Македонски фан клуб на Лацио

За Лацијалите од Македонија дозна цел Рим

За рубриката „навивачи“ следни кои ни ги раскажаа своите искуства поврзани со омилениот клуб оддалечен на 2.000 км се македонските фанови на Лацио. Тие имаа две среќни ждрепки во Лига Европа кои им го донесоа Лацио во Скопје и Софија. 

Лацио - Рома, 26.05.2013 (финале, Куп на Италија)

Нема градско дерби на Олимпико кое во последниве години поминува без претставник на Lazio fans Macedonia. За последното ни раскажа Иле, на легендарното кое го реши Клосе во 93-та минута беа Зоки и Стефче и тоа со добиени карти од клубот. Историското во финалето од Купот на Италија пред две години во живо го гледаше Горан кој живее во Италија и кој наместо со карта успеал да влезе со парче од весник. Филип на дерби бил пред 13 години и за македонските лацијали имал можност да зборува во тв емисија.

Македонскиот фан клуб на Лацио не е официјален, но момците се постојано активни. Се собираат на секој меч на Лацио, изработуваат маици, блузони, патуваа групно во Софија и го следеа секој чекор на играчите откако слетаа на аеродромот во Скопје за мечот од Лига Европа против Работнички.

Лацио и Рома пред три дена водеа битка за Лига на шампиони, а тебе овој меч ти беше прва можност да стапнеш на Олимпико, раскажи ни ги тазе впечатоците?

Иле: Впечатоците не можат да се опишат со зборови, но ќе се обидам на кратко да го опишам мојот долгогодишен сон. Морам да напоменам, кога објавија минатиот понеделник дека натпреварот наместо во недела ќе се игра во понеделник, можеби јас бев најсреќниот од сите 50.000 посетители на Олимпико, бидејќи ми се отвори можност во живо да го гледам мојот омилен тим Лацио. Доколку се играше во недела, поради професионални обврски, не ќе можев да си дозволам да заминам во Рим. Но за моја огромна среќа натпреварот се одигра во понеделник. Така јас, заедно со мојот татко заминавме за Рим како единствени претставници на LFM кои доаѓавме од Македонија. Во понеделникот наутро слетавме на аеродромот Чампино во Рим, се сместивме и уште во 14 часот се упативме кон стадионот. Таму се најдовме со Македонците кои живеат во Италија и се членови на Lazio Fans Macedonia.

Атмосферата на стадионот беше магична. Целата трибина каде што беа фановите на Лацио (популарната Curva Nord) буквално се тресеше. Пред почетокот на натпреварот бевме дел од една од најубавите кореографии во историјата на римското дерби. Натпреварот заврши неславно за мојот клуб, но и покрај тешкиот пораз кој не чинеше сигурен пласман во ЛШ, по последниот судиски свиреж цела Curva Nord со аплаузи ги испрати своите миленици. По напуштањето на стадионот, лацијали од целиот Балкан седнавме на вечера во еден ресторан во близина на Олимпико. Малку разочарани од конечниот исход, но горди на својот клуб и на навивачите за атмосферата и поддршката. Без оглед на резултатот, за мене ова доживување допринесе уште повеќе да се заљубам во Лацио, во Curva Nord и во Рим.



Зоки ти имаш гледано повеќе дербија по ред на Олимпико, кое би го издвоил?

Зоки: Сум бил на 5 дерби натпревари. Секое дерби има посебен шмек. Од тие 5 дерби натпревари мојот скор на Олимпико е 3 победи и 2 порази. Поразот на Олимпико во живо и во Скопје на тв нема разлика зошто пораз е пораз без разлика каде си, но победата на Олимпико и пред сФе славјето со навивачите и играчите по натпреварот е нешто посебно. Ако треба да изберам дерби од овие 5 секако тоа е дербито кое го реши Клосе во 93 минута. Од кога навивам за Лацио дерби кое засекогаш ќе остане во моето срце е мечот во 2005-та предводен од Ди Канио!

Лацио - Рома, 16.11.2011

Филип: Кога сме кај градските дербија кои во Италија се нешто посебно, моето прво стапнување на Олимпико беше токму на дерби во 2002-та. Имав можност во живо да ги гледам Перуци, Неста, Михајловиќ, Фиоре, Станковиќ, Креспо, Лопез...а тренер беше Алберто Ѕакерони. На стадион беше лудило, немаше игла каде да се фрли, имаше 80.000 навивачи. Резултатот не ви го кажувам, а пеењето на лацијалите, кореографијата и евроголот на Станковиќ не се забораваат.

Лацио - Рома, 16.11.2011

Со Зоки го гледавте заедно дербито кое го реши Клосе во 93-та минута, како реагиравте на голот?

Стефче: Приказната за нашето патешествие на тоа магично дерби започнува уште од Скопје, кога Лацио му гостуваше на Работнички во Лига Европа. Имаше организиран пречек на играчите на Лацио уште кога пристигнаа на аеродромот во Скопје, а потоа го следевме секој нивни чекор, буквално! Од тренинг, до хотел па на утакмицата се до заминувањето на играчите и стручниот штаб. Ги следевме со италијански навивачки песни на тренингот и на утакмицата од што сите играчи и стручен штаб беа пријатно изненадени, но оној гест што највеќе ги изненади беше тоа што ние се одлучивме да им поклониме маици кои беа специјално дизајнирани од ЛФМ. Со тој потег тим менаџерот на Лацио, Маурицио Манцини беше пријатно изненаден и ни вети дека на првото следно дерби ќе ни поклони карти ако секако бидеме во можност да дојдеме во Рим.

Јас и Зоки отпатувавме први веднаш на дербито што следуваше. Кога стигнавме во Рим му се јавивме на господинот Манцини, а тој без размислување рече дека ќе го исполни ветувањето дадено уште во Скопје. Кога го подигнавме ковертот брендиран со официјалното лого на Лацио и нашите презимиња на него, со Зоки бевме во неверување... Влеговме на стадион и останатото е вистинска приказна од соништата. Уште во раната фаза од натпреварот се сеќавам дека Освалдо постигна гол и губевме со 0-1 и ни остана само надежта дека може нешто до крај да се промени резултатски. На почетокот од второто полувреме пенал за Лацио по фаулот врз Броки од Кјаер и црвен картон, по што следеше гол на Хернанес и делириум на Олимпико! Потоа Лацио ја превзема иницијативата и напаѓаше безуспешно до 92-та минута. Тогаш Матузалем со одлично додавање го пронајде во шеснаесетникот слободниот Клосе и во  во тие 2-3 секунди како да настана тишина на преполниот Олимпико. Се застана, здивот, срцето, но, Клосе, ладен. Како прав Германец реализира и ми ја донесе најголемата среќа во моето прво дерби во животот што го следев во живо кое и ден денес важи за едно од највозбудливите дербија одиграни некогаш. Благодарам Манцини, благодарам Клосе! 

Лацио - Јувентус, 20.05.2015 (финале Куп на Италија)

Горан имаш ли евиденција колку меча на Лацио си изгледал во Италија и се сеќаваш ли на првиот?

Горан: Првиот меч го гледав на Сан Сиро, за жал првата година на Лотито и најчудниот состав што некогаш го имал Лацио. Најпознат беше Пандев, а од другата страна Михајловиќ му асистираше на Адријано. Тоа беше сезоната 2004/2005, а мечот Интер – Лацио заврши 1:1.

Зоки се дружиш ли со лацијали од Рим и како реагираат кога ќе им кажеш дека дури од Македонија доаѓаш толку пати до Олимпико?

Зоки: Во Рим од 2009 па до сега барем еднаш во годината одам на Олимпико. Приемот од страна на лацијалите е фантастичен. Не им се веруваше како тоа лацијали има во Македонија и дека доаѓаат во Рим за го гледаат Лацио. Кога дознаа дека мојата плата е 200 евра, а едно одење во Рим ме кошта околу 300 евра буквално за сè околу мојот престој (смештај, карта за утакмица) се погрижија браќата лацијали од вечниот град.

Интервју на Горан со семејството за Cittaceleste

Ауронцо ди Кадоре редовно е летната база на Лацио за претсезонските подготовки, како е да се биде секојдневно во друштво на фудбалерите на Лацио? 

Горан: Ние живееме веќе 15 години во Тревизо, а Ауронцо ни е оддалечено 100 км. Тоа за нас не претставува некоја голема далечина, па така кога Лацио доаѓа на припреми таму, не сме пропуштиле ни една година, секој викенд одиме. Нормално ги следиме напорните тренинзи, по некоја пријателска, а исто така кога играчите се слободни, се сликаме со нив и ни даваат автограми. Со Лулиќ, Баста и Ѓорѓевиќ паѓа и по некој виц. Сè на сè во Ауронцо да се биде тој период е вистинско уживање. Исто така имавме интересна случка во хотелот каде што се сместени додека играше Горан Пандев. Ни раскажа како тренерот Делио Роси го смета како негов син и додека ни раскажуваше и други случки, му текна дека никој не доаѓа од келнерите да се послужи за пиење, па така тој отиде да ни свари кафе.

Како ја формиравте Фејсбук групата ЛФМ и кој беше првиот меч кој го гледавте заедно?

Стефче: Приказната за Lazio fans Macedonia или популарно кажано помеѓу нас лацијалите ЛФМ, започнува во зимата 2010-та година. Всушност, се започна на еден регионален лацијалски форум каде што членувавме неколку лацијали од Македонија. Започнуваше во тоа време иницијатива во околните држави за заедничко следење на натпреварите кога игра Лацио, па си помислив зошто да не пробаме и ние да направиме еден собир од ист карактер кој од 27-ми февруари 2010-та година до денес ни стана традиција. На првиот меч се собравме во некоја смешна бројка од 6-7 лацијали, се играше мечот Лацио-Фиорентина кој заврши тажно за прв собир, нерешено 1-1. Но целта беше поголема, веднаш падна предлог да се формира македонски фан клуб каде што членуваат лацијалите од Македонија. Така, се формираше групата на Фејсбук ЛФМ и еве како што кажав ден денес функционира и претставува главен собир на вистинските лацијали од Македонија.

Зошто не сте официјален фан клуб?

Зоки: Нас не ни треба никаква потврда ни од државна институција ниту пак од актуелната управа на Лацио дека сме лацијали.

Бевте огромна бројка на аеродром кога Лацио слета во Скопје за мечот против Работнички, како реагираа играчите кога им направивте таков спектакуларен пречек со навивачки песни?

Зоки: Беа изненадени! Од аеродромот директно се упативме кон хотелот и таму побаравме да се сретнеме се некој од играчите и од управата на тимот. Најголема чест ни направи Маурицио Манцини кој излезе надвор од хотел и ни кажа дека на следното дерби тие што ќе дојдат ќе добијат карти за натпреварот што потоа и се оствари. На тренингот на градскиот стадион во Скопје бевме поголема бројка дури и се симнавме доле на теренот.

На тренингот на Лацио во Скопје со Гвидо Де Анџелис

Со кој од играчите успеавте да се сликате и кој беше најрасположен за дружење?

Вељо: На еден од вечерните тренинзи на Лацио успеавме да се собереме околу 50 навивачи. Дополнето со неутрални љубители на фудбалот беше тешко да се дојде до индивидуална слика. Па така покрај групната слика со Гвидо кој се качи и на трибината за да се слика со нас, најрасположени за сликање беа Роки, Ледесма и Хернанес со кои успеавме да направиме неколку фотки и да ги видиме одблизу нашите "херои".

Со Хернанес

Филип: Додека сите лацијали го следеа тренингот од трибина, јас бев доле на терен и го видов Гвидо Де Анџелис, инаку познат навивач на Лацио и новинар кој води емисија за Лацио на радио и на тв и кој е сопственик на месечниот магазин Лацијалита`, како и на истоимениот веб сајт. Се изненади кога му пријдов и кога виде колкава група на навивачи сме на тренингот. Откако му раскажав за мојата навивачка страст за Лацио ми рече да му се јавам кога ќе одам во Рим за да му гостувам во емисија. Големото изненадување се случи по една голема случајност и тоа внимавајте како. Мојот брат кој живее во Италија, ден по мечот на Лацио леташе на релација Скопје-Рим и кога пристигна во Италија ми се јави да ми каже дека на истиот лет бил и Гвидо. Му пришол и кога му кажал дека сме браќа, Гвидо го поканил во емисија, а мене ми се јавија на телефон. Не можев да поверувам дека некогаш во животот ќе имам можност за мојата страст кон Лацио да раскажувам на тв емисија во Италија. Бев многу возбуден, а следниот ден добив еден куп барања за пријателство на Фејсбук од Италијанци кои навиваат за Лацио, како и пораки.

Јавувањето на Филип во тв емисијата Лацијалита`

Како си поминавте во Софија за Лудогорец – Лацио?

Филип: Работнички – Лацио и Лудогорец – Лацио се двата незаборавни настани кои ги доживеавме заедно во голема бројка. За Софија успеавме да се организираме 25 луѓе, бројка што мислам дека не е мала. Заминавме со две комбиња и си поминавме незаборавно. Освен резултатот 3:3 со кој Бугарите не елиминираа од ЛЕ, за друго не можеме да се пожалиме. Пред натпреварот се собравме во паб каде падна голема дружба на која интересно беше што ни се приклучија и навивачи на Лацио од Србија. Со нив се познаваме преку Фејсбук, а тие членуваат на фб страниците Лацио Балкан и Небескоплави. Бевме и во хотелот каде што беа сместени фудбалерите, но тогаш тие одмараа, па се сретнавме само со тренерот Еди Реја. Интересно беше што додека шетавме низ Софија го сретнавме тим менаџерот Маурицио Манцини, а претходно сам на прошетка беше излезен и Болини, кој му беше помошник на Реја. Ни раскажа дека тој бил најзаслужен за трансферот на младиот Кеита од Барселона во Лацио.

Лудогорец - Лацио, 27.02.2014, Софија

Инаку работите на стадион не одеа баш според планираното. Пред влезот имаше огромна гужва и не успеавме да влеземе сите 25 души заедно. Јас бев во групата која влезе некаде 5 минути откако почна мечот и кога влегов на семафорот стоеше 1:0 за Лацио. Им реков на другите да не се радуваат, бидејќи сите околу нас беа со шалови од Лудогорец. Не беше баш пријатно, шаловите од Лацио ги криевме под јакна, но на полувреме имавме среќа и ги замоливме одговорните за обезбедувањето да не преместат во блокот каде беа Римјаните. Бугарската полиција не сакаше да не пушти, бидејќи картите не ни беа за таму, но кога на одговорните за обезбедување од Италија им кажавме дека сме лацијали од Македонија, веднаш не пуштија заедно на трибина со Италијанците. Половина од нашата група беше со нив, а другата половина уште на почетокот успеаа да влезат заедно со бугарските навивачи на Лацио со кои не делеше една ограда. Во второ полувреме се опуштивме и пеевме навивачки песни заедно со нив. Имавме одличен провод и рековме дека вакво нешто мора да се повтори. Целата возбуда почна уште кога на ждрепката за осминафинале во ЛЕ ни се падна Лудогорец и тогаш фрчеа телефоните меѓу нас со муабет дека не очекува авантура.

Лудогорец - Лацио, 27.02.2014, Софија

Имаше ли удел трансферот на Пандев за да навивате за Лацио?

Филип: Не, јас почнав да навивам за Лацио од 1998 година. Прво нешто што ме привлече беа мајсториите на Михајловиќ од слободен удар. Во сезоната 1998/1999 против Сампдорија тој успеа да даде три гола од слободен удар. Од следната сезона веќе не пропуштав меч на Лацио на Телма, а таа сезона стигна и Скудетото. Секако дека ми беше многу драго кога Пандев во 2004-та потпиша за Лацио и бев секогаш многу пристрасен додека тој играше, но мојата приказна за Лацио е долга 17 години. Според мене врвот во неговата форма тој ја достигна на Олимпико, каде беше еден од главните алки во играта додека Делио Роси беше тренер и потоа стана седми најдобар стрелец во историјата на клубот со 64 голови.

Лацио - Рома, 11.11.2012

Последниот меч на Пандев за Лацио беше против Реџина во 2009-та, а го реши Ѕарате. Тој меч имав можност да го гледам во живот. Инаку на Олимпико сум бил вкупно 6 пати, а бев и пријателската средба против Јувентус на 31 август 2002 година. На тој ден завршуваше рокот за трансфери, а Серџо Крањоти во ист ден ги продаде Неста и Креспо. Лутината на навивачите ја видов од близу на Curva Nord. Ги демолираа продавниците кои беа во потрибинскиот простор и се судрија со полицијата која одговори со солзавец. Следниот ден се вратив во Скопје, а во нашите весници пишуваше дека навивачите на Лацио направиле штета од 200.000 евра, поради продажбата на симболот на Лацио, Алесандро Неста и најдобриот стрелец во Серија А претходната сезона, Хернан Креспо. 

28 мај 2015 - 16:18