До август годинава Обединети Арапски Емирати воопшто не го признаваа постоењето на Израел. Официјално двете држави немаа никакви дипломатски ни економски врски, се до 13 август кога потпишаа договор за меѓусебно признавање и отворање на амбасади во двете земји.
Израел набрзо го пушти и првиот патнички авион во Емирати (за скоро се планирани редовни линии), а двете држави потпишаа и прв договор во сферата на инвестиции.
НОРМАЛИЗАЦИЈА НА ОДНОСИ И ВО СПОРТОТ - МАКАР ДЕЛУМНА
Следен чекор за добри односи е спортот.
„Ова е можност Беитар Ерусалим да стане моќен и доминантен клуб во Израел и во целиот свет, да стане симбол на новите ветришта на мирот на Блискиот Исток кои одат со поговорката „Возљуби го ближниот свој како сам себе“ и која функционира во клубот во последните две години“, велат од Беитар Ерусалим.
КЛУБ КОЈ ВАЖИ ЗА АНТИ-АРАПСКИ И НА ЧИИ ТРИБИНИ СЕ ОРИ „СМРТ ЗА АРАПИТЕ“, А НАВИВАЧИТЕ БРКААТ МУСЛИМАНИ ОД ТИМОТ
Чуден е фактот не само за меѓусебниот договор, туку и за избраниот клуб за инвестиција. Историски Беитар Ерусалим го следат радикални идеи.
Овој клуб во 1936-та година го основал Давид Хорн, лидер на револуционерната ционистичка организација „Движење Беитар“.
Уште тогаш многу играчи и навивачи на клубот биле членови на крајно-десничарките организации Ецел и Лехи. Еден од лидерите на клубот во 1938-ма бил уапсен, клубот бил расформиран но одново го создале 7 години подоцна.
Денес Беитар е единствениот клуб во Премиер лигата на Израел кој никогаш не потпишал со Арап и за кој играле само неколку муслимани од не-арапско потекло.
Беитар води таква политика под притисок на навивачите, воглавно членови на десничарската партија Ликуд. Најголема група е „Ла Фамилија“, националистичко движење кое стана познато во светот по расистичи и анти-арапски песни.
Беитар се обидува да ја поправи репутацијата. Во 2017-та година претседателот на Израел дури и го наградил клубот за борба против расизам но навивачите не отстапуваат.
ЕПИЗОДИ НА РАСИСТИЧКИ ИСПАДИ
- Во 2005 година Нигериецот-муслиман Ндала Ибрахим издржал 4 меча со поддршка од тренерот, но морал да замине поради закани и голем притисок од навивачите.
- Во 2013-та година Беитар потпишал договор со двајца чеченски играчи: Заур Садаев и Џабраил Кадиев. Тогаш навивачите почнале со анти-муслимански песни и извадиле парола со натпис: „Беитар - засекогаш чист“.
Полицијата привела 4 навивачи. „Јас бев шокиран од расизмот синоќа на трибините на Беитар во Ерусалим и скандирањето против муслимански или арапски играчи во тимот“, рекол тогашниот премиер на Израел Моше Јалон.
Отворено побарал апсење и претседателот на Израел Шимон Перес. Во писмо до фудбалската федерација тој барал истрага и рекол дека е потресен од настаните.
После извесно време двајца навивачи провалиле во клупскиот музеј и канцеларии. Премиерот Бенјамин Нетанјаху кој како и многу политичари од партијата Ликуда го поддржува Беитар, рекол дека расистичките испади се срамни.
Но кога Чеченецеот Садаев го постигнал првиот гол за Беитар - стотици навивачи го напуштиле стадионот. Во таков амбиент играчите од Чеченија не издржале и заминале.
Еден од последните случаи на расизам се случил во 2019-та година. Навивачката група „Ла Фамилија“ побарала играчот од Нигер Али Мохамед да го смени името. Мохамед е Христијанин но некои од навивачите сметале дека името му е „многу муслиманско“.
Сопственикот на клубот Моше Хохег тогаш ги дал навивачите на суд и процесот околу тоа уште трае. А во скоро време ќе отпатува за Абу Даби на преговори со ултра богати бизнисмени од Обединети Арапски Емирати.
Навивачите сега протестираат на ваквата идеја луѓе од ОАЕ да го водат Беитар Ерусалим, клубот за кој сметаат дека е симбол на борбата против арапскиот свет.