Најдобрите македонски ракометари го одиграа можеби најдобриот меч во последните години. Иако крајниот резултат 24:24 не оди во прилог на тоа, сепак нашите ракометари вечерва на гости кај Чешка демонстрираа вистинска ракометна лекција.
Уште од стартот нашите ракометари тргнаа јуришно, со желба за гол повеќе. Таквата одважна игра носеше предност во текот на целиот прв дел. По првите 10 минути имавме извонредни 1-5, позитива која уште повеќе ги окуражи момците во црвено-жолто да сфатат дека се поквалитетен ривал од Чешка.
Предводени од Миркуловски кој беше главен организатор на нашата игра и од сјајниот Никола Митревски кој бранеше на своето ниво од Лига на шампиони, Македонија на полувреме замина со предност од убедливи три гола: 10-13.
Во транс нашите момци го почнаа и вториот дел и неочекувано стигнаа до неверојатни +7 (10-17). Постигнавме дури четири погодоци после цепелин, атрактивно, а главен архитект на тие моменти беше нашиот капитен и селектор Кире Лазаров.
Иако ја одржувавме предноста, со неколку технички грешки им дозволивме на Чесите да се приближат и на крајот да се изборат за реално неправедни 24-24 со голот на Кашпарек во последните моменти.
Ако се има предвид дека Чешка беше фаворит на првиот меч а нашите ракометари демонстрираа фантастична игра, би требало да дојдеме до заклучок дека во недела во Скопје, Македонија пред повеќе од 6.000 бучни навивачи би требала лесно да ја завери визата за пласман на уште едно Светско првенство.
Најефикасен во нашата селекција беше Талески со 5 гола, Лазаров и Георгиевски постигнаа по 4. Кај Чесите најефикасен беше Клима со 5 гола а Бабак запиша 3.