Многумина го паметат веселиот петел со топка во раце - маскотата на Светско 1998 година по име Футикс (football + наставка ix преземена од најпознатиот херој од цртаните филмови во Франција, Астерикс). За многу луѓе тоа Светско беше прво во животот.
Освен на фудбалските дресови, петелот стои и на дресовите на олимписката селекција и на рагби репрезентацијата на Франција. Националниот Олимписки комитет на Франција во 1997-ма решил да го тргне петелот од официјалното лого, иако многу спортисти биле против. Но во 2015-та го вратиле.
На дресот на репрезентацијата на Франција домашната птица првпат се појавила во 1909 година, но петелот како неофицијален симбол на францускиот народ се јавувал многу порано.
***
Откако ја освоиле Галија (територија на денешна Франција), Римјаните ги нарекле варварите Гали, поради тоа што овие носеле перја од петел на шлемовите.
Во превод од латински, gallus има две значења: Гал и петел. Поради тоа што Французите се сметаат себе за потомци на Келтите, називот Гали (римски назив за келтиските народи кои живеат на територија на денешна Франција) им останал за нив.
По мислење на историчарите, Галите биле олицетворение на благородност, темпераментност, храброст, упорност и гордост.
Во време на владеење на Валоа и на Бурбон, петелот бил кован и на монетите и се користел како декоративен елемент на најпознатите светски дворци Лувр и Версај. Во периодот на француската револуција, петелот го украсувал печатот на Првиот конзул и бил симбол за борба против симболот на монархијата - орелот и лавот.
Со доаѓањето на власт на Наполеон, орелот одново станал нов знак на империјата: „Петелот не е многу силен и не може да служи како симбол на таква империја каква што е Франција“, говорел Бонапартa.
Во 1830-та година гордиот петел одново бил востановен, пред доаѓањето на бурбонскиот лилјан.
Низ разни периоди од историјата петелот го украсувал декорот на оградата од Елисејската палата (на фото долу), монети од 100, 20 и 10 франци. Во Првата светска војна слики со петел се поставувале за јакнење на патриотизмот, а Шарл Де Гол наредил петелот да се носи на воените медали како симбол на борбениот дух.
На прекрасниот дрес на „триколорна“ Франција освен петелот, стои и скратеницата од Фудбалска федерација (FFF) како и една ѕвезда - симбол на историската победа на Светското 1998-ма.
Во 1993-та година петелот не им помогна на Французите и покрај тоа што истрча на терен во средината од првото полувреме на бараж мечот со Бугарија на „Парк на принцови“.
Французите со Кантона, Десаји, Блан и Дешам во составот изгубија 1:2 од Бугарија на Стоичков и не отидоа на Светското 1994 во САД (интересната приказна за тој меч тука).
Слика на петел користи и францускиот фамозен бренд за облека Le Coq Sportif, што во превод значи спортски петел.
Логото на компанијата е петел во триаголник. При создавањето, триаголникот симболизирал триумвират или тројката - основачот на компанијата Емил Камузе, неговиот син и ќерка. А петелот станал знак за Made in France. Le Coq Sportif се прослави со дресовите на Тотенхем, а денес се наоѓа на дресовите на Фиорентина и Сант Етјен.
****
Денес жив симбол на репрезентацијата на Франција е петелот Балтазар. Тој се прослави на Светското 1998 година, кога често го покажуваа во преносите од големите натпревари.
Газда на петелот Балтазар е Клеман Д’Антибе којшто ја следи Франција на сите големи натпреварувања и со себе го носи верниот другар.
Заедно со Балтазар, Клеман изгледал повеќе од 250 натпревари. За жал, во Русија 70-годишниот Француски навивач дошол без Балтазар затоа што на Светското ригорозно е забрането внесување на животни и за тоа треба некакво специјално решение.
Но добрите руски домаќини му подариле на Клеман руски петел, купен на птичји пазар во Москва за 750 рубљи (10 евра).
„Јас не сум страствено вљубена во фудбал, едноставно имав шанса да се запознаам со култниот Клеман и неговото семејство во Франција. Сакав да му заблагодарам на гостопримството и затоа му купив петел“, рекла извесна Русинка Катја.
За време на Европското 2016 УЕФА не му дозволила на Клеман да влегува на стадион со Балтазар поради општа безбедност.
Самый известный болельщик сборной Франции - Клеман д'Антибе получил в подарок от российской девушки Кати нового петуха. Новый талисман сборной Франции был куплен за 750 р на птичьем рынке pic.twitter.com/Ik3Ts6a2WT
— Tia (@tia1988) June 20, 2018