Стампедо и загинати деца на меч од Копа Либертадорес во Чиле

Две деца загинале по големи нереди, метеж и стампедо во Сантијаго, главниот град на Чиле каде синоќа требаше да се одигра дуел од Копа Либертадорес меѓу Коло Коло и бразилска Форталеза.

Пред натпреварот Коло Коло - Форталеза од групната фаза на Копа Либертадорес, пред стадионот „Монументал“ во Сантијаго настанал прав метеж и хаос откако стотина навивачи без карти пробале насилно да влезат на стадионот, но полицијата ги спречила во тоа.

Јавниот обвинител во земјата, Франсиско Моралес соопштил дека во нередите загинале 13 и 18-годишни деца. Наводно полицијата употребила и тешки возила за разбивање демонстрации а токму едно такво возило било кобно по децата.

„Една од оградите ги потиснала двете лица и во тек е истрага дали полициски автомобил е вмешан во смртта“, рекол Моралес.

Според очевидци, полициските возила пуштиле солзавец поради што настанала паника и стампедо при кое паднала една заштитна ограда во која децата настрадале од потиснување. По веста за трагедијата набрзо на стадионот навивачите станале насилни, влегле во теренот во текот на вториот дел од мечот Коло Коло - Форталеза. Бесните навивачи фрлале метални шипки од оградите на теренот. Натпреварот бил прекинат во 70' минута при резултат 0-0.

Од безбедност фудбалерите на Форталеза брзо го напуштиле теренот и избегале во соблекувални, а официјалните лица, судиите и делегатот и комесарите за безбедност го прекинале натпреварот.

11 април 2025 - 10:15