Добро утро!
Сеа откако ни се оладија главите, еден поширок осврт кон сиот пропратен амбиент околу прославата на шампионската титула на РК Вардар, а за што од вчера попладне жустро дискутираме на профилите кај сите нас што на некој начин сме биле и се’ уште сме ангажирани околу функционирањето на нашето Спортско Друштво Вардар каде и да се наоѓаме во светот.
Како прво, и најважно, барем следнава година ќе можеме да се прчиме пред цела богата Европа дека до вчера малиот клуб, локалниот клуб и како се’ не не’ нарекуваа од таму (а богами и од дома), ќе биде на врвот на Стариот континент. Сите заслуги одат на плеќите на тренерот Раул Гонзалес, на сите играчи и на газдата Самсоненко, како и на верните навивачи кои не го оставија клубот ни во најтешките моменти во историјата.
И околу ова ќе пишам малце подолго.
Да се разбереме, пишав уште вчера - Кралски пречек за Кралевите! И не го менувам мислењето, иако заслужија поголема масовност, која изостана заради тоа што организаторите одбраа тотално глупо време за славење, коа сите се на работа и по факултети, школи.
Друго ме зачуди: кој беше организатор на прославата, па не’ утупи со “Излези момче“ и на крај демек као шлагворт “Земјо македонска“! За дури на крај на Самсоненко (секоја чест!) да му текне па сам да ја повлече нашата народна “Ој Вардаре македонски“ (btw, РК Вардар и си има своја химна, кај беше таа??). Резил! Странски газда, да има повеќе осет за она што нам ни е најдраго, повеќе од нас!
Не, јас немам ништо против овие песни, напротив. Ама они припаѓаат на една друга клиентела и друг амбиент, на една друга спортска дружина, а тоа е ракометната репрезентација. Евентуално кошаркарската. Каква врска има нашиот клуб, нашиот Вардар, сега приватен клуб, значи приватна фирма – со овие песни?
Целта им беше да ги избркаат реалните навијачи? Тие кои што како мене памтат и играње рукомет на бетонот у Парк позади Зоолошка раните 70-ти? Или на Кале од средината на истите години коа се преселивме и влеговме у Прва лига, коа ни доаѓаа дома тогашните европски шампиони Партизан Бјеловар, Борац Бањалука и нешто подоцна Металопластика Шабац? Па ние други песни им пеевме на нашите тогашни херои – од Ој Вардаре македонски, преку Народе македонски итн., за кои станувавме као еден стас и еден глас и со солзи во очите чекавме да станеме и јак клуб, и самостојна Држава! Па нема никогаш да дозволиме да не’ избркаат ради ваков булшит!
Од кај Фалангата како навијачка група на Вардар и од кога? Нека си тера свој трип со репрезентација и нека не ни се меша со Комитите, и онака имаме огромен проблем меѓу себе за да ги надминеме поделбите што постојат во нашите редови (а кои знаеме многу добро кој ги предизвика, но не е сега моментот за тоа), а на добар пат сме да го постигнеме тоа и да ја вратиме публиката и на фудбал. А не партал во мозоците им направија на децава од измешани етнички, национални, верски и други симболи, со кој најголемиот дел од нас постарите не се поистоветува(л). Не зборам за себе, зборам за мнозинството!
Симе Гугуловски, најнационално определениот оперски и народен пејач што сум имал можност да го запознаам во младоста, кога ќе дојдеше на Градски поднапиен и коа пред некоја утакмица на ФК Вардар ќе ја викнеше Народе македонски, па и мртов човек на нозе дигаше! Пишав погоре, сите у став мирно и пеење како национална химна! Тоа беше Вардар, тоа беше авангардата македонска во областа на спортот! Ни националистичко дивеење со навредување на противникот (а имавме противници од сите лепези, од цела Југославија, значи поплодно тло за навреди), си навивавме гласно, но достоинствено, културно, урбано и градски!
Каков што клуб беше и сакаме да остане Вардар во сите дисциплини – ГРАДСКИ СКОПСКИ КЛУБ и покрај европскава титула што ни ја донесоа овие прекрасни момци со тренерот, целиот штаб и газдата на чело! И тоа со гулабите пред северна трибина пред секоја утакмица што го спомнав некни, исто е градски урбан акцент. И нема да го заборавиме никад!
Ова не значи нешто друго, дека никој од Македонија не смее да се радува на успехот на нашиот Вардар. Напротив, многу ни значат зборовите поддршка и искажана радост на нашите браќа и сестри од Велес, Прилеп, Битола, Струмица, Штип, Тетово... ама сфатете Вардар иако бил и е наднационален клуб по состав (како што пишав некни), тој е пред се’ ГРАДСКИ клуб, со градски манири, сега крунисан со Европска Титула!
Не ни сакаме конвертити во нашите навијачки и симпатизерски редови, не сакаме ликови кои до есеноска се сликаа во дресови на Металург и МЗТ Скопје (а сега во наши дресови), нашите најголеми противници и хејтери. Велам наши, тука мислам и на Вардар, и на Работнички како братски клубови и со најдолга традиција на пријателство, но и ривалитет во историјата. Знаете зошто? Затоа што утре, некогаш... ние нема да бидеме шампиони на Европа. Може нема ни на Македонија, тоа не е реално цел живот да бидеме први, ама шампиони увек сме биле, сме и ќе си останеме. А тие ќе бидат првите што тогаш ќе си киднат од Вардар, а пак на крај ќе останеме ние самите, искрените, преданите и верните навијачи кои својот клуб нема да го напуштат ни ако не дај Боже испадне во втора лига.
И уште нешто, до медиумите. Престанете да ни го е*ете ќеифот со глупи и дебилни изјави на оној чевларон од Хрватска, ликот кој мочаше на нашиот Вардар заедно со неговата пиратска банда и кој вреѓаше за “руски рубљи’, за “инстант клуб“ и шо све не праеше од опструкции за Вардар да не постои и дискредитација на нашиот Вујо, исто како што пишав некни – Таткото на овој шампионски тим! А тој тим не само што не престана да постои, него се искачи на кровот на Европа и од таму надмено ја гледа неговата до срж расипана душа! Тој мал човек ја остави нашата Македонска репрезентација во најтежок можен миг, за да ја спаси од говна тој што пред 3 дена му даде евро-титула на Вардар – Шпанецот со перфектен македонски јазик, скромниот Раул Гонзалес!
Затоа е Вардар градски и господски клуб, не дека е локален, туку дека во него МОРА да има место само за вакви господа и градски ликови. Секогаш ќе бидеме отворени за прием на вакви навијачи, другите конвертити и привремени навијачи ги молиме да си останат достоинствено да си навијаат за своите клубови, а на нивните евентуални успеси и ние како искрени Вардарци ќе се израдуваме и од срце ќе им честитаме.
Го сакаме назад оној Вардар од Градски парк, од Идадија, од ресторан Пелистер, од Кале, од Расадник... го сакаме оној Вардар коа сме го глеале и 100 души, како што го глеаме сеа коа го гледаат десетици и стотици илјади! Свесни сме исто така дека по првите порази сите одма ќе ни скокнат да не' парчосуваат како хиени по мрши, ама нема лесно да се предадеме, ниту некоаш ќе се потпишеме под овој новокомпониран сељачизам!
Унапред се извинувам за скопскиов говор на моменти со вулгарности, но спортот не е театар, ниту мојот универзитет, така да виткање во целофан во вакви, според нас, битни моменти ама ич не ни е потребно.
Напред Вардар, еден живот – една љубов ❤