерменија во недела и после 2 официјални натпревари на Светско првенство 2026.

 

14 ноември 2025 - 09:39