Од СП Египет 1999 до СП Египет 2021, мундијалскиот пат на Лазаров е за документарец

Само Кире може да каже какви емоции почувствувал кога разбрал дека после сите перипетии Македонија сепак ќе биде дел од ракометниот крем. Неговата кариера е како бајка. Последното Светско првенство ќе го игра онаму каде што го почна пред 22 години.

Пепи Манасков, Стевче Алушовски, Боро Чурлевски, Александар Зарков, Александар Јовиќ, Урош Мандиќ, Томче Петрески, Бранко Ангеловски, Иван Марковски, Слободан Николиќ, Шандор Ходик, Кире Поповски, Зоран Петковски, Горан Андоновски. Селектор Стевче Стефановски.

Ова е таа селекција која ги удри темелите на Македонија на големите ракометни натпреварувања, а во неа намерно изоставивме уште двајца. Тоа се Кире Лазаров и Данило Брестовац.

22 години подоцна овие двајца се враќаат во Египет со иста задача, првиот повторно како репрезентативец, а вториот овој пат како селектор.

Во ракометот, па и општо во било кој спорт е реткост да се опстои толку долго, а во случајот на Кире Лазаров тоа е со стил и форма која ја држи во континуитет повеќе од две децении. Работи напорно, води спортски живот и игра во големи клубови.

Кире има 40 години или 25 години клупска и 22 години репрезентативна кариера и е најзаслужен за успесите и репутацијата на македонската ракометна репрезентација. Ја има редовно на големите натпреварувања и остава силен впечаток, особено пред девет години кога заврши петта во Европа.

Неговото мундијалско ракометно патување ќе заврши онаму каде што го почна како 19 годишник и ќе им раскажува на внуците за неговите први игри и голови во Египет. Постигна вкупно 10 од кои осум против домаќинот.

Пепи беше ударната игла во играта на таа генерација, но кога него не му одеше, блескава партија од сенка одигра Лазаров кој погодуваше од сите позиции. Другите два гола му се против Саудиска Арабија и Бразил.

За Кире утрешниот старт против Шведска значи седми Мундијал, колку што впрочем има играно нашата земја од осамостојувањето: 1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019 и сега 2021.

Најдобриот резултат го постигна во Катар 2015 каде Македонија заврши деветта во свет, а пак во Хрватска 2009 имаше личен блесок постигнувајќи 92 гола, рекорд кој сè уште никој му го нема срушено.

Да е само тоа. Лазаров е најдобар стрелец во историјата на светските првенства, а со овој настап ќе има можност уште поцврсто да се бетонира на првата позиција.

Ако кај него се задржиме на тема бројки, тоа ќе нема крај, затоа само уште следниве факти. На ЕП 2012 стана рекордер со 62 гола, а на пиадесталот се наоѓа и во ЛШ како прв ракометар кој стигнал до 1.000 голови. Во мај минатата година беа 1332.

Како ли да и се оддолжиме на оваа жива легенда која 22 години го исчаши рамото за Македонија и која на конто има 1603 репрезентативни гола?

Браво јуниор, тоа е нашата иднина, рече Калински во Египет 1999.

13 јануари 2021 - 14:36