Белградски Партизан и Мега го испратија Дејан Милојевиќ во вечноста. Тренерот кој му беше асистент и најблизок соработник на Стив Кер во шампионскиот Голден Стејт Вориорс, почина на една тимска вечерва во Солт Лејт Сити пред мечот со Јута Џез.
Дејан Милојевиќ одигра и неколку сјајни сезони во Партизан кој го лансираше во ѕвездите. Деки отсекогаш отворено ја изразуваше љубовта кон црно-белите а од 2012-та беше тренер на Мега со која освои неколку трофеи.
Токму овие два тима го играа мечот од АБА лига на кој се постави нов рекорд по посетеност со преку 23.000 гледачи.
Стив Кер на меморијалната прес-конференција се појави со црна маица со натпис БРАТЕ и иницијалите Д.М. во срце.
„Срцепарателно. Неутешно. Ова е најтешкиот момент од кога сум дел од НБА. Тешко е да се опише нашата недела. Изгубивме некој толку близок до нас. Уште поважно, најтешко е да се види како пати неговото семејство.
Последнава недела, последниве пет дена беа исполнети со шокови, емоции, големи изливи на љубов... Не знам дали некој од вас го гледаше настанот во Србија, двете екипи во кои Деки беше, Мега која што ја тренираше и Партизан во кој беше ѕвезда. Не знам дали сум видел таква посвета од навивачи пред натпревар. Го гледавме со тимот. Добивме многу подобра слика за тоа што значел Дејан за своите сонародници.
Се разбира тој ни значеше многу, Наташа, Маша и Никола... Ова е неутешно за нас“, изјавил трофејниот Стив Кер чиј татко, дипломатот Малком Кер во 1984-та година бил убиен во Бејрут, главниот град на Либан.
НБА лигата ги одложи двата претходни меча на Голден Стејт Вориорс против Јута Џез и Далас Маверикс, а „воините“ се враќаат на паркетот во среда вечер на домашен терен против Атланта Хокс.
Голем дел од играчите и стручниот штаб биле присутни на кобната вечера во Солт Лејк Сити, па тренерот Стив Кер изјави дека сите бараат утеха низ меѓусебен разговор. Еден од оние кои најтешко го пребродувал периодот е центарот Кевон Луни кој блиску соработуваше со Милојевиќ кој беше и задолжен за центрите во екипата.
Емоции до небо во Белград, Партизан и Мега се простија од Дејан Милојевиќ