Белградски Партизан полека станува на нозе по големата резултатска и финансиска криза која го тресе клубот веќе неколку години. Црно-белите сезонава остварија 4 победи во квалификациите за Конференциска лига, а сега ги очекува последната пречка за пласман таму: шпански Хетафе.
Партизан во 3. квалификациско коло од Конференциска лига играше против Тобол од Казахстан. На првата средба славеше 3-1, на реваншот 1-2 и со вкупен резултат 5-1 одат на Хетафе.
Реваншот во Казахстан бил права филмска приказна за двајца навивачи на црно-белите. Новица и Богдан од Белград имале необично патешествие до градот Костанај каде игра ФК Тобол.
Страшната далечина на овој град во Казахстан била причина што фудбалерите и стручниот штаб на Партизан тргнале дури два дена однапред со авион со цел да се адаптираат на условите и времеснката разлика од три часа. Летот со авион до таму траел пет ипол часа.
Но двајца навивачи направиле уште поголем подвиг. Тие поминале дури 5.800 километри со кола. Патувале цели 24 дена од Белград за да стигнат во четвртокот вечер на стадионот да го бодрат Партизан.
„Поминавме 5.800 километри. Одевме постепено. Тргнавме на 19-ти јули и потребни ни беа 24 дена. Уживавме додека стигнавме до Казахстан и натпреварот беше круна на патот“, вели Новица за Спортски Журнал.
Другар му Богдан бил пресреќен што одат понатаму.
„Немавме многу проблеми со колата, малку се подрасипа на Кавказ, цревото ни пукна. Го решивме проблемот за саат време.
Интересно, ја купивме колата специјално за ова патување. Размислувавме да го оставиме, но сега ни е премногу драг, така што ќе се враќаме со него.
Имале секако и нервоза, и страв и стрес, но на крајот стигнале безбедно до крајната цел.
„Сите народи беа братски настроени. На граничните премини имаше се и сешто, но луѓето воглавно ни излегуваа во пресрет“, велат Богдан и Новица.
Црно-белата јавност бара од клубот да ги награди со сезонски карти, да ги запознае со играчите и да им подари дресови и спортска опрема од клубот.