Атинското дерби - кратка линија на животот

Во продолжение од дерби серијалите на ЕСПН, редот му дојде на еден од најжестоките дуели во Европа. Оној во Атина, каде право чудо е ако натпревар меѓу зелено и црвено-белите не се прекине и ако нема повредени.

Новинарот Мајкл Јокин добил неблагодарна задача да направи репортажа од фудбалскиот натпревар Панатинаикос - Олимпијакос, кој се играше на 22 февруари годинава.

„Кога слетав во Грција, секој ме сметаше за луд што сум тргнал во така опасна авантура да правам репортажа за најголемото фудбалско дерби во земјата“, пишува Јокин.

По неколку сончеви дена во Атина, дождот почнал да паѓа сè посилно на денот на дербито. Новинар близок до ПАО му рекол на Јокин дека времето е одлично, затоа што тоа ќе ги спречи ултрасите во нивните намери.

На патот до стадионот „Апостолос Николаидис“, народски познат како Леофорос (Авенијата) затоа што се наоѓа на еден од најголемите булевари во градот, Јокин забележува полиција насекаде.

На четири часа пред мечот почнале да пристигнуваат симпатизери на Панатинаикос и атмосферата била делумно мирна, па дури и кога дошле 22 пијани навивачи на Рапид Виена (збратимени со Гејт 13, навивачите на ПАО).

„Пишуваш на англиски за нас? Тоа е одлично. Мора да напишеш дека сме најјаки хулигани во светот! Натпреварот нема да заврши. Почекај и ќе видиш“, му рекол некој од присутните ултраси на Јокин.

Во меѓувреме од Пиреа, бродската лука оддалечена 12 километри од центарот на Атина пристигнувал автобусот со играчите на Олимпијакос. Полициска придружба за бусот кој гази на црвено и не застанува до конечната одредница.

Првата провокација дојде на 90 минути пред почетокот на мечот, пишува Јокин, кога тренерот на Олимпијакос Витор Переира излезе на теренот и се приближи до трибината на Гејт 13. Почнаа да го навредуваат и гаѓаат, а тој со рацете им одговори да дојдат и да се симнат.

„Само сакав да им покажам дека не се плашам. Зошто би се плашел од нив, јас сум обичен човек!“ изјави Переира после мечот.

Во тој момент десетина хулигани влегоа на теренот и со дрвени талпи ги бркаа фудбалерите на Олимпијакос, по што настана тотален хаос на теренот. Мечот се одигра со тешки маки, Олимпијакос победи 1-2, а на ПАО неколку дена подоцна му беа одземени дополнителни три бода поради нередите.

НЕМА ГОСТИНСКА ПУБЛИКА

Насилството е голем проблем во грчкиот спорт. Од таа причина УЕФА неодамна им се закани дека ќе ги суспендира од квалификациите за ЕП 2016 доколку не преземат радикални мерки во спречување на насилството. Во Грција од 2004 година со закон е забрането присуство на гостинска публика на стадионите.

„Тешко е да се покаже со прст кој бил првиот инцидент поради кој се донесе таа одлука. Немаше натпревар без инциденти, особено во '90-те години. Чашата можеби се прелеа во 2003. година кога навивачите на Олимпијакос за време на едно дерби фрлаа сè што можеше да се фрли на теренот. Тоа беше класичен тероризам“, вели Јанис Филерис, главен уредник на Спорт24.гр.

Панатинаикос е основан во 1908 година, а Олимпијакос во 1925. Од тогаш почнува омразата која не им дозволува да се согласат во ништо, па ниту во тоа кога точно почнале да се мразат. Олимпијакос бил поддржуван од работниците на бродската лука во Пиреа, јужно од главниот град. Со ширењето на Атина, нема јасна граница меѓу двете места и Пиреа денес важи за атинско предградие.

„Искрено тоа е мит дека за Олимпијакос навивала работничката и сиромашна класа, а за ПАО навивале костумосани господа со кравати. Тоа го смислиле црвените, а сè со цел приказната за нив да биде поинтересна“, тврди навивач на Панатинаикос за ЕСПН.

Во 1964 година, во полуфиналето на грчкиот куп прекинот бил неминовен поради големи нереди на трибините. Навивачите влегле на Леофорос стадионот, ги турнале головите и срушиле сè во подтрибинскиот простор. Додека двете страни се карале, АЕК на крајот го добил трофејот од Купот.

ДОМИНАЦИЈА НА ЦРВЕНО-БЕЛИТЕ

Во претходните две децении, Олимпијакос е далеку поуспешен на теренот. Црвено белите освоија 16 од 18 титули од 1997. година, а ПАО освои само две првенства. Еднаш во 2004 кога се закитија со двојната круна и еднаш во 2010. година кога го имале најскапиот состав во клупската историја.

Претседателот на Панатинаикос Евангелос Маринакис е човекот што ја симболизира моќта на Олимпијакос во грчкиот фудбал. Токму затоа сензационална била неговата одлука за првпат да гостува на стадионот Леофорос, каде го пречекаа со бакљи и топовски удари на теренот 35 минути пред почетокот на мечот.

НИКОПОЛИДИС - ЈУДА ИЛИ ХЕРОЈ?

Најголем потрес во односот на двата клуба направи легендарниот голман Антониос Никополидис, кој во 2004 премина од ПАО во Олимпијакос. Неговиот трансфер беше споредуван со оној на Луис Фиго од Барса во Реал. Никополидис 15 години бранеше за ПАО, клуб во кој дојде на 18 години во 1989. година. Сепак првотимец стана во 1997 година, период кога почна доминацијата на Олимпијакос.

Пред да потпише со Олимпијакос, Никополидис стана јунак на нацијата после неверојатниот триумф на Грција на ЕП 2004 година.

„Во ПАО седев на клупа и кариерата ми беше доведена во прашање. Не играв пред Европското а веќе имав 33 години, возраст на која си веќе стар во Грција. Не очекував Олимпијакос да ми понуди договор, но ме побараа. Прифатив за да докажам дека и натаму сум најдобар голман во земјата“, изјави Никополидис, кој тешко го прифатиле навивачите на Оли.

Навивачите и новинарите во Атина се прилично уморни од големото дерби кое носи голема тензија, пишува Јокин за ЕСПН. За мене, тоа беше неверојатно искуство. Се вратив сигурен во хотелот, иако луѓето ми викаа дека ќе биде опасно, јас видов само спектакл во кој уживав.

Извор: ЕСПН

24 април 2015 - 14:24