Кастратовиќ се раздели со Вардар

По краток престој црногорскиот стратег Зоран Кастратовиќ е сменет од кормилото на македонскиот ракометен шампион Вардар.

На денешната прес конференција која беше одржана по повод натпреварот од СЕХА лигата помеѓу Вардар и Нексе, сопственикот и претседател на клубот Сергеј Самсоненко ја изненади јавноста со брзата одлука за смена на тренерската позиција на клубот.

„Зоран Кастратовиќ е одличен тренер и прекрасен човек, но ова е нашата конечна одлука“, изјави на кратко Самсоненко кој не ги објасни причините за прекинувањето на соработката.

Поранешниот црногорски селектор седна на тренерската клупа на Вардар ова лето и го водеше клубот на пет меча во регионалната СЕХА лига каде одбележа три победи, едно реми и еден пораз и на два меча во Лигата на шамппионите каде одигра нерешено против Барселона, а потоа беше поразен од Динамо Минск.

До назначувањето на неговиот наследник, клубот ќе го води помошникот тренер Андон Бошковски.

7 октомври 2013 - 12:31