Првата бакља горела во Сплит

Поради близината со Италија каде тифо сцената веќе била во подем, но и поради врелиот јужен темперамент, навивачите на Хајдук биле први кои поставиле стандарди во ултрас движењето во поранешната СФРЈ.

Во 1950-та година, кога Бразил бил домаќин на Мундијалот, фудбалот добил нов бран на популарност, пред сè поради тоа што во оваа земја се одиграло возбудливо Светско првенство одбележано со темпераментно навивање на тамошната Торцида (португалско име за навивање/навивачи).
 

Од атрактивната атмосфера на бразилските стадиони биле импресионирани неколку навивачи на Хајдук од Сплит, кои биле студенти во Загреб. Како што се приближувала решавачката средба за титулата против големиот ривал Црвена звезда во 1950. година, ним им се родила идеа по угледот на бразилските навивачи да се формира организирана навивачка група Торцида.

Торцида се смета за најстарата навивачка група во Европа, а омилена мантра во првата деценија од основањето им била: „Сакам коцка, курви, алкохол и дрога, но ти си Хајдук моја љубов прва“.

За времето на '50-те и '60-те години, однесувањето на фудбалската публика во Сплит било спонтано и одбележено со реакции на самата игра. Но за време на најважните средби на одредени сектори од стадионот во Сплит се собирале најгласните навивачи кои со текот на времето почнале да ги палат и првите портокалови димни бомби за кои се верува дека се допремени од географски блиската Италија, а постои мит и дека некои припадници на Торцида едноставно ги украле од касарните каде што го отслужувале воениот рок во СФРЈ.
 
Во извештаите од натпреварите и прегледот на колото од најдобрата југословенска лига, навивачите на другите клубови со воодушевување гледале како се пали пиротехника во Сплит, град во кој секогаш било вжештено. Познати по својот темперамент, ’Ајдуковците редовно палеле бакљи кои им биле на дофат на рацете.
 
Прослава на 100-годишнина од основање на Хајдук:
 
Веќе во '70-те години навивачите внесуваат нови нешта. Со оглед на соседството со Италија, Торцида почнува да го следи „жабарскиот стил", а се појавуваат и првите кореографии, знамиња на два стапа, мноштво тапани, петарди и огномет.
 

Со текот на времето паралелно се развива и англискиот стил на навивање, а главната разлика меѓу Островјаните и Италијанците била во начинот на навивање. Во Италија најважно било трибината и оградата убаво да изгледаат, тифозите обрнувале внимание на кореографиите, знамињата и шаловите, додека во Англија најважно било само „срце, грло и дланки".

Во ситуација кога на стадионите од коло во коло имало по 15-20.000 гледачи, а редовно се купувале Темпо, СН Ревија и Спринт, Торцида била навивачка група број еден и пример за сите останати.

Поради фрлениот солзавец на мечот од Купот на УЕФА против францускиот Олимпик Марсеј, Хајдук доби забрана за учество во натпреварувањето во 1987. година. Кон средината на '80-те, како најава за она што ќе се случува во '90-те, Торцида станува сè поагресивна, па така во септември 1990. година на мечот против Партизан влегуваат на терен, ги бркаат играчите, го симнуваат југословенското знаме од јарболот, го палат и потоа повторно го креваат.

Нивната песна „Ако не бидеш нов првак ти..." и натаму важи за една од најубавите преработки на стадионите на овие простори, а Торцидашите се познати и по масовните гостувања во странство каде патуваат и по 5 до 10.000 навивачи да го бодрат Хајдук.

9 февруари 2016 - 13:27