Вембанјама го урна шампионот! Сан Антонио е во финале на НБА после 14 години

Кошаркарите на Сан Антонио Спарс се пласираа во големото НБА финале откако синоќа во мајсторката го победија актуелниот првак Оклахома Сити Тандер 111:103 на гости. Вембанјама покажа дека е еден од најдобрите кошаркари на свет.

Сан Антонио Спарс ја затвори серијата против Оклахома Сити Тандер во финалето на Западната конференеција онака како што ја отвори - со триумф.

Шампионот е тргнат од тронот а Виктор Вембанјама и Спарси ќе одат по пехарот во големото финале.

Младиот Французин беше најдобар поединец во победничкиот состав со 22 поени (7/15 од игра), со 7 скока. Му помогнаа Џулијан Шампањи со 20 поени од кои 18 беа по шутеви за три поени и со шест скока, како и Стефон Касл со 16 поени и шест скока, шест асистенции, Диерон Фокс со 15 поени со пет асистенции, Дилан Харпер со 12 поени и седум скока, Келдон Џонсон и Девин Васел со 11 запишани поени.

Големото финале започнува во среда вечер кога Сан Антонио Спарс ќе биде домаќин и е фаворит според кладилниците.

МВП на НБА лигата Шеј Гилџес-Александер уфрли 35 поени (12/21) со девет асистенции но не успеа да го одведе својот тим до ново финале.

Ова значи дека НБА лигата осма сезона по ред ќе добие осми различен шампион.

Покрај ШГА ефикасни кај Тандер беа уште и Кејсон Волас со 17 поени, Џеред Мекејн и Алекс Карузо додадоа по 12 поени.

Сан Антонио Спарс сезонава доби дури 8 од 12 меѓусебни дуели со Оклахома Сити Тандер меѓу кои и овој најважниот во мајсторката.

31 мај 2026 - 11:45