Еурофарм Пелистер пред преполна сала „Боро Чурлевски“ во Битола на своите навивачи и на цел град им понуди шампионска игра и заслужена еуфорична прослава на титулата.
Трибините беа целосно обоени во зелена боја откако секој навивач носеше маичка или кој било друг реквизит од клубот Пелистер.
Битолчани го симнаа Вардар 1961 од тронот и ќе бидат претставник на Македонија во групната фаза од Лига на шампиони, елитен турнир кој ќе се игра во градот на конзулите.
Пред почетокот на мечот со Тиквеш, цела сала, секој човек ја згрме легендарната „Ако одам во Битола“ и се создаде атмосфера за паметење:
Момците на тренерскиот тандем Александар Јовиќ-Звонко Шундовски убедливо го победија гостинот од Кавадарци и уште еднаш покажаа дека сезонава се најдобра екипа во земјава.
Пелистерци титулата практично ја осигураа со триумфот во вечното дерби над Вардар во Битола и до крајот им преостана во последните две кола да остварат победи. Како што беа фаворити против Охрид и Тиквер, така ја оправдаа улогата и стигнаа до шампионски пехар кој членот на УО на РФМ Александар Стефанов му го врачи на капитенот на Пелистер Мирко Радовиќ.
Тренерот Јовиќ беше меѓу поемотивните во салата. После мечот изјави дека титулата се враќа на свое место.
„18 години чекавме на овој прекрасен ден, да го вратиме шампионскиот пехар каде што му е местото. Мислам дека ова е заслуга на целиот тим, стручен штаб и управата. Самата клупска визија беше најдобра годинава. Во разговори со управата ќе се направи сè за да бидеме конкурентни во Лигата на шампионите. Сакаме добро да се претставиме меѓу 16. најдобри во Европа. Сметам дека сега е моментот да удриме добри темели и да го стабилизираме клубот, за уште долго да бидеме шампиони на Македонија“, изјави Јовиќ.
Пелистер го чека работно и бурно лето кога ќе треба да се скоцка екипата со цел да биде конкурентна меѓу најсилните на континентот. Паралелно, во Скопје, Алкалоид по втор пат сезонава го победи Вардар 1961 и завршува втор на табела со што обезбеди директен пласман во Европската лига за каде Вардарци ќе треба да играат напорни квалификации.