Четирите нови правила во ракометот

ИХФ од 1 јули воведе промена во правилата на ракометната игра. Биле објаснети викендов на семинар за судии во Виена, на кој присуствувал и реномираниот интернационален судија, Ѓорги Начевски.

Промените се однесуваат на пасивната игра, брзиот центар, опасните шутеви и топката, а Начевски ги објаснува за g-sport.mk.

ПАСИВНА ИГРА

Големата и единствена промена во овој дел на играта е намалувањето на бројот на додавања. ИХФ дојде до заклучок дека шест додавања се премногу, дека акциите траат предолго и бројот на додавања се намали на четири. Нема други промени во овој дел. 

Би сакал да обрнам внимание на најчестата грешка што ја прават гледачите кога бројат колку додавања останале, а тоа е првото или “нулта“ додавање. Имено, првото додавање, по прекин не се брои.

Играчот што ќе ја добие топката, ако тргне во напад и без да додаде и притоа биде фаулиран не потрошил додавање. Ако при изведување (шут) топката се одбие од блок и се врати кај играчот на пример, тогаш тоа се смета за додавање. 

ОПАСНИ ШУТЕВИ

Секој шут од игра или седмерец што ќе заврши во главата (не само лицето) на голманот се смета за опасен шут и се казнува задолжително најмалку со две минути, по проценка на судијата и црвен картон. Во предвид се земаат само шутевите кога играчот не е попречен од противникот, односно кога нема пред себе играч (контра напад, шут од линија од шест метри итн.). Ако голманот се движи или пак ако пред играчот има одбранбен играч тогаш нема казна, освен ако биде препознаена намера. 

Ќе се води сметка и за тоа дали голманите се обидуваат да изнудат исклучување со тоа што ќе се наместат на удар. Ако се процени дека голманот имал намера да намести исклучување, тогаш со две минути или црвен картон во зависност се казнува голманот. 

БРЗ ЦЕНТАР

Новитет е што на центарот на теренот ќе мора да има круг со радиус од 2 метра што ќе биде означен/обоен со поинаква боја од другиот дел на теренот. Акцијата по примен гол ќе може да почне од кој било дел на кругот, во дадена ситуација и 2 метра во просторот на противникот. Играчот што ја почнува акцијата мора да биде внатре во кругот, а и топката со целиот обем мора да биде внатре. 

Додека е во кругот, играчот ќе може да претрча, да направи колку сака чекори, но нема да смее да ја тапка топката. 

Одбранбените играчи ќе смеат да блокират од кој било дел од својата половина, но мораат да бидат надвор од кругот и да парираат надвор од воздушниот простор на кругот. 

ТОПКА

Новите топки ќе бидат самолепливи и лепак нема да смее да се користи кога ќе се игра со такви топки. Ќе видиме какво ќе биде искуството со нив.

виа

23 мај 2022 - 13:49