Неверојатната Данска ја сомле Германија и оди во полуфинале

Полетната и млада репрезентација на Германија успеа да и парира на велесилата Данска само во првиот дел. Во вторите 30 минути Питлик и Гидсел заедно искомбинираа дури 15 гола во мрежата на Германците за триумф 31:26 и ставија печат на картата за полуфинале.

Третото коло во вториот круг на Европското првенство донесе спектакл. Во Хернинг пред преполни трибини Данска ја победи Германија 31:26.

Натпреварот започна со гол на Матијас Гидсел но Германија брзо се врати и поведе со два гола предност. Релативно израмнето со голови на двете страни се играше во текот на целиот прв дел.

На пауза се замина со 13:12 за домаќинот иако гостите имаа пенал во последна секунда кој Усчинс не го искористи односно му го одбрани данскиот резервен голман.

Неизвесно и нерешено беше се до 35' минута кога Данците имаа и доза среќа затоа што во само неколку секунди Германија доби две исклучувања: прво Руне Дамке а после и Јаник Колбахер. Набрзо исклучен беше и Марко Гргиќ па Данска тоа го искористи и избега на дури +7 гола предност во 48' минута.

Во голема мера им помогна и голманот Нилсен кој бранеше во транс.

Во тој период доминираа Гидсел со три гола и Симон Питлик со дури пет гола по ред иако до тој момент имаше шест промашувања.

На крајот најефикасни во триумфот беа токму Гидсел и Питлик со по осум гола. Емил Нилсен запиша дури 14 одбрани и заслужено беше прогласен за играч на мечот. Кај Германија Ренарс Усчинс постигна шест гола а Јулијан Костер и Марко Гргиќ по четири.

Данска обезбеди полуфинале па во последното коло против Норвешка ќе игра растеретено. Германија ќе се бори против Франција во директен дуел за полуфинале.

Претходно вечерва Шпанија ја совлада Франција 36:32 и гордо го привршува Европското на кое веќе нема математички шанси за полуфинале. Но затоа трето место во групата би им донела директна карта за Светско првенство следната година во Германија, така што овој триумф им е исклучително важен.

Најефикасен кај Шпанија беше Баруфет со 10 гола а кај Французите Мин запиша седум погодоци.

26 јануари 2026 - 22:10