Избраниците на Кире Лазаров се соочија со нов сериозен и моќен противник на кој тешко му парираше, а тоа се гледа и по резултатот од 34:25.
Статистиката најдобро ги отсликува настаните на паркетот. Внимавајте добро, Македонија направи дури 20 технички грешки, што е недозволиво на едно вакво големо натпреварување. Германците имаа 7.
Оние 8 грешки од првиот дел, требаше да бидат освестување да се зголеми концентрацијата и да се подобри впечатокот, но нашите ракометари грешеа уште повеќе во второто полувреме.
Натпреварот практично беше решен уште во првите 30 минути, во кои домаќинот поведе со 18:13. Постигнуваше брзи и лесни голови, благодарение на нашата млака одбрана со многу дупки.
Имаше некои добри мигови за македонскиот национален тим во воведните 15 минути од мечот во кои се држеше резултатски, но тоа беше премалку за да се извлече некаков поволен резултат.
Добра партија имаше Ненад Костевски кој беше најефикасен во нашиот состав со 6 гола. Пешевски и Јагуриновски постигнаа по 4, а Митев 3.
Најслабо одигра Талески кој делуваше индиспонирано и не ни доби минутажа во вториот дел, а не се истакна ниту Кузмановски. Голманите имаа вкупно 7 интервенции, Томовски 5, Митревски две.
Со двата порази од Франција и Германија, Македонија е елиминирана од турнирот, а последниот меч против Швајцарија го игра во вторник со почеток од 18 часот.