Пред 3 години сонувал да биде новинар, сега игра за титула во финале на НБА

Неверојатен е обемот на ирационалност во кариерата на Данкан Робинсон, полу-анонимниот кошаркар на финалистот Мајами Хит кого играчи, тренери и навивачи, буквално сите го молат да почне да ѝ помага на екипата со тоа што ќе стане посебичен и ќе зема повеќе шутеви за себе.

Што направи Џими Батлер откако сам го победи Лејкерс во еден од најимпресивните настапи во еден меч од НБА финале пред некоја вечер? Изјави дека најјакото од Мајами дури сега треба да се види, затоа што најсилното оружје на Хит уште не е распоредено.

Батлер со 40 поени и трипл-дабл учинок го сопре налетот на ЛА Лејкерс и намали на 2-1 во серијата.

Данкан Робинсон е еден од помалку зборуваните играчи на Мајами, но во Хит трпеливо го чекаат. Данкан е еден од најнеобичните играчи во НБА кој слабо игра во овој плејоф, па поради бледите партии решил помалку да зборува во јавноста.

Неговата појава во големото финале сама по себе е неверојатна приказна.

ВО 2017-ТА РОБИНСОН САКАЛ ДА СТАНЕ СПОРТСКИ НОВИНАР

Пред три години Данкан Робинсон мислел дека неговата кошаркарска кариера му е пред крај. Откако заиграл за тимот на Мичиген на колеџ, Данкан му напишал порака на новинарот на The Ringer, Марк Тајтус.

„Здраво Марк, јас сум Данкан Робинсон и играм за првиот тим на Мичиген. Ти се обраќам затоа што по еден предмет ни побараа да се поврземе со некој од областа за која сме заинтересирани. Јас сум голем љубител на The Ringer и посебно на твојата работа. Сакав да те прашам дали имаш време да стапиме во контакт за да евентуално научам нешто повеќе од твојата улога како новинар и за Рингер општо. Секое добро!„

А тимот на Мичиген се држел до современите принципи на НБА баскетот: доминирачки пик-ен-рол, четири играчи на периметар, висок процент на погодени тројки итн.

Данкан Робинсон бил незабележителен статист во тимот, четврти играч кој имал во просек по 7,7 поени и 1,7 скокови. Тренерот на Мичиген еднаш побарал од скаутите во клубот да ги оценат шансите на неговите студенти за НБА драфтот. Робинсон добил 0 шанса.

ЗОШТО УПОРНО ГО ИГНОРИРАЛЕ?

Самиот Данкан Робинсон денес признава дека во школо бил сосема просечен играч. Во кошарката останал само формално, ради реда затоа што заиграл за тимот Вилијамс, третолигаш во дивизијата NCAA каде морал да настапува за да паралелно стекне и високо образование. Во Вилијамс дошол после 1 година образование на Академијата Филипс Ексетер.

Во тимот на Вилијамс, Данкан Робинсон веќе заиграл на повисоко ниво, стигнале до финалето на државното првенство, а тој самиот имал по 17,1 поен и 6,5 скока. Но тоа ништо глобално не сменило.

Неговиот премин на повисоко ниво не бил поврзан со неговите партии, туку со тоа што тренерот Мајк Мејкер кој го викнал да игра за колеџот Вилијамс, отишол да работи на повисоко ниво во Прва Дивизија за тимот Марист. Во Мичиген, Данкан Робинсон поминал 4 години. За тоа време два пати испаѓал од прва петорка и најмалку четири пати не бил ни на клупа за резерви.

Универзитетот Мичиген е еден од најпрестижните програми во САД: имаат сериозна кошаркарска екипа, ја пренесуваат на телевизија, посветено им е големо внимание.

Но скаутите пак не го приметувале Данкан Робинсон, дури ни по веста за „81 тројка на Робинсон по ред на тренинг“, ни по признанието за најдобар шести играч во лигата, ниту за пласманот во големото финале 2018. Просто го игнорирале.

Можеби и затоа што Данкан просто не правел ништо на терен. Излегувал на паркет и постојано бил во позадина, во сенка, во некое ќоше или на страна па со тоа го привлекувал вниманието на ривалите кои го чувале. Кога имал слобода, погаѓал 38% шут за три поени (287. место бил во NCAA) но со ништо друго не учествувал во играта:

- Во 2018 Робинсон веќе имал 24 години

- Не го викале на никаква проба пред драфтот

- Не го викнале ниту на драфт-комбајн

- Никој не го гледал на самиот драфт

Во еден период имал 15 тренинзи со различни НБА тимови и на еден го приметил скаутот на Мајами Хит, Чет Камерер.

КАКО ХИТ СЕ РЕШИЛЕ ЗА НЕГО?

Во Летната лига Робинсон добил покана да тренира и игра со Мајами и со Лејкерс. Тој се решил за Хит зошто сметал дека полесно ќе најде место во клубот каде нема баш млади играчи.

Му дале двостран договор, но не и место во НБА. Управата и стручниот штаб сметале дека тој треба да престане да се срами на теренот и да почне да шутира. Дури и ако во некој напад не шутне  а има шанса, морал да одработи казна: трчање кругови. 

Наскоро добил договор и потпишал со Мајами Хит. Во првата сезона се појавил на 15 меча во НБА. Поголем дел од времето играл за филијалата на Мајами Хит во G-развојната лига.

Негов нов тренер во резервниот состав станал Невада Смит, човек кој направи револуција во шутот за три поени во Хјустон Рокетс. Токму Невада Смит го убедил Данкан да шутира се почесто и почесто за три поени и да го зголеми бројот на обиди за три. Првпат во кариерата Данкан заиграл агресивно и не чекал многу кога имал простор за шут.

Ова го довело до просек од 9,8% обиди за три поени по натпревар (воглавном во G-лигата) и имал 48,3% прецизност.

Неговиот напред бил очигледен: веќе двометраш брзо се движел меѓу едниот и другиот обрач и ја тапкал топката преку глава. Поради брзината, растот и габаритот, просто невозможно е да го „залепат“. 

Но за луѓето од струката на Мајами Хит и натаму бил тромав.

Тренерите на Хит посебно ги нервирало тоа што новиот играч е мрзлив и не се бори за „ничии“ топки на теренот. Затоа смислиле посебна програма за него и морал многу понапорно да работи да се тргне од летаргијата: ако не шутира ќе трча кругови и ќе прави склекови.

Во клубот решиле сериозно да поработат со него и за една година качил пет килограми маса, работел во одбраната, трчал непрестано на тренинг.

Пред втората сезона на Данкан во клубот, тренерот Ерик Споелстра веќе не криел ништо: „Данкан е еден од најдобрите снајпери кои сум ги видел во животот“.

Споелстра и самиот рекол дека кога претседателот Пит Рајли се решил да му даде шанса да стане тренер на Мајами, овој бил уште млад без никакво искуство и дека се плашел како ќе се справи со суперѕвезди како Леброн Џејмс, Двејн Вејд и Крис Бош, ѕверови кои сакаат само титула и ништо друго.

„Му зборував на Данкан за моето искуство и му кажав дека човек некогаш треба да верува во себе. Тој имаше многу добри статистики и секогаш му викам: што уште треба да направиш за да стигнеш на повисоко ниво“, вели Споелстра за Робинсон.

Сезонава во регуларниот дел Данкан Робинсон има 8,3 обиди за три поени по натпревар (12-ти во цела НБА по овој параметар) и од нив реализирал 45% (4-ти тројкаш во НБА).

Со најголемото изненадување сезонава, Мајами Хит, во финалето стигна и Данкан Робинсон. Пред нив се исправи ЛА Лејкерс кој во моментов води 2:1 во серијата.

Данкан дали поради тоа што хиперактивноста на Лејкерс го сопре, дали поради тоа што фали повредениот Бем Адебајо со асистенциите или и самиот е исплашен од појавата на Леброн Џејмс пред него, не покажува партии на свое ниво.

- Во првиот меч имал 3 обиди и 0 погодени тројки
- Во вториот меч 2 од 7 погодени тројки („Морав да го молам да ја шутне таа проклета топка“, рече Споелстра на прес после вториот дуел)
- На третиот натпревар имаше чуден однос: 4 погодени тројки од 12 обиди (во плејофот има 38% погодени шутеви за три). На крајот од третиот меч на кој Мајами победи, Данкан имаше показател плус-минус +27 учинок.

Но Данкан Робинсон и одново се соочува со главниот проблем кој го прати во текот на целата кариера. Човек кој отворено зборува за синдромот лажго, вози стара кола, се замислува себеси како игра кошарка во втора лига во Литванија за 1.000 долари месечно, не се одвојува од ранецот од Мичиген, уште не сака да ја прифати новата реалност дека е НБА играч со многу висок квалитет.

„Стани малку егоистичен, себичен, ти мора да шутираш“, му викал школскиот тренер.

Тренерот на Мајами Хит Ерик Споелстра не практикувал само да го казнува поради мрзливоста и пасивноста со склекови и кругови, туку и постојано барал од него да шутира кога има можност.

Се чини дека неверојатната приказна на Данкан Робинсон, кој од просечен средношколски играч стигнал до големото НБА финале каде треба да се носи со тешкашите Ентони Дејвис и Леброн Џејмс, како да инспирира секој да верува во својата самодоверба и во ирационалното. А уште почудно е што сите скаути, соиграчи, тренери и навивачи од него бараат да прекине да мисли на себе и да им помогне на другите со тоа што ќе стане посебичен и ќе шутира снајперски точно.