Само дваесетина дена по оставката на Лино Червар кој и официјално стана селектор на Хрватска, РФМ за брзо време реагираше и најде предводник на националниот машки ракометен состав.
Одлуката падна на Раул Гонзалес кој утринава беше едногласно потврден од сите членови на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија.
Претседателот Живко Мукаетов смета дека шпанскиот стратег е докажан тренер кој работи модерен ракомет со систем воспоставен во Вардар кој може да биде полезен и за репрезентацијата.
Првиот предизвик на новиот селектор ќе биде да ја однесе Македонија на Европското ракометно првенство во Хрватска кое е закажано за јануари идната година.
Македонија е во квалификациска група со Исланд, Украина и Чешка и до сега има победа со Украина дома и пораз од Чешка на гости.
Следниот меч го игра на 4 мај пред своја публика против Исланд, а по три дена гостува таму. Потоа следува гостување против Украина 13/14 јуни, па со Чешка на домашен терен 17/18 јуни.
Првите две селекции обезбедуваат пласман на континенталниот собир во Хрватска.