Хаос на дербито Ренџерс - Селтик

Откако во првенство пред една недела Ренџерс водеше 2-0 а Селтик до крајот израмни на 2-2 и спаси голем бод, во неделата овие два омразени ривали повторно се сретнаа на „Ајброкс“ во Глазгов овојпат во Купот на Шкотска. Избија нереди на терен. Селтик помина на пенали.

Откако во основното време беше 0:0 и немаше голови, „Келтите“ победија 4-2 на пенали. Бојан Миовски остана на клупата за резерви и не влезе во игра иако домашниот тренер направи дури шест измени во текот на натпреварот и продолженијата.

Ова беше 451. „Олд Фирм“ дерби во четвртфиналето на шкотскиот Куп. Во шкотското првенство и двете екипи заостануваат необично зад најголемото изненадување Хартс кој е лидер во борба за титулата.

Селтик кој е предводен од ветеранот Мартин О'Нил немаше изгледни шанси на „Ајброкс“ а домаќинот Ренџерс кој е во подобра форма имаше дури 24 шута но ниту еден не ја затресе мрежата на гостите.

Во пенал серијата трагичари кај Ренџерс беа капитенот Џејмс Таверније и Џеиди Гасама, а кај Селтик погодија сите четворица изведувачи: Окслејд-Чембрлен, Трасти, Хатате и Чванчара.

Токму Чванчара после постигнатиот гол прослави пред трибината со навивачи на Ренџерс, а на другата страна оние на Селтик, околу 7.500 на број влетаа на терен да слават со своите фудбалери па изби хаос кој полицијата и редарите го решаваа.

Во целиот хаос фудбалер на Селтик Хулиан Араухо и член на стручниот штаб на гостите биле нападнати од навивачи на Ренџерс кој влетале во теренот. Шкотската фудбалска асоцијација отворила истрага за овој настан и ќе следуваат казни.

9 март 2026 - 09:26