Претседателот на Вардар, Сергеј Самсоненко изјави дека Гонзалес била неговата прва желба со кој лично преговарал за да го предводи нашиот претставник во Лигата на шампионите, а довербата му ја даде со договор кој ќе трае до 2016 година.
-Благодарност до Сергеј кој ми даде прилика да работам во клуб со големи амбиции на меѓународната сцена. Ова е шанса која не се пропушта. Сигурен сум дека ќе го дадам максимумот за да ги исполнам задачите и целите кои се очекуваат од мене. Се заблагодарувам и за топлиот пречек се верувам дека брзо ќе се адаптирам во Скопје", изјави новиот кормилар на Вардар.
44 годишниот Гонзалес нема искуство како прв тренер. Занаетот го учел како помошник на Талант Душебаев во екипите на Сиудад Реал и Атлетико Мадрид, а сега ќе има можност да соработува со двајца негови сонародници, синот на неговиот поранешен колега, Алекс Душебаев како и со голманот Инаку Малумбрес.
Шпанскиот стратег е четвртиот тренер кој оваа сезона седнува на жешкото столче на Вардар, каде претходно беа Зоран Кастратовиќ, Андон Бошковски и Горан Симиќ. Како играч и член на селекцијата на Шпанија, на Летните Олимписки игри во Атланта во 1996 година тој го освои бронзениот медал.
На денешната прес конференција беше претставен и новиот спортски директор во женската екипа на Вардар, а тоа е поранешниот член на Кометал Ѓорче Петров, Тања Медвед.
Поранешната репрезентативка на Србија ќе има можност да работи заедно со Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева со кои настапуваше за Кометал во периодот од 1997 до 1999 година.