Македонската ракометна репрезентација ја продолжува низата на настапи на големите натпреварувања и го бележи шестото мундијалско учество по ред, вкупно осмо во историјата.
По 2013, 2015, 2017, 2019 и 2021, следниот предизвик на светските првенства е собирот во Полска и Шведска, кој се игра во јануари следната година.
Македонија одигра сигурно, полетно и многу мотивирано, како многу пати кога треба на домашен терен да одигра клучен натпревар вреден пласман на Светско првенство.
И покрај тоа што резултатски не беше убедливо, сепак сосема доволно, а играч плус беше публиката која ги купи картите за еден ден и ги остави грлата за да ги поддржи момците.
Со исклучок на воведните минути од мечот, Чесите не успеаа ниту еднаш да го преземат водството. Нашите ракометари ја диктираа и играта и резултат и беа постојано во водство со 2-3 гола разлика.
Најголемата предност од +4 ја имавме во 41-ва минута.
Посебно мотивиран вечерва пред преполнетата Борис Трајковски беше Филип Миркуловски, кој по 19 години кариера и огромна пожртвуваност за дресот на Македонија, и кажа збогум на репрезентацијата.
И на 38 години Жути како шило се пробиваше низ чешката одбрана, а во неколку наврати дрско влезови правеше и Филип Кузмановски.
Најголемата драма на мечот се случи во последните 2 минути кога Чешка се спушти на -1 и доколку израмнеше, ќе обезбедеше пласман на Светско поради поголем број на голови.
Но избраниците на Кире Лазаров го трошеа долго последниот напад и успеаа да се изборат за седум метри, кој го реализираше Кузмановски за голема победа и делирум меѓу ракометарите.
Тој беше воедно и прв стрелец со 8 гола, Талески постигна 6, а фантастичен беше и Митревски со 14 одбрани.