Македонците кои живеат во Италија се пример за тоа дека кога игра репрезентација, атмосферата не треба да биде театарска како на Филип Втори во Скопје.
Тие со помош на здруженијата на Македонци, Аминта од Тревизо и Камени монст од Канели организирано со автобуси заминаа да ги бодрат избраниците на Игор Ангеловски во Торино.
Според официјалните податоци во Италија живеат 67.969 Македонци, а во извештаите на италијанските медиуми пишува дека за квалификацискиот мундијалски меч против Италија, дури 5.000 Македонци ја бодреле Македонија, бројка што е незапаметена за гостински натпревар на нашиот национален тим.
Горан Рецко Наумовски кој 17 години живее и работи во Тревизо ни испрати фотографии и видеа од натпреварот кој вели дека нема да го заборави.
По крајот на средбата тие беа поздравени од македонските репрезентативци, а Илија Несторовски се приближи до нивната трибина и им го подари дресот. Среќникот е Јасмин Сејдиноски, инаку роден во Охрид.