Франција доби ракометна лекција до перфекција, Хрватска е во финале

Селекцијата на Хрватска приреди сензација против актуелниот европски првак и со страшен ракомет целосно го надигра и го исфрли во битката за финале. Хрватите ќе се борат за светско злато со подобриот од дуелот Данска - Португалија.

И покрај тоа што беа исцрпени и физички и емотивно после оној неверојатен пресврт против Унгарија, Хрватите приредија нова екстра квалитетна ракометна претстава, веројатно една од најсилните во 21 век.

На колена е големиот фаворит Франција, поранешен светски и олимписки првак, како и ектуелен европски, кој важеше за еден од најсериозните кандидати за трофејот заедно со Данска.

Но носени од фантастичната поддршка и атмосфера во арената во Загреб, Хрватска беше полетна, надмоќна и феноменална и целосно заслужено оди во финале со триумф од 31:28.

Момците на Сигурдсон целосно го надиграа моќниот противник кој се изгуби на овој меч и делуваше инфериорно како ретко кога со оваа силна постава на ракометари.

Тоа можеше да се забележи по само 20 минути од натпреварот кога на семафорот стоеше неверојатна разлика од 9 гола или 17:8.

Французите немаа идеја како да се вратат од бездната и на полувреме губеа 18:11.

Фуриозниот старт на Хрватите продолжи и во вториот дел во кој Франција немаше сили да спушти под -3.

Се чини еден од клучните, ако не и клучен момент на мечот беше 53 минута, кога Хрватска отиде во напад со двајца ракометари помалку и успеа да реализира преку нововлезениот Карачиќ кој стрелаше од тешка позиција, а во следниот напад изнуди пенал.

Ова ќе биде 10-то финале за Хрватите на големите натпреварувања, петто мундијалско и прво после 16 години.

Први стрелци во таборот на Хрватска беа Срна и Јелиниќ кои постигна по 7 гола, Мартиновиќ постигна 6, а Кузмановски блесна со 14 интервенции.

Кај Французите на висина на задачата беше само Дика Мем со 8 погодоци. Другите потфрлија.

30 јануари 2025 - 22:47