Катастрофалната судиска грешка на Шведска - Унгарија

Целото ракометно Европско првенство го следат слаби судиски изданија и од коло во коло има спорни моменти. Синоќа на натпреварот Шведска - Унгарија кој заврши нерешено 32:32, на дваесетина секунди пред крај Унгарците тргнаа по победа. Золтан Шита тргна кон казнетиот простор а во него неправилно го блокираше Хампус Ване кој со обете нозе беше во просторот каде не смее да брани. Швеѓанецот му влезе на Унгарецот во дуел и контакт а судиите Роберт Шулце и Тобијас Тонис досудија пробивање иако беше чист, очигледен прекршок во одбрана за пенал и евентуална победа на Унгарците.

Како капак на се и покрај бурните протести од Унгарците, судиите отидоа да погледнат повторена снимка и ладно ја потврдија својата одлука за фаул во напад а не пенал.

А Шведска имаше шанса да победи но голманот Паличка промаши по обидот од гол на гол:

Ова реми најмногу и одговараше на Хрватска која со победата над Словенија сега е прва во група и ќе и треба триумф над Унгарија денес од 18 часот за да биде сигурен полуфиналист. Шведска ќе игра против последнопласираната Швајцарија и ќе ги прислушкува вестите од дуелот Хрватска - Унгарија. Исланд ќе игра со Словенија и математички и овие селекции уште имаат шанси за полуфинале.

Во другата група Данска е сигурен полуфиналист а место таму вечерва ќе бараат уште и Германија и Франција во директен дуел.

28 јануари 2026 - 12:05