СП Египет 1999
Ракометниот пат на Македонија во светски рамки почна во Египет 1999, а до таму стигна преку третата квалификациската група со 5 победи и еден пораз. Ист учинок со нас имаа Португалците, а Италија и Белгија останаа дома.
Предводени од Пепи Манасков, кој тогаш беше член на Целје, македонските ракометари не се прославија во Египет и завршија како 18-та селекција во светот од вкупно 24 земји. Беа дел од групата Б и славеа само на првиот меч против Саудиска Арабија. На сите останати средби против Германија, Египет, Куба и Бразил забележаа пораз.
СП Хрватска 2009
Втората шанса за настап на Мундијалите ја искористивме по 10 години, а таму оставивме белег по две нешта. Салите во Вараждин и Задар грмеа од македонски навивачи, а Кире Лазаров му ја покажа на светот силината и прецизноста на левата рака и стана најдобар стрелец на првенството со 92 гола.
Патот до Хрватска одеше преку шестата квалификациската група во која беа Португалија и Бугарија, а во баражот го добивме двобојот со Исланд и тоа со голем пресврт. На гости беше 30:24 за нив, но во „Борис Трајковски“ златните момчиња на Илија Темелковски славеа +8 (34:26).
Како дел од групата Ц, Македонија заврши на втората позиција и славеше против Алжир, Полска и Русија, а загуби од Германија и Тунис. Во втората група ги загубивме сите три меча од Норвешка, Данска и Србија, а потоа во разигрувањето славевме против Јужна Кореја со гол разлика со што беше остварено 11-место. Лазаров на тој меч постигна 15 голови.
СП Шпанија 2013
Најлесниот обезбеден пласман ни се случи во Шпанија пред две години, кога по силната форма од Еврошампионатот во Србија 2012 каде завршивме петти, игравме плеј-оф меч против Австрија. На гости загубивме со 3 гола разлика, а дома славевме со +5.
Во Шпанија под водство на Ѕвонко Шундовски Македонија не успеа да оствари напредок во однос на Хрватска и Мундијалот го заврши на 14-та позиција. Групата Б ја заврши на четвртата и последна позиција која носеше пласман во осминафиналето, а таму наиде на Германија од која загуби 28:23.
Нашата репрезентација против денешниот противник Тунис, има две официјални меѓусебни средби и два порази. Првиот во 2009. година на СП во Хрватска кога загубивме 25:24, како и оној на Медитеранските игри во 2013. година кога убедливо нè поразија 35:19. Во подготвителниот период, Тунижаните одиграа три пријателски средби и сите три ги добија. Славеа против Белорусија 34:30, Словачка 28:27 и Швајцарија на гости 26:24. Нашите репрезентативци пред СП во Катар два пати го победија Израел, еднаш Алжир 32:20, а загубивме од Франција 30:20.