Приказната за казнената експедиција на Љубо Пенев

Како Бугарите ја смрзнаа Франција во 1993-та

„И Бог е Блгарин и Бог е Блгарин“, викаше коментаторот на бугарската државна телевизија по евроголот на Емил Костадинов во ’91-та минута.

15 ноември 1993. година.
 
Глува ноќ близу граничниот премин меѓу Франција и Германија. Автомобил со француски регистерски таблички забавува пред царинарниците.
 
Вози Георги Георгиев, играч од средината на бугарската репрезентација, а до него е Борислав Михајлов, голманот и подоцна долгогодишен претседател на фудбалската федерација. И двајцата бранат за францускиот тим Милуж и имаат задолжение по секоја цена да префрлат двајца „мигранти“ во Франција.
 
Без тие двајца, мисијата е невозможна. Тие двајца се Љубослав Љубо Пенев и Емил Костадинов. Никако не ги пуштале во авионот со кој Бугарија патувала на мечот од квалификациите за СП 1994 против Франција. Имале проблем со визите во пасошот за меѓународен лет, така што на крајот морале да ги соберат со кола од Германија за полесно да поминат преку граница. Ризик од големи размери.
 
Како така, на шега на смеа ја поминале контролата и влегле во земјата на Галските петли каде ги очекувала најтешката средба од кога трчаат по топката.

Франција беше на чекор од пласман на Мундијалот во САД 1994-та, но шокантниот пораз дома од Израел 2:3 во групата, ги донесе Триколорите на решавачки натпревар против Бугарија. На Бугарите им одговараше само победа, а Франција и со бод удираше печат за Америка.
 
Бернар Лама, Кантона, Лоран Блан, Десаи, Пол Ле Гвен, Дешам, Папен. Франција во страшен состав, Бугарија нема што да загуби. Пеколна атмосфера на работ на инцидент. Французите сакаа да се одмаздат за плукањата и пцовките во Софија, па дури фрлија и жив петел на теренот за да ги збунат „чужбенците“. Влогот најголем на свет, СП 1994 - Американски сон.
 

После половина час игра, Цветанов прави фаул врз Дешам (денес селектор на Франција). Педрос го изведува фаулот, Папен додава до Кантона, а овој ја тресе мрежата за очекувани 1:0 и славје на Паркот на Принцовите пред скоро 50.000 гледачи. Сепак кратко славје, прослава со времетраење од пет минути.

Балаков центрира од корнер, Емил Костадинов скока повисоко од Пети и Созе и го матира легендарниот Лама (ПСЖ). Бугарите и натаму стрпливо ја чекаат својата шанса, чувствуваат дека историјата е пред нив. Истекуваше '90-та минута, Давид Жинола доста комплицираше кај корнер знаменцето и без никаква потреба центрираше напамет во празното поле на Бугарија.

Топката ја зема бекот Кременлиев и тргнa акцијата на бугарската репрезентација. Љубо Пенев како даса, во свој стил се извлече на средината и со одличен и мек пас му овозможи на Костадинов да излезе пред голот. Емил Костадинов шутираше бомба и топката од пречката влезе во голот а Париз остана шокиран. Ширум Бугарија се испукало сè што може да се испука.

 „И Бог е Блгарин луѓе, Бог е Блгарин", урлаше коментаторот на државната бугарска телевизија Петар Василев додека дечките на Димитар Пенев скокаа еден врз друг на теренот. Бугарите станаа херои, идоли на едно време, тргнаа во Америка по својот сон. А таму, таму ги згазија Германците (Светски прваци) и стигнаа до четирите најдобри во светот.
 

Утредента сите француски весници тераа мајтап со француската репрезентација. „Бугарија нè прати на Мундијалот 1998", пишуваше Либерасион како најава за сигурниот настап на Триколорите во '98-ма како домаќини на Светскиот Куп. По мечот, сојузот решил Бугарите уште една вечер да останат во најскапоцениот хотел во Версај, излегле во диско клуб каде на повик на Ице Стоичков дошол и Ромарио.

„Нè пречекаа со кокошки, а на крајот заминаа како искубани кокошки“, изјави Христо Стоичков во документарецот за мечот во Париз.

Овој дебакл, Французите го искористија радикално да ги сменат нештата. Селекторот Жерар Улие кој по мечот изјави како глупакот Давид Жинола „ја убил" оваа селекција со потегот да центрира во празен шеснаесетник (подоцна се тужеа на суд), доби отказ и на негово место дојде Еме Жаке.

Сметката за поразот ја платија и Жан-Пјер Папен, Жинола и големиот Ерик Кантона. На нивно место дојдоа некои нови дечки - Виеира, Зидан, Турам, Карембе, Џоркаеф... Француска револуција која заврши со триумфален марш во 1998-ма година против Бразил во Париз. Две години подоцна славеа и ЕП во Ротердам, како и во 2003-та Куп на Конфедерации. Но сеќавањето на казнената експедиција на Пенев и натаму не бледее.

Документарната емисија за „Героите от Париж“: