Од Скопје до Рим преку Солун без спиење, само за Лацио

Таман кога помисливме дека нешто слабо патувате и ни праќање материјал од некое навивачко патешествие низ стадионите во Европа, ете ти мејл од две верни лацијалски души кои ако треба нема да спијат, само за да го гледаат Лацио, ама буквално.

Зоки и Кристијан се најголеми авантуристи меѓу македонските навивачи кои бодрат клуб од странство и први кои споделија вакво искуство. Тие беа на многу кусо и експресно патување на натпревар од 4. коло од Лига Европа.

Го гледаа Лацио на Олимпико против Олимпик Марсеј, ама како да одат на релација Скопје – Куманово. Во главниот град на Италија скокнаа само на пола ден, се со цел да навиваат за својот тим на лице место и потоа да се вратат на време на работа (трета смена).

Патешествието им изгледаше вака. Запалија кола во четврток сабајле за Солун каде имаа авионски превоз во 15:30. Пристигнаа во Рим во 17:00, на два часа пред натпревар, а таму со кола ги пречекаа двајца навивачи на Лацио со кои често контактираат и одат на натпревари.

Но метежот во сообраќај токму тогаш сакаше да биде најголем и пред Олимпико да нема паркинг ни за смарт, па влегоа внатре дури во 33 минута на резултат 0:0.

Разочарувањето што не стигнале на време кратко траело, бидејќи само 12 минути подоцна Марко Пароло го крена на нозе Олимпико. Водство за Лацио во последните мигови од првиот дел кое го зголеми новото засилување Кореа во 55 минута.

И покрај тоа што имаат доста солиден стаж на Олимпико, сепак ја издвоија атмосферата од овој меч, особено на Курва Норд каде секогаш е убаво да се биде меѓу најжестоките навивачи.

Лацио славеше со 2:1, а победата велат дека им е слатка ем поради обезбедениот пласман на две кола пред крајот на групната фаза, а уште повеќе поради тоа што во спротивниот табор имаше двајца поранешни романисти: тренерот Руди Гарсија и Кевин Стротман од среден ред кои ги пратија дома со пораз и елиминација.

По мечот, Зоки и Кристијан не биле да преспијат во хотел, туку ја славеле победата со пивце во римските барови и утрината во 6:00 часот се качиле на авион за назад. Цареви

Ни ја кажаа и математиката околу трошоците за нивното 12 часовно присуство во Рим кое им излегло ептен по мерка. По 25 евра од човек за патни трошоци Скопје – Солун и назад, 37 евра повратна авионска карта и 14 евра карта за мечот. Вкупно 76 евра.

Хит ни излезе одењево, вели Зоки кој од 2009-та година оди во просек по два пати годишно да го бодри Лацио на Олимпико. Нема видено реми, скорот му е 8 победи и 8 порази. 

10 ноември 2018 - 08:30