
Натпреварот е регистриран со службена победа за РК Алкалоид што значи дека македонскиот тим е освојувач на овосезонскиот Европски Куп!
Ракометарите на АЕК од Атина одбија да излезат на терен и да го започнат мечот против Алкалоид во Скопје поради тоа што нивните навивачи инсистирале да не го играат натпреварот затоа што тие не биле пуштени да стигнат до салата „Борис Трајковски“.
Правната служба на ЕХФ донесе правична и единствено логична одлука - натпреварот е впишан со службен резултат и победа на Алкалоид кој славеше и на првиот меч.
„ЕХФ Судот за ракомет увиде дека АЕК задолжително мораше да учествува на закажаниот натпревар. Со одбивање ги прекрши правилата и регулативите на ЕХФ и е виновен.
Одлуката на Судот е следната:
Резултатот од реванш дуелот од финалето на Европскиот куп на ЕХФ 2024/25 меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина е 10-0 и 2-0 во поени. Првиот меч заврши со 29-25 за РК Алкалоид.
Така, РК Алкалоид е победник на Европскиот куп на ЕХФ за сезоната 2024/25“, стои во соопштението на ЕХФ.
Тимот на македонскиот селектор Кирил Лазаров така станува трет македонски тим со европски пехар, по Вардар 1961 и Кометал Ѓорче Петров кои ја освоија Лигата на шампионите.
Од европската Куќа на ракометот нагласуваат дека можна жалба од страна на АЕК нема да го поништи спроведувањето на одлуката. Притоа, дисциплинската постапка за одбивањето да се игра, за евентуалната штета и начинот на продажба на билетите сè уште е во тек.
АЕК има рок од седум дена да поднесе жалба до ЕХФ Судот за жалби.