70 години Еурофарм Пелистер

Македонскиот шампион на спектакуларен начин ја одбележа 70 годишнината од своето постоење. Настанот помина во силно емотивна атмосфера, исполнета со видео пораки од сите краишта на светот, аплаузи за легендите и минута тишина за оние кои повеќе не се меѓу нас.

Битолчани организираа свечена академија на која им доделиja благодарници на поранешните претседатели, тренери, спортски работници, легендарниот економ Дади и уште многу други. Луѓе кои симболизираат цели генерации и златни периоди од историјата на клубот.

Организираа и ревијален натпревар на кој настапија Бранко Ангеловски, Пепи Манасков, Кире Поповски, Александар Мирзамамедов, Душан Новокмет, Александар Зарков, Игор Николовски, Златко Димитровски, Слободан Николиќ и многу други легенди кои беа предводени од Цане Крстевски и Касим Каменица.

„Во седумдесет години постоње во нашиот клуб и во нашиот дрес проделифираа безброј големи имиња, авторитети, спортски работници. На вчерашната Свечена академија им се заблагодаривме на еден мал дел од нив, оние кои репрезентираат цел еден циклус или цела една генерација.

Им се поклонивме на поранешните претседатели, некои добија постхумни признанија, како нашиот почесен претседател Силјан Мицевски. Некои и денес од трибините навиваат за Пелистер. Благодарници добија и спортски работници, тренери, хроничари, легендарниот економ Дади и уште многу, многу други.

На крај благодарница за најдобрата навивачка група „Чкембари“, која годинава исто како РК Пелистер слави јубилеј. Пред 40 години токму пред еден ракометен натпревар се роди најстарата навивачка група во Македонија. И денес таа е верен наш сопатник.

Нека ни е вечен РК Пелистер!“

29 декември 2025 - 09:24