Затворска казна од 11 месеци за родителот кој тепаше деца на ФК Брегалница

Два месеци по грдите сцени во Штип во младинскиот фудбал, доаѓаат убави вести. За памет нека е.

Родителот кој на фудбалскиот натпревар во младинските категории меѓу Брегалница и Шкупи нападна двајца 15 годишни играчи доби казна затвор од 11 месеци.

Одлуката е донесена во Основниот суд Штип и се однесува на кривично дело насилство, кое го сторил Авни Абгулиј од Скопје.

Пресудата не е правосилна, што значи осуденикот ќе има право да се жали на Апелација во Штип.

Инцидентот се случи на 24 август во Штип, откако синот на Абгулиј добил втор жолт картон и бил исклучен од натпреварот.

„Незадоволен од одлуката најпрвин синот се однесувал неспортски и со тупаници и клоци се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на терен влегол таткото и со тупаници и клоци почнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди, повеќе набиеници и скршеници на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, се вели во соопштението на ОЈО.

Два дена по инцидентот, ФФМ донесе неколку дисциплински постапки.

Со најголема казна се соочи Абдуљи Леарт, која е исклучен доживотно од фудбалот порази физички напад на противнички играч на кој му нанел сериозни повреди.

Уште двајца играчи на ФК Шкупи, Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар беа казнети на три месеци. Гоцев Симеоне од ФК Брегалница беше казнет со четири натпревари.

Видео од срамот

27 октомври 2025 - 11:13