Првиот ривал на нашите ракометари ќе им биде и најтежок противник во групата - трофејната Шведска, која во Египет допатува практично со Б тим поради многу отсутни стандардни ракометари.
Во четврток од 20:30 часот Македонија ќе игра против Шведска во 1. коло.
Швеѓаните, на пар недели пред Мундијалот беа во неизвесност со кој состав ќе патуваат. Во Каиро стигнале со изнајмен авион заедно со Норвешка и Данска.
Од носителите на играта Шведска остана без: капитенот Никлас Екберг, врвното крило на новиот европски шампион Кил кој со 8 гола ја потопи Барселона во финалето на ЛШ и стана најдобар стрелец на сезоната со 85 гола. Одбил да игра на Светското поради страв од вирусот. Андреас Нилсон не добил 2 дена одмор пред собирот па одбил да игра на Светско, Албин Лагерген и Антон Линдског биле позитивни на коронавирус, првиот голман Микаел Апелгрен и Симон Јепсон се повредени, Јери Толбринг не е повикан, а Лукас Нилсон, Линус Арнесон и Јеспер Нилсен сметале дека е ризично да играат на Светското во услови на глобална пандемија.
Лагергрен бил и единствен квалитетен десен бек во селекцијата, па селекторот Глен Солберг наместо него го повикал 21-годишниот Џек Турин од Сковде.
Швеѓаните пред почетокот на Мундијалот требаше да одиграат две квалификациски средби за Евро 2022 со Црна Гора, но и двете беа откажани поради тоа што пивотот Антон Линдског бил позитивен.
КОИ СЕ СЕГА ГЛАВНИ ИГРАЧИ ВО ШВЕДСКА?
Скандивавскиот состав, кој зад себе има неверојатни 22 медали од Олимпијади, Европски и Светски првенства (4 европски и 4 светски злата), во Египет ќе биде носен од Андреас Паличка, сјајниот 34-годишен голман на Рајн-Некар Левен и 28-годишниот бомбардер Џим Готфридсон од Фленсбург.
Јохан Флинк, новинарот и специјалист за ракомет во шведски SportBladet вели дека целта на Шведска е главна фаза, а потоа ќе биде тешко да се влезе во четвртфинале со ваков половичен, практично крпен состав.
„Добра беше ждрепката за вкрстување со група Х, но Словенија од таа група и Египет од нашата се премногу добри периодов за да се споредат со овој нов шведски тим со нов селектор.
Шведска не тренираше заедно ниту пак овие играчи играле заедно. Требаше во кампот да играат и тренираат, но ништо од тоа не се случи поради корона во тимот (Линдског), па беа една недела во карантин и без натпревари. Катастрофа по овој нов состав.“
На нашето прашање што шведската јавност мисли за дуелот со Македонија, Флинк вели:
„Многу не се зборуваше затоа што сè испадна набрзина, но Хампус Ване (Флензбург) ми кажа дека Македонија е подобра од Чешка, затоа што има повеќе играчи кои подолго време играат во големите европски клубови“.
Во вторникот селекторот на Шведска Солберг изјави дека го скаутирале Чиле од двомечот против Македонија и на крајот кога се испостави дека нашата селекција ќе игра наместо Чешка, овој скаутинг добро им дошол.
Швеѓаните уште размислуваат дали да имаат тренинг во среда наутро на денот на мечот, тренингот во вторник им бил откажан, па не знаат дали ќе имаат доволно време да поминат низ сите детали и гледање видео снимки.
Шведска во Египет допатувала со 19 ракометари, а просекот на години на селекцијата е 26,4. Вечерва треба да ја предадат листата со конечен список од 16 играчи, а селекторот Солберг уште не одлучил кои ракометари ќе отпаднат:
Андреас Паличка, Рајн-Некар Левен
Микаел Агефорс, Алборг
Петер Јоханесон, ТБВ Лемго
Хампус Ване, Флензбург
Лукас Пелас, Монпеље
Макс Дарј, Бергишер
Фредрик Петерсон, Монпеље
Оскар Бергендал, ГОГ
Даниел Петерсон, Магдебург
Валтер Хринц, Фухсе Берлин
Оскар Сунефелдт, Кил
Алфред Јонсон, Хановер-Бургдорф
Јонатан Карлсбогард, ТБВ Лемго
Џим Готфрисон, СГ Фленсбург
Феликс Клаар, Алборг
Јонатан Едвардсон, ИК Савехоф
Линус Персон, Иври
Џек Турин, Сковде
Лукас Сандел, Алборг