Евро турнејата од скоро 30.000 км

Комити Запад се рекордери по број на минати километри во ЛЕ

Со пласманот во Лига Европа, Вардар оствари историски успех и собра големо искуство на меѓународната сцена. Паралелно со нив историја испишаа и нивните најверни поддржувачи кои се клацкаа најдолго од сите во конкуренција на навивачи на 48 клубови учесници.

Норвешка, Русија и Шпанија беа најдалечните можни дестинации кои можеа да му се паднат на Вардар во дебитанската сезона од Лига Европа, а тоа беше голем предизвик за нивните навивачи кои го положија испитот со давање поддршка на сите три гостувања.
 
Комитите имаа свои претставници во Трондхајм, Сан Себајстинан и синоќа во Сант Петерсбург. Бројката не беше голема, некаде од 30 до 50 луѓе, ама па потфатот не беше воопшто мал, туку напротив до сега најголем во нивната историја.

Комитите го урнаа личниот рекорд на минати километри и патуваа најмногу од сите други навивачки групи во Лига Европа.
 
Првата дестинација, кога Вардар на 28 септември му гостуваше на Розенборг им беше најдолга. Според Гугл мапс во прашање беа вкупно 6.500 километри во два правци и 36 часа пат со кола само во еден правец. За патешествието до Норвешкаја поминаа пола Европа или поточно Србија, Унгарија, Словачка, Чешка, Германија, Данска и Шведска.

Потоа на 2 ноември, Вардар во 4. коло му гостуваше на Реал Сосиедад, а тоа за Комитите беше предизвик број 2 или 5.400 километри Скопје - Сан Себастијан и назад.

Гостувањата на Вардар и за нивните навивачи завршија синоќа во ладната Русија, а Комитите во број околу 30 патуваа 5.600 километри во два правци и стигнаа во Сант Петерсбург на температура од -10.

Не мора да вадите калкулатор, еве ја математиката: 17.500 километри пат за три меча во Лига Европа.
 
Ама нешто ќе заборавевме. Вардар во фазата по групи во ЛЕ стигна преку Малме (4.400 км во два прави) Копенхаген (4.200 км) и Фенербахче (1.600) или уште 10.200 километри кои Комитите ги пропатуваа во квалификациите.
 
Вкупната бројка вака излегува 27.700 километри или што би рекле тие: За тебе Вардаре и до Сибир пеш малку е!
24 ноември 2017 - 15:20