Во кошаркарските кругови преовладува мислење дека на американската кошаркарска јавност најважни ѝ се Олимписките Игри. И ништо друго не може да се спореди со ова, ниту Светско првенство.
Од таа причина на Олимписки Игри секогаш имале повеќе ѕвезди отколку на Мундијалите.
А имаат и една необична традиција: на големите турнири речиси секогаш одат со ѕвездени тренери.
За овој Мундијал кој почнува за неколку дена, САД од клупата ќе ги предводат селекторот Стив Кер (9-кратен шампион како играч на Чикаго Булс и тренер на Голден Стејт Вориорс), Ерик Споелстра (финалист и претходен двократен шампион со Мајами Хит) и Тајрон Лу (шампион како тренер на Кливленд Кавалирс во 2016-та и двократен шампион како играч). До нив на клупата е и одличниот Марк Фју - тренер на Гонзага тимот.
Во моментов репрезентацијата на САД има 16 НБА шампиони: 15 прстени имаат тренерите и 1 играч (Боби Портис со Милвоки Бакс 2021-ва).
Прав Ол-Стар на клупата.
И пазете ова: освен овие врвни стратези на клупата, до нив или зад нив помагаат Џеф Ван Ганди како скаут на ривалите, Чип Енгеланд работи шутерски тренинзи, а Грент Хил е директор на репрезентацијата.
„Баш е некако симпатично да се оддалечиш од нашите регуларни тимови и да дојдеш во друг тим, да ги наместиш работите како треба и да полеташ брзо“, вели Портис и додава: „Стив Кер врши прекрасна работа, не мотивира да пружиме најдобро што можеме. Ми се допаѓа се што прави, имаме пеколен стручен штаб.
Марк Фју, тој очигледно направи пеколно добра работа во Гонзага. Тајрон Лу, страшен НБА играч и НБА тренер. И на крај Ерик Споелстра, неговото резиме самото зборува за него“.
Стив Кер е 9-кратен НБА шампион: пет шампионски титули има како играч и четири како тренер на Голден Стејт Вориорс. Споелстра има три шампионски пехари, два како главен тренер на Мајами Хит. Тајрон Лу има три прстени: два како играч и еден како тренер на Кливленд.
За тоа колку одличен тренер е помошникот Фју збори и фактот што во 24 години како тренер на Гонзага најлоша му била сезоната 2006/2007 во која имал 23 победи и 11 порази.
„Се кладам дека ако ги прашате Ерик и Тај и Марк зошто го прават ова, би ви одговориле исто: „Го сакаме тоа што го правиме“, вели селекторот на САД Стив Кер кој тргнува уште по едно злато.
„Толку многу сме среќни што го правиме тоа што го правиме. Ова е единствено и поинакво искуство од тренирање во НБА. За мене лично, јас не би сакал еден ден да кажам: 'Можев да го сторам тоа и тоа а реков не'. Ова се шест недели надвор од сезоната. Можеби сега звучи како баш многу, но години од сега, тие шест години ќе бидат како ништо... Ќе се сеќаваме на ова до крајот на нашите животи“, вели Стив Кер.
Интересно, Ерик Споелстра, еден од најдобрите тренери во историјата на Мајами има филипински корени и е многу популарен на Филипини, земја во која САД ќе ги игра сите натпревари и во групна фаза, но и во завршницата. Други репрезентации ќе играат во Индонезија и Кина.
Интересно е што цел тренерски штаб има различни позадини, стилови и поинаку работи. Сега се во служба на репрезентацијата.
Стив Кер е најпопуларен НБА тренер и играчите уживаат во работата со него. Како играч беше клучен за титулите на Чикаго Булс а истото е и како тренер на Вориорс. Тајрон Лу е еден од ретките кои имал животна привилегија да игра со или да ги тренира Коби Брајант, Леброн Џејмс, Шекил О'Нил, Џејсон Кид, Кавај Леонард...
„Забавно е. Имаш толку различни тренери и терминологијата е толку различна. Ние кај нас можеби викаме за некоја акција '77' или 'одложи' а Стив Кер ја вика 'отворено', Марк ја вика 'зумирај'... А истовремени реакции имаме. Многу пати се смееме на тоа но кога сериозно зборуваме, тогаш момците навистина сериозно слушаат. Има многу почит во соблекувалната“, вели Тајрон Лу.