Најверните македонски навивачи на Милан патуваа стотина километри помалку од лацијалите или поточно до Разград, град кој се наоѓа на 580 км од Скопје во близина на границата со Романија.
Сезонава тие ја имаат најдобрата можна ждрепка во Лига Европа која можеа да ја посакаат. Бонучи, Донарума, Биља, Силва, Кутроне и компанија во рок од 8 месеци дури пет пати им доаѓаат на балканска почва. Еднаш и во Скопје.
Ова е нивната репортажа:
„Прво беше Крајова во Северин, па Шкендија во Скопје, уште во квалификациите. Потоа, Ријека и АЕК Атина во групната фаза. Милан веќе доволно пропатува низ Балканот оваа сезона. Но ждребот за нокаут фазата на ЛЕ сакаше момците на Гатузо одново да се соочат со регионален противник и да ни дадат шанса за авантура и нова средба во живо.
Веќе искусни во овие блиц-патувања, тргнавме за Разград, преку Софија. На покана на бугарскиот официјален Милан Фан Клуб, имавме фина вечерна дружба, со меѓусебно запознавање и разменување на навивачки реквизити од двата фан клуба. Следниот ден, заедно со нашите домаќини, во група од околу 60-70 росонери, се упативме на североистокот на Бугарија. Таму не пречекаа расположените росонери од Романија, а Курва Суд веќе ја декорираа гостинската трибина. Имавме можност и за блиска средба и неколку фотки со играчите и директорот Фасоне.
Од ладната вечер во Разград единствено не спасуваше гласното пеење, кои не престана во текот на сите 90 минути. Цела гостинска трибина, убаво декорирана од околу 300-400 црвено-црни навивачи беше далеку погласна од остатокот од стадионот. Иако, рака на срце, домаќините добро се погрижија и имаа припремено убава кореографија на стартот на натпреварот.
Милан не одигра преубаво за око, но рутинирано стигна до резултат кој веќе го носи во следната фаза на Лига Европа. Тоа би значело нова шасна за регионален противник и ново наше гостување. За нас ова беше уште едно ново одлично искуство, но и почеток на убава дружба со бугарските миланисти, за која се надеваме дека ќе трае долго“.
Прослава после голот на Кутроне
Пеналот на Родригез
Прослава после голот на Борини
Славење со играчите
Атмосфера пред стадион