Почнува Светското во кошарка, кои се најголеми ѕвезди и фаворити?

Од денес 25-ти август до 10-ти септември првпат во историјата Светско првенство ќе се игра во три земји: Јапонија, Индонезија и Филипини.

На Мундијалот кој стартува денес ќе играат 32 репрезентации: 12 европски, 7 американски, 5 африкански и 8 од земјите од Азија и Океанија.
Од 25-ти август до 30-ти август ќе се игра првата групна фаза, а од групи во следна рунда одат по две репрезентации.

СОСТАВОТ НА ГРУПИТЕ:

Група А

ИТАЛИЈА
ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА
ФИЛИПИНИ
АНГОЛА

Единствена интрига во оваа група е дали домаќинот Филипини кој е непознаница и во чие првенство се игра речиси аматерска кошарка за шоу, ќе може да оди во следна рунда.

Најдобар играч на оваа селекција е Џордан Кларксон а лидер на Доминиканска Република е НБА суперѕвездата Карл-Ентони Таунс. Италија е најголем фаворит и со одличниот селектор Поцеко веќе се гледа себеси во следната фаза.

Група Б

СРБИЈА
КИНА
ПОРТОРИКО
ЈУЖЕН СУДАН

Интересно во оваа група е што селектор на Кина е прославениот српски кошаркарски ас и тренер Александар Саша Ѓорѓевиќ кој беше селектор на Србија пред сегашниот Пешиќ и кој освои две сребрени медали од големите натпреварувања со својата земја.

Кина и Србија се фаворити во оваа група пред Порторико и Јужен Судан но Порториканците не се за потценување.

Група Ц

САД
ГРЦИЈА
НОВ ЗЕЛАНД
ЈОРДАН

Единствено прашање тука е со колку кошеви разлика во просек ќе победуваат Американците кои во подговителниот период ја згромија Словенија со 30 поени разлика.

САД е и главен фаворит за злато. Дојдоа на ова Светско во подмладен состав со пар НБА ѕвезди кои би требале да ја направат најголемата разлика. Најголема предност во однос на ривалите им е што на клупа им се селекторот Стив Кер и неговите помошници Ерик Споелстра (Мајами) и Тајрон Лу (ЛА Клиперс).

Група Д

ЛИТВАНИЈА
ЦРНА ГОРА
МЕКСИКО
ЕГИПЕТ

Оваа група со сигурност е една од најинтересните на Мундијалот. Литванија и Црна Гора се главни фаворити за првите две места, но непознатите Мексиканци би можеле некому да се обидат да замрсат сметки.

Црногорците доаѓаат во полн состав со сите најдобри кошаркари Никола Вучевиќ, Кендрик Пери и Бојан Дубљеивќ, а на Литванија ќе ѝ фали нивниот лидер Домантас Сабонис кој поради повреда го пропушта Светското.

Група Е

ГЕРМАНИЈА
АВСТРАЛИЈА
ФИНСКА
ЈАПОНИЈА

Уште една интересна група од првата рунда. Германците со Шредер, Тајс, Воигтман и Франц Вагнер се меѓу фаворитите за завршница.

Австралија доаѓа со еден куп НБА играчи и спремна предводена од Пети Милс, Данте Егзум и капитенот Инглс да стигне што подалеку.

Група Ф

СЛОВЕНИЈА
ГРУЗИЈА
ЗЕЛЕНО'РТСКИ ОСТРОВИ
ВЕНЕЦУЕЛА

Група во која за многу работи ќе се прашуваат Лука Дончиќ и Еди Таварес, но и Торнике Шенгелија. Словенија и Грузија се главни фаворити за првите две места и пласман понатаму но МВП на Евролига за минатата сезона, џинот Еди Таварес сака да игра и повеќе од групна фаза на овој Мундијал со Зелено'ртски острови.

Група Г

ШПАНИЈА
БРАЗИЛ
ИРАН
БРЕГ НА СЛОНОВА КОСКА

Тука Шпанците како актуелни европски шампиони се сигурно први освен ако не се случи некое огромно изненадување. За второто место ќе се борат селекции чии главни лидери се 40-годишниот Марселињо Уертас и 38-годишниот Хамеда Хадади.

Ќе биде интересно да се види кој ќе заврши втор.

Група Х

ФРАНЦИЈА
КАНАДА
ЛАТВИЈА
ЛИБАН

Во оваа група голема битка за првото место ќе водат „триколорите“ и Канаѓаните. Французите на ова Светско се во состав спремен да нападне злато и да ги победи дури и Американците.

Засилени со по 2-3 врвни играчи на секоја позиција, избраниците на францускиот селектор би требало лесно да ја поминат првата фаза.

Уште во првото коло играат меѓу себе со Канаѓаните и тука ќе се реши единствената интрига во групата. 

Канаѓаните го имаат по звучност можеби најсилниот состав на Светсково. И покрај тоа што се без Џамал Мареј, шампионот на НБА со Денвер Нагетс, тука се Гилџес-Александер и Дилон Брукс и уште многу други НБА кошаркари спремни да направат шоу.

КОГА Е ВТОРА ФАЗА?

Од 5-ти до 10-ти септември почнува нокаут фазата. На крајот олимписка виза ќе извадат шест селекции и плус Франција како домаќин на Олимписките Игри.

ШТО ДА СЕ ОЧЕКУВА ОД ПРВИОТ ФАВОРИТ?

САД на претходното Светско првенство 2019 во Кина играа мизерно и завршија на најслабо во нивната историја - 7-мо место.

Тогаш селектор им беше легендарниот Грег Поповиќ, а сега ги водат Стив Кер, Ерик Споелстра и Тајрон Лу. САД на Мундијалот дојде со млад и амбициозен тим. Главни ѕвезди се Ентони Едвардс, Брендон Инграм, Остин Ривс, Микел Бриџис, Џарен Џексон, а Кер би требало да се потпре на хиператлетска петорка која би требало да ги завршува нападите во неколку секунди.

КОЈ МОЖЕ ДА ИМ СЕ СПРОТИВСТАВИ?

Франција, Германија, Австралија, Канада и Шпанија.

Французите беа трети на Светското 2019 и втори, вицешампиони на Евробаскет 2022. Идејата на селекторот Коле не е сменета. Играат со гигантите Руди Гобер и Мустафа Фол во рекетот. Таму често имаат помош од искусниот Никола Батум.

Франција во составот има и ѕверки како Нандо Де Коло и Еван Фурние кои важат за можеби најдобар напаѓачки тандем на Мундијалот.

Во подготвителниот период најмногу покажа Јабуселе, универзалецот кој направи животински напад во 1/8 финале на Евролига на мечот меѓу Реал Мадрид и Партизан кој се прекина при водство на белградскиот тим. Беше суспендиран на 8-9 меча и се врати во одлична форма.

Германија играше супер интересен баскет на Европското во 2022 кога беа домаќини. Во меѓувреме во подготвителните средби ја совладаа Канада и водеа +16 против САД. Германците имаат длабочина во составот: имаат подвижни „тешкаши“ како Фоигтман, Тајс, Мо Вагнер. Имаат главна ѕвезда во Франц Вагнер од НБА, го имаат Денис Шредер кој е лидер.

Германците можат со сигурност да се носат со актуелниот САД.

Австралија отсекогаш била габаритна под кошот но годинава останаа без снажниот Џок Лендејл кој е повреден и откажа настап. Пројде времето на ветераните Богут и Бејнс.

Затоа надворешната линија со Милс-Гиди-Егзам им е пеколна и може да разбие сечија одбрана, па и таа на САД.

Канада ќе игра без Џамал Мареј и Ендрју Вигинс но и покрај тоа котира максимално високо. Канаѓаните имаат една голема предност: со голема веројатност го имаат најдобриот играч на Светското ако се подразбира дека кошарката е екипна игра во која соиграчите и помагаат на главната ѕвезда да покаже дека е најдобар.

За разлика од Лука Дончиќ, Гилџес-Александер е совршен за пик-н-поп со Кели Олиник, за совршен пик-н-рол со Двајт Пауел и верен асистент на Ар Џеј Барет.

Но ајде да видиме како плејот на Оклахома Сити Тандер ќе се однесува во меѓународната кошарка, иако скоро сигурно ќе му се допадне поблиската линија за три поени.

25 август 2023 - 10:22