Фан клуб на Лацио

Македонските лацијали на гостување во Букурешт

Оваа сезона им е за раскажување. Може да се пофалат со две гостувања во Лига Европа, како и со пречек на легендата Роберто Манчини во Скопје. Резултатот не им потрефи, но се враќаат со убави спомени. Имаа средба со Симоне Инѕаги, човекот кој им донесе фудбал и резултати за уживање.

Македонските навивачи на Лацио беа во бројка од деветмина на релација Скопје - Букурешт за која им беа потребни 1.400 километри пат во два правци или 20 часа со комбе.
 
Ни испратија репортажа со тазе впечатоци во кои велат дека само резултатот недостасувал за патувањето да биде совршена лацијалска авантура која велат дека ќе ја повторат во првата ждрепка која ќе им се посреќи.

11 декември беше датумот на кој без да трепкаме следевме што се случува на ждрепката за Лига Европа со надеж дека ќе добиеме противник од регионов и ќе го повториме патувањето до Софија од 2014-та.
 
Ни падна Стеауа, а првиот пост во нашата фан група беше мапа со релација Скопје - Букурешт чија оддалеченост изнесува скоро 700 километри во еден правец. Тоа е повеќе од двојно од патот кој го поминавме до Софија за мечот со Лудогорец, што тоа значи уште поголем предизвик за патување.

Во ниту еден момент не падна муабет за тоа дали ќе се оди или не, туку веднаш преминавме на главното. Колку време пред утакмица да се тргне, како да се набават карти во секторот со Римјаните и каде да се преспие. Превозот е најмал проблем бидејќи тука е комбето на нашиот Буро познат во друштво како Сашо шоферот :).
 
Него не му менува дали ќе вози до Велес кога одиме на пити кај Кире или до Букурешт. Ни рече само: Лацијали спремајте по 25 евра, тргаме еден претходно, јас ќе возам цела ноќ. Планот е следен:

Борко во 21:00 на раскрсница доле, Зоки на Водњанска во 21:05, Фичо и Вељо во 21:15 пред копачка во Козле, Шукер во 21:25 пред влада, Ике во Кисела Вода во 21:30 кај што те собирам стално, Милош на булеварот доле пред зграда 21:40, Икуш пред Бисер во 21:50. Тука цигара, муабет 10 минути и тргнуваме.
 
Во 22 и кусур го напуштивме Скопје, претходно со фотка на бензиска со знамето LFM on tour и лацијалски песни во комбе. Првото изненадување и групно смеење на глас се случи кај Крива Паланка. Сашо пушти долги светла и осветли една табла покрај патот на која го пишуваше тоа што на никој не му се веруваше. Лацио.

Патот во еден правец изнесуваше околу 10 часа со неколку паузи за истегнување нозе, јадење, кафе и сл. На граница освен печат во пасош, пребројување и збор-два со граничарите дека одиме да го гледаме Лацио во Букурешт, немаше ништо друго.
 
Стигнаме утрото околу 8:30 и експресно брзо го најдовме станот со помош на телефонот на Буро и мапите на Вељо кој беше спремен сувозач во секој момент. По само три часа престој во главниот град на Романија, бинго. Влеговме во Хилтон каде немаше грам обезбедување и во фоајето го начекавме Душан Баста.

Прво падна фотка со него, а подоцна и со неколку играчи кои ги застанавме додека влегуваа во ресторанот. Некој се сликна со Нани, друг со Милинковиќ, трет со Бастос, Мурџа, Раду...Зоки му подаде рака на Лулиќ и му честиташе за легендарниот гол во римското дерби со кој го реши финалето во италијанскиот Куп 2013. Најголемиот ќеиф беше заедничката фотографија со Симоне Инѕаги, лацијал во душа кој ретко кој очекуваше дека сезонава ќе ни донесе ваква игра и резултати.
 
Попладнето ни беше резервирано за дружба со лацијалите од Италија во пабовите кои беа исполнети само со навивачи на Лацио. Голема благодарност до Франческа и Матео кои ни обезбедија 9 карти од Рим. Наздравивме, запознавме неколку Римјани кои беа воодушевени што му даваме поддршка на клубот од нивниот град.

Беа дојдени во голема бројка од околу 1.400 души сместени во секторот Х за каде беа и нашите билети. Во Букурешт имаше навивачи на Лацио од повеќе земји како Србија, Грција, Кипар, Грузија, а нас ни се придружи Богдан, Романец кој живее и работи во Амстердам. Навива за Лацио и Динамо Букурешт (градскиот ривал на Стеауа), а желбата му беше да биде на иста трибина со Лацијали.
 
Не однесе на романско пиво, а потоа заедно на еден час пред стартот на мечот влеговме на стадион. Националната арена во Букурешт е преубаво големо здание од затворен стил кое собира 55.000 гледачи. Беше исполнета речиси до последно место, атмосферата беше убава, но недостасуваше жар.

Проблемот е тоа што ова не е вистинската Стеауа Букурешт, бидејќи откако клубот се соочи со финансиски колапс испадна во четврта лига. Вистинските ултраси го бодрат тој тим на Стеауа во најнизог ранг, а овој новоформираниот предводен од контроверзниот Џиџи Бекали го носи името FCSB.
 
И покрај тоа што бевме фаворити и наредивме еден куп шанси особено во вториот дел, Романците неочекувано славеа со 1:0 за што ќе следува одмазда веќе овој четврток. Мечот мина без никакви инциденти, имаше тампон зона, а организацијата беше беспрекорна. На влезот не чекавме повеќе од 5 минути, а на враќање имаше организиран автобуски превоз за сите гостински навивачи.

Следниот ден ни преостана да ѕирнеме нешто од метрополата која не ни остави некој голем впечаток. Се чудевме на две нешта: хаотичниот и густ сообраќај и гигантскиот парламент од времето на Чаушеску кој од што е голем, не може да влезе во една фотка.
 
Во 16:00 часот пат за назад на чело со Сашо шоферот кој овој пат доби помош од Фичо. Ако на тргнување најголема андегдота беше таблата кај Крива Паланка, на враќање тоа беше македонскиот граничар на кој кога му кажавме дека навиваме за Лацио, ни одговори: Аааааа фашисти а? :) Паоло Ди Канио :). Ќе се раскажува таа смешка со години.

Се гледаме на некој следен тур, овој пат во Лига на шампиони.

Forza Lazio carica
Lazio fans Macedonia

19 февруари 2018 - 15:00