Во ситуација кога веројатно никој не знаеше што да очекува од новиот состав на Црвено црните, а најмалку вака убедлив настап, затоа што самите тврдеа дека им фалат натпревари и воиграност, Вардар го растури Фленсбург и тоа со убав резултат од 31:26.
Предоглата пауза на момците на Алушовски не направи проблем во нивната игра, туку напротив покажаа огромна желба и глад за ракомет од почеток до крај.
Вардарци беа мотивирани и со многу жар одиграа пред нетипично празната сала во која имаше само педесетина луѓе, веројатно спонзори на новоформираниот тим на газда Михајло Михајловски, бидејќи карти во продажба немаше.
Новата сезона во ЛШ ја стартуваа со пораз од Мешков Брест пред еден месец, а потоа два меча им беа одложени. Но тоа не ги извади од ритам, туку напротив ги мотивираше да одиграат во голем стил против единствениот непоразен тим во групата.
Зонската одбрана “пет-еден“ со Дибиров кој им го бркаше организаторот на играта, им создаде многу проблеми на ракометарите на Фленсбург, а во напад играа речиси совршено. Стефче Алушовски одлично го ротираше тимот, а интересно Чупиќ го ставаше и на бековска линија за да го одмори ветеранот Вуин.
Капитенот Столе беше предводник на триумфот со 8 гола меѓу кои и една шрауба, Дисингер и Јотичќ постигнаа по 4, а Дибиров и Чупиќ по 3.
Во следното коло за седум дена во Јане Сандански гостува македонскиот репрезентативец Никола Митревски со Порто.
Фото: Спорт 1