Од автобиографијата на Кире Лазаров „Секогаш на победа“ (2 дел)

Првата битка во ЛШ на 15 години, дружбите со коњакот и големите кризи во Битола

После првите ракометни чекори во Овче Поле, Кире Лазаров уште како тинејџер се соочил со големи предизвици во дресовите на Борец и Пелистер. Во Велес имал голема минутажа, на 15 години почувствувал меч против актуелен европски првак, ама навечер не водел спортски живот. Трансферот во Пелистер бил полн погодок и покрај тоа што на почеток греел клупа и вршел притисок дома, веднаш да му најдат друг клуб.

После кинењето на патиките и крварењето на колената на бетонското игралиште во Свети Николе, Лазаров на само 15 години му дал 4 гола на актуелниот европски првак Елгориага од Шпанија. Но вели дека ако уште две-три години останел во Велес, не би постоела оваа книга, ниту кариерата.

Соиграчите после натпревар љокале коњак и затворале дискотеки, а паралелно со нив за да не излезе слабич, љокал и тој. Пресуден момент да излезе од тоа друштво и да добие поголем предизвик, било заминувањето во Пелистер, за што одлучил татко му Благој, без разлика што Михајло Михајловски им доаѓал дома.

Пред да замине во Европа, Кире во Битола се задржал од 1997-2000, период за кој има многу раскажано во книгата. Првите нервози кога не добивал минутажа, турбо распоредот со два тренинга на ден и школо, лошите услови во сала, популарноста, па сè до првиот автомобил кој го возел без возачка од Битола до Свети Николе и назад. Излегувањето на 16 години од дома, воопшто не му било лесно и едноставно.

НА 15 ГОДИНИ ПРОТИВ ОСВОЈУВАЧИ НА ЛШ

За Овче Поле играв во пионерската и младинската лига, додека за сениорскиот тим настапив кратко. Во сезоната 1994/1995 Борец стана шампион на Македонија, ама клубот финансиски почна да се распаѓа. На мојата позиција таму беше Ацо Јовиќ кој отиде во Ресен. На газдата не му одеше бизнисот. Го наследив на местото десното крило во летото 1995. Првите две години од средно ги учев во Свети Николе. Првата година бев дома, а втората секој ден патував до Велес.

Патувавме петмина од Свети Николе, голманот и левиот бек беа мои врсници, како и двајца постари играчи. Секој ден под 30 км во еден правец, покрај се она што мораш да го завршиш за во школо. Ќе станеш, одиш во школо од 7:30 до 13 часот, учиш, иако се помалку се имаше време за тоа, бидејќи почнав да тренирам професионално. Не беше едноставно.

Борец по снага беше втора екипа во Македонија. Пелистер беше во подем, го играше со Лемго познатото полуфинале од Купот на ЕХФ. За титулата се бореа и Вардар, Прилеп, Куманово, Богданци, Неготино. Силна лига и неверојатно искуство да во тие години играм натпревари на тоа ниво. Имав голема минутажа. Имаше уште еден постар играч на крило, ама тренерот Јошко Петровиќ го препозна мојот талент и така со своите 15 години, скоро секој меч го поминував по 60 минути на терен. Во таква силна лига.

Таа есен игравме квалификации за ЛШ со Динамо од Букурешт. Изгубивме во Романија 6-7 разлика, но успеавме пред преполната сала во Велес да ги совладаме со 8 гола разлика и да ги елиминираме. Радоста беше неопислива. Велес беше на нозе.

Во второ коло налетавме на тогаш актуелните освојувачи на ЛШ, Елгориага од Ирун. Екипата со Ненад Перуничиќ кој неколку месеци пред тоа беше најдобриот играч во финалето против Загреб. Ја земаше топката и од 14-15 метри, лесно без запнувања шутираше на голот. Можете да замислите каков настан беше тоа за мене, кој до вчера ги кинеше патиките и му крвареа колената на бетонот на Овче Поле? Во првиот натпревар дадов дури 4 гола. Го изгубивме убедливо, а вториот помалце, ама сè што ми остана беше дека со 15 години играв против бранителот на ЛШ во нивната сала. Да беше сè како што требаше да биде, ќе останев подолго во Велес. Но ситуацијата какво што беше, мирисаше на заминување, а Пелистер имаше големи амбиции.

ГИ ПРЕМИНУВАВ ГРАНИЦИТЕ

И тоа беше најдобрата одлука во мојата кариера, која не ја донесов јас. Бев дел од постарата екипа. Тоа напуштање од Велес значеше и напуштање на друштвото кое немаше баш спортски навики. После секој натпревар останувавме во град до длабоко во ноќта. Победил, изгубил, се знаеше дека недела е слободен ден, нема школо и настануваше лом. Кога се дружиш со постарите, а тоа се силни момчиња кои сакаат и можат многу да испијат, а тука е и популарноста. На 15 години осетив што значи да се популарен. Даваш 2-3 гола против Пелистер во полна сала и ти си автоматски популарен, цел град те знае и те поздравува. Ги затворавме кафиќите и дискотеките.

Започна дружењето со алкохолот. Неизбежно. Тогашниот најдобар другар на ракометарите беше Бадел коњак. Ако не пиеш со нив, тогаш си слаб, не припаѓаш на таа екипа. Тоа е матрица. И кога тоа ќе тргне, прва, втора, трета, ги преминував границите кои не беа добри. Бев свесен за тоа. Тоа беше најважно. Млад си, можеш полно да примиш во себе, да издржиш и утредента да станеш како ништо да не ти било. Но ако имаш амбиција да направиш нешто во кариерата, така не може и не смее. Тој период го нарекувам искуство, но секако не се за гордеење. Имав среќа. Клубот беше на колена, отидов во Битола и го добив вистинскиот тренер Никола Јевремовиќ Гужва.

Во Битола ме дочека добро друштво, позитивно опкружување, другари на кои таков вид на забава не им е основна работа во животот и немаат такви пороци. Таму веќе се дружев во свои врсници и сите работи во растењето ги поминував на еден подобар и понормален начин. Од друга страна, сериозноста на клубот, професионализмот кој беше на високо ниво и тренерот учител ме туркаа на вистинскиот пат. Го фатив вистинскиот бран. Да останев во Велес и таквиот ритам да потраеше уште две - три години, денеска не би ги читале овие редови. Не би била оваа книга, ниту кариерата. Кој знае што би било.

Тоа се некои пресвртни моменти на кои не можеш често да влијаеш, а за кои некогаш не си ни свесен. И кога ќе осетиш дека нешто не е во ред, дали имаш сила тоа да го промениш на 15-16 години? Дали е можно да се излезе од такво опкружувањето. Бев доволно интелигентен и не дозволував моите родители да се посомневаат. Ќе станеш во недела во 10 како нов. Не можат да те откријат дека претходната ноќ си испил шише Бадел. А фраер си ако си испил. Во спротивно не си за тоа друштво. Битола беше вистинскиот потег. Еден од најдобрите во мојата кариера. Можеби тоа е баш таа среќа, која секој мора да ја има за да направи нешто во животот.

ТАТО ОДЛУЧИ

На масата ги имавме понудите од Вардар, Пелистер и од клубот од Неготино кој беше амбициозен во тоа време. Одлуката ја донесе тато Претседателот на Вардар Михајло Михајловски доаѓаше кај нас. Имав понуда со подобри услови отколку во Битола, ама тато имаше повеќе искуство и избра да не бидам во Скопје. Многу младински репрезентативци отидоа во Скопје, прифатија подобри услови, но големиот град ги успори, изгубија фокус и не го остварија полниот потенцијал. Бев единствен кој отиде во Битола, таму имаше најдобро школо. Неколку момчиња отидоа во Неготивно каде ги изеде провинцијата. Изгубија сè. Светлата пак на Скопје, влечеа на друга страна. Таму отидоа Ангеловски, Атанасоски и Колев. Беше тоа пресуден момент. Го избрав најдоброто ракометно школо и најдобрата средина за развој. Тато рече: „Одиш во Битола“, иако Скопје беше 65 км, а Битола 150 км далеку од дома.

Чувствував внатрешно задоволство. Потајно и самиот сакав тоа да биде Пелистер. Битола ми беше најдрага. Ги гледав тие натпревари со Лемго, полна сала, атмосферата, Чкембарите, ја видов Европа. Во тоа време Вардар уште играше во расадник, сала со 700-800 места. Не беа сè уште преминати во Кале. Атмосферата не можеше да се спореди. Во Битола кога ќе поминеш низ Широк сокак, а играш ракомет, се чувствуваш како да си лично Тито, без разлика дали имаш 16-17 години или си постар. Такво е тоа чувство. Мораше да бидеш добар, го сакал тоа или не. Страшен притисок носи играњето во Пелистер. Многу млади играчи не успеаа.

Во летото 1996 година заминав од дома. Сега навистина засекогаш. Не ми беше лесно. Ништо не е лесно за дете од 16 години. Отидов во многу поголем град, далеку од Свети Николе и не бев спремен за тоа. Станав војник кој почна да ги одбројува деновите. На почетокот тоа траеше бесконечно долго, ама со време сфатив дека тоа е патот кој го избрав. И престанав да бројам. Ракометот стана моја работа, љубов и начин да се остварам како човек. Живот.

ВОДИ МЕ ОД ОВДЕ

„Сакам да си одам, води ме од овде, бараме нов клуб“, бев бесен додека на татко ми му се истурав се она што го чувствував во тој момент. Шетавме покрај Охридското езеро. Мојот горд татко и јас, во тој момент, најнесреќниот спортист на земјината топката. Ржев дека не сакам повеќе да играм дека сето ова е грешка, што воопшто дојдов во Пелистер. Во Битола стигнав неколку недели порано.

Бевме во Струга. Традиционалниот струшки турнир секогаш беше место на кое се тестираше формата пред стартот на сезоната. Пелистер имаше најмногу амбиции и мораше сè да се освои, а тука беа и Вардар и Ресен. Дојдовме до трофеј, ама бев многу незадоволен. Не играв. Поточно не добив ни секунда. Кога денес ќе се сетам на таа сцена која им ја приредив на родителите, не сум ни заслужил со своите 16 години, бидејќи и немав квалитет за тоа. Во мене пак сè гореше. Бев нереален. Дојдов на женска плажа да се покажам. Семејството и пријателите дојдоа да ме гледаат во дресот на новиот клуб. Беше тоа голема работа за тато. Син му игра во Пелистер. Ред уживање на езерото и ред гледање ракомет.

Ама синот не игра. Седи на клупа во тренерки. До тогаш играв секаде и секогаш. Играв во Овче Поле, но и 60 минути во Велес. Клупата предизвика бунт, па дури и на подготвителниот турнир 20 дена после доаѓањето во клубот.

Им направив страшен притисок на родителите. А што да прават кога детето им е незадоволно? Некој многу очекува од своите деца, но моите не беа такви. Бев неискусен. Мислев дека е крај на светот само затоа што не бев на терен на два натпревари, дека нема кариера, дека сè се сруши како кула од карти. Тоа немаше врска со животот, ама на млад човек тешко е да му се објасни. Сега ми е смешно кога зборувам за ова. Стигнаа навивачите од Битола, во Струга владееше еуфорија, а јас водев војна сам со себе. Сакав да го раскинам договорот или да отидам некаде како позајмен играч.

ЖИВОТОТ Е ТРЕНИНГ

Клубот функционираше мошне професионално, така што тинејџер како мене немаше време да направи нешто лошо и да тргне по лош пат. Таков е ритамот со Никола Јевремовиќ Гужва, ама и со останатите тренери кои подоцна доаѓаа. Мојата нова адреса беше хотел Битола. Старски дом, а убаво сместување каде живееа сите ракометари. Трениравме два пати дневно по два часа. Претпладне од 10 до 12. Ќе се истушираш, ќе седнеш во автобус, ќе стигнеш, ќе се пресоблечеш и ручав во хотелот.

Во 13:15 на станицата пред хотелот го фаќаш другиот автобус кој те води во гимназијата Јосип Броз Тито. Во школо поминував максимум 3-4 часа, бидејќи веќе во 18 часот почнуваше попладневниот тренинг. Одев исклучиво во пладневна смена. Чим се заврши четвртиот час, пешки преку Широк сокак одев на тренинг. Вечерата беше закажана во 21. Тоа беше тоа. Мојот ден. Имав сила само уште да отидам во кревет.

ГИ ПОЗНАВАВ СИТЕ КОНДУКТЕРИ

Ми недостасуваше домот. Ми беше напорно. Не бев задоволен. Секој викенд барав начин да отидам до Свети Николе барем на 24 часа. После натпревар во сабота, со разни комбинации наоѓав решенија истата вечер да ја отворам вратата од родителската куќа. Ќе пристигнев обично околу 23 часот и излегував да се видам со друштвото. Неделата пак ми пролетуваше. Во понеделник со автобус во 6:30 одев во Велес. Молев Бога да не доцни автобусот кој пристигаше во 6:40 во Велес, а веќе во 6:50 одеше линијата Велес - Битола.

Во Битола стигнував околу 9:10 и директно од автобуска одев на тренинг, сосе торбите. Секогаш седев на задно седиште. Вообичаена пракса беше со кондуктерите да направам дил. Ако билетот беше 300 денари, му давав половина од сумата да не ми издаде билет, а потоа бев постојано во страв да не влезе контрола. Тој еден ден во Свети Николе и покрај малтретирањата со патувањата и менување автобуси, ми беше лековит за главата. Многу ми значење психички да се доведам во рамнотежа.

СМРЗНУВАЊЕ

Не помина многу од моите доживувањата на бетонот во Свети Николе, така што бев спремен на сè. Во Битола соблекувалната беше одвоена од салата. Излегуваш после тренингот, низ парк, степеници и отворено игралиште до соблекувалната. Ладно, топло, тоа тие е, те чекаат 100 и неколку метри шетање под отворено него. Ќе се истушираш и потоа дома. Во лето е супер, ама во зима таму е -20. Тренираш во ладна сала и после те чека одење до соблекувална во јакна. Така беше и кога се играше и против Лемго. Се сменија работите многу години подоцна. Легендарната Наде и нејзиниот маж Дади беа економи. Живи се, фала му на Бога. Во таа соблекувална која се распаѓаше, имаше една печка и закачалки за облека. Тушот беше оддалечен 20-30 метри низ ходникот. Ладно како во ладилник. Се туширавме по двајца, тројца зошто немаше место. Тие беа тогашните услови за шампионот на Македонија.

БИТОЛА МОЈОТ ГРАД

Ми требаше година и повеќе да се привикнат на животот одвоен од семејството и детството. За едно дете оддалечено 150 км од дома, живот на ракометен професионалец не беше воопшто лесна работа. Како се смени тоа? Почнав да играм. Кога играш, се ти станува убаво. Просто и едноставно. Битола е ракометен град. Луѓето почнаа да ме препознаваа и ценат, а потоа неминовно дојдоа викендите пред кои размислував дали да одам дома или не? Одев да не ги растажам родителите, ама тоа се проретчуваше како времето поминуваше. 

Моето друштво беше мнозински ракометно. Првиот ден во школо едно момче ми дофрли: „Дојди до мене“. Тоа беше Димитар. Мојот кум. така почна нашето пријателство. Често пати спиев кај него, бидејќи живееше во близина на хотелот. Одев кај неговите родители на ручеци, им бев како син. Таков однос создадовме. Димитар толку многу се навлече на ракометот, што стана меѓународен судија. Многу ми помогна. Во одделението беше и Каролина Гочева. Таа тогаш беше ѕвезда. Класната не имаше како два проблема. Се вадевме еден на друг, секогаш кога ќе имавме прилика.

НЕ ГО КУПИ ТАТО 

Од стипендијата во Пелистер, го купив својот прв автомобил Фиат Пунто. Голема работа за млад човек. Го плаќав на рати, немав доволно кеш. Го купив пред и да добијам возачка дозвола. Матурската вечер се организираше во Битола, а јас со Пунтото и без возачка бев во Свети Николе. Можеби тоа беше проблем за мајка ми и татко ми, ама за мене? Нула бодови. Возев 150 км. Малолетен. Ми фалеа неколку дена до полнолетство и до возачкиот испит. Сè уште се сеќавам на таа гужва дома околу ова. Настана вистинска паника. „Кај ќе одиш црно дете“?

Ништо и никого не слушав. Седнав храбро и дадов гас. Требаше да се стигне на матурската. Требаше да се испадне фраер, играчот на Пелистер, некому кому тато не му купил автомобил, туку сам си го заработил. И тоа пред 18 години. Младост.

Маалскиот живот на Лазаров кој се тепал на фудбал, играл баскет и скришно пушел цигари

9 јуни 2022 - 15:09