Будимир: Во Кале игравме на нула степени и имавме соблекувална од 10м2 со еден туш

Женскиот ракометен незаборав наречен Кометал Ѓорче Петров денеска одбележува јубилејни 20 години од денот кога се вивна на шампионското европско небо. Каков ден беше тоа. Клубот во 2011-ва згасна, спомените останаа. Бајка.

Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Андријана Будимир, Лариса Кисељева Милева Велкова, Анжела Платон, Наталија Малахова подоцна Тодоровска, Мирјана Чупиќ, Луминица Дину, Елена Златановска, Ирина Калиниченко, Ања Андрушенко...предводени од тренерот Александар Панов, оперативецот Иван Бојков и главниот спонзор Трифун Костовски.

Тоа е од прилика таа славна и силна банда која го оствари до тогаш најголемиот успех во македонскиот ракомет и спорт воопшто. Титула во Лига на шампиони. Лудо, незарабовно и неостварливо за било кој друг спортски колектив од Македонија во минатото.

Неверојатнa приказна зад кој стојат 17 титули државен првак и 16 трофеи во Купот на Македонија. Состав кој успеа да го достигне врвот на Европа.

Бајката се случи после двете незаборавни финалиња во Будимпешта и Скопје. Таму загубија 27:25, а дома победија со 26:22. Секој што го гледал реваншот во Скопје, знае како заврши, со цепелин во режија на Индира како асистент и Андријана како егзекутор.

Кале беше ракометен храм, ама со многу слаби услови за работа кои ги немал друг европски првак.

„Ние имавме можеби 10м2 соблекувална и само еден туш. Индира ми вика јас и денес се туширам 20 секунди како тогаш. Ќе влезе една, ќе се намокри и тој што чека на ред одма вика ајде излегувај. Но тоа беше како една фамилија. Немавме услови како што имаат сега, на пример во Шлагелсе тоа беше од пица до млеко. Имавме огромен магацин, си влегуваш си земаш патики, тренерки што и да ти треба, а имавме и специјален паркет кој го носевме со нас на натпревари, а го местеа мајстори два дена пред секој меч. Во Кале се смрзнувавме на нула степени, ќе стоплат малку на почеток и толку. Но сето тоа беше и причина за нашиот успех. Сега имаат сè што сакаат и пак ништо“, ни раскажа Будимир во едно интервју.

„Ние растевме во сосема поразлични услови. Јас кога бев дете имаше хиерархија, па јас во сениорска репрезентација да кажам нешто без да кренам два прста, тоа немаше шанси. Јас бев најмала и носев топки и лепак, нема врска тоа што ќе дадам 10 гола, најмал си и крај. Мислам дека тоа почитување го нема повеќе, а тоа е најголем проблем. Неоспорни се квалитетите на сите со кои играв во Кометал и сите беа барем еднаш во тимот на светот. Јас кога дојдов, се знаеше дека кога ќе стане густо, Индира ќе викне силно, значи имаше лидери“.

Првата асоцијација за името Андријана Будимир е Кометал Ѓорче Петров, на кои три работи тебе те асоцира овој клуб?

„На плоштад. Во мојата кариера Кометал беше најдобар избор, најубавите две години и искрено многу ми е жал што заминав. Шлагелсе на пример ми е најголема утка во кариерата, без разлика што пак со нив освоив Лига на шампиони. Многу ми е жал што освоив баш во финале против Кометал. Скоро кога играв во Кале со децата од школата им реков еее вашиот тренер тука во оваа сала има освоено две титули ЛШ. На сите во Македонија кога ќе им го спомнеш Кометал некако им доаѓа убаво, на срце им е“.

Кој те донесе во Кометал и како се случи трансферот?

„Игравме две пријателски во 2001 година со Крушевац против нив и мислам дека им дадов околу 30 голови на двата меча. Така се случи трансферот. На моја позиција играше постара ракометарка, се повреди и јас ја заменив. Бев ептен млада, немав уште 21 година“.

Опиши ни ја последната минута од финалето против Херц Ференцварош во таа 2002 година?

„Се договоривме со Индира пред натпреварот, ако имаме поголема предност и ако имаме топка за последен напад да направиме цепелин. Јас бев на клупа и на таа што играше на моето место и реков излегувај цепелин ќе правиме и јас фактички истрчав од клупа директно на цепелин. Така се договоривме, јас бев најмлада и најмногу скокав, но едвај ја фатив топката, со врвот на прстите ја бутнав топкава во гол. Мислам дека претходната средба во полуфинале ми беше најубава, особено мојот последен гол. Тоа беше знак дека ќе освоиме и можеше да дојде во финале кој сака. Реално Ларвик беше тогаш најсилен клуб, седум разлика изгубивме на првиот дуел и тие веќе договорија диско за славје, но не знаеле каде доаѓаат и ги тепавме 9 разлика“.

Цепелинот на Будимир по кој еруптираше вулканот Кале

Песната за Кометал

 

19 мај 2022 - 13:15